Папата Франциск:

ВАШАТА ЗЕМЈА Е МОСТ ПОМЕЃУ ИСТОКОТ И ЗАПАДОТ, МЕСТО КАДЕ ШТО СЕ СЛЕВААТ МНОГУ КУЛТУРНИ СТРУИ

(Преземено од МКД)


Неговата Светост, папата Франциск, кој имаше свечен пречек во претседателската резиденција, Вилата „Водно“, се заблагодари за можноста што му се укажа да ја посети нашата земја и која доаѓа како прва посета на еден наследник на апостолот Петар на 25-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Северна Македонија и Светиот престол.
Високиот гостин и неговата придружба од избрани кардинали, меѓу кои и државниот секретар на Ватикан, Пјетро Паролин, беа пречекани со највисоки државни почести.
По интонирањето на државните химни на Ватикан и на Република Северна Македонија, смотрата на почесната воена гарда и поздравот на државното знаме на Република Северна Македонија, папата Франциско имаше одделни средби со претседателот Иванов и премиерот Заев, на кои присуствуваа и членовите на нивните семејства.
Светиот отец, папата Франциск, потоа се обрати пред присутните гости од државните институции на нашата земја, пред претставници на дипломатскиот кор и пред претставниците на граѓанското општество и медиумите.
„Вашата земја е мост помеѓу Истокот и Западот и место каде што се слеваат многу културни струи, каде што се обединуваат многуте карактеристики на овој регион. Со историските сведоштва од нејзиното византиско и отоманско минато, со монументалните тврдини низ планините и прекрасните иконостаси во старите цркви, кои ја докажуваат христијанската присутност од времето на апостолите, се изразува нејзината богата илјадулетна култура што ја наследила. Но, дозволете ми да кажам дека ова културно богатство е само огледало на вашето најценето и најважно наследство: мултиетничкиот и мултирелигискиот состав на ликот на вашиот народ, плод на богатата историја и комплексните односи во текот на минатите години“, истакна папата Франциско во своето прво обраќање пред македонската јавноста во рамките на својата апостолска посета на нашата земја.
Во своето обраќање папата Франциск ги истакна солидарноста и хуманоста со бегалската трагедија што ја покажаа граѓаните и надлежните хуманитарни организации во Република Северна Македонија и се задржа на мисијата на светата Мајка Тереза, која како наша сограѓанка ја прошири својата мисија за помош на запоставените, на отфрлените и на најсиромашните токму од Скопје.
„Ве охрабрувам да го следите верно почнатиот пат и да ја направите вашата земја светилник на мирот, гостопримството и интеграцијата, која ќе роди плодови помеѓу културите, религиите и народите. Тргнувајќи од соодветните идентитети и динамиката на нивниот културен и цивилен живот, тие ќе може да изградат заедничка иднина учејќи се од богатствата што секој од нив ги носи со себе. Бог да внимава на вас и да ја благослови Северна Македонија, да ја зачува хармонијата и да даде просперитет и радост!“, порача светиот отец, папата Франциск, во своето обраќање од претседателската резиденција Вила ‘Водно’ по средбите со претседателот Иванов и премиерот Заев.