Акад. Иван Катарџиев

ЕДНО ПАТУВАЊЕ ОД ПИРИН ВО СКОПЈЕ, ГЛАВЕН ГРАД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 1944-1989. ЧЕКОРЕЊЕ ВО ВРЕМЕТО И ПРОСТОРОТ


Тоа беа почетни иницијативи за привлекување на младината, во оваа организација. Во едно земјоделско гратче како св. Врач, освен кај побогатите граѓани чии синови беа во Младинската организација на Ванчо Михајлов, кај другите немаше интерес за политичка активност. Важно беше да се осигура исхраната. За ширењето на РМС мене ме праќаа по селата. Учествував во предизборната кампања за прогласувањето на Бугарија во Република и за изборот на Георги Димитров за претседател на Бугарија.
Во тоа време политичката ситуација во градот беше доста тешка. Во градот се ширеа разни мистерии. Луѓето зборуваа дека на прозорците на куќите се појавувал ликот на св. Богородица. И тоа не било добро. Во околината на градот се наоѓаше патот по кој се движеа политичките противници на режимот кои бегаа во Грција. Во градот особено ноќе завладеа страв. На разни клучни места во градот градските власти поставуваа заседи. Еден ден рано наутро, наша комшивка Стојанка, многу убава девојка тргнала рано да оди на железничка станица за да патува некаде. Во темното и студено утро најверојатно од страв, заседата без да ја предупреди, стрелала и ја уби. Тоа одекна многу лошо во градот. Една ноќ полицијата мене исто така ме одведе во заседа. Ми дадоа пушка и пиштол иако јас не знаев да ракувам со нив. Од сегашна точка гледано, тоа беше обична лудост на комунистичката власт на градот. Во градот имаше голем реваншизам против луѓето од бившата власт. Луѓе беа убивани без секаков суд и фрлани во каналите со вода.
По завршувањето на гимназијата и по враќањето од Софија се постави прашањето што понатаму? Сакав да студирам медицина, но за тоа немаше средства.

7. Создавањето на македонската држава и нејзиното влијание во Пиринска Македонија
Мојата и на мојата генерација завршени средношколци желба за високо образование и воопшто за остварувањето на идеалите за единствена Македонија во втората половина на летото 1946 година ги реши одржувањето на 10 Пленум на 6 и 7 август 1946 година и „неговите решенија за давање на културна автономија на Македонците во пиринскиот дел на Македонија“.
Во историската публицистика нема систематизирани информации какви мерки биле преземени за практично материјализирање на решенијата на 10 Пленум. Има повеќе претпоставки отколку документарно набројување на тоа што бугарските државни институции задолжително презеле за донесувањето на конкретни решенија во исполнувањето на задачите од пленумот.
Едно е јасно дека првите чекори што биле направени за реализацијата на решенијата на Пленумот биле во областа на образованието. Тоа било тесно поврзано со создавањето на потребната кадровска структура образована на македонски јазик што ќе работи во македонските образовни институции за потребата на културната автономија во Пиринска Македонија. Вториот релевантен момент билa примената на тие решенија во текот на учебната 1946-1947 година.
Претпоставката дека така се одвивале првите практични решенија по одржувањето на Пленумот се базираат на следниве сознанија:
Неполни два месеца по одржувањето на пленумот во крајот на месец септември 1946 година во св. Врач (денешен Сандански) каде што јас живеев, се доби информација дека помеѓу Бугарија и Југославија била потпишана спогодба определен број завршени средношколци од Пиринска Македонија да се запишан на Универзитетот во основање во Скопје. Информациите говореа дека Универзитетот во Скопје ќе се отвори есента 1946 година.
Првично било договорено да се запишат 20 студенти, односно по 4 души од сите 5 околии во Пиринска Македонија.
Сето тоа било спроведено во наведените 5 околии и кому била поверена задачата да го спроведе изборот не ми е познато. Меѓутоа во средината на месец октомври ми соопштија дека меѓу четворицата избрани за студирање во Скопје од св. Врач сум бил избран и јас.
Кога тоа ми го соопштија немаше крај на мојата радост. Меѓутоа, по извесно време ми јавија дека јас сум испуштен од списокот за студирање во Скопје. Причината за тоа била дека сум бил планиран да работам во АГИППРОП на Околискиот комитет на партијата. Исто така било договорено наредната учебна 1947-48 година да ме пратат на студии во Москва или Прага. Се мислев кои би биле причините за таа промена. Јас и во гимназијата и како претседател на Градската младинска организација бев доста активен и особено во поддршката на политиката по македонското прашање. Жестоко реагирав на решението да бидам изоставен од списокот за Скопје. По една или две недели ми беше јавено дека треба да ги подготвам потребните документи за одење на студии во Скопје. Откако сите 4 души од св. Врач, но и од другите околии од Пиринска Македонија ги подготвивме документите се договоривме на 25 декември 1946 година да се собереме во Софија од каде потоа заедно ќе заминеме за Скопје. На 25 декември 1946 година, вечерта тргнавме од Софија за Ниш. Овде го дочекавме возот од Белград за Скопје. Во Скопје пристигнавме на 26 декември во попладневните часови. Сонцето уште не беше зајдено. На станицата не дочека деканот на Филозофскиот факултет проф. д-р Михаил Петрушевски со група студенти. После размената на пригодни поздрави на добредојде, се упативме кон студентскиот дом кој се наоѓаше спроти Трговската гимназија. Денеска не постојат ниту гимназијата ниту студентскиот дом. Не сместија во соби со по 12 до 16 кревети. Така почна мојата нова животна авантура. Во моментот кога влегов во спалната на студентскиот дом сфатив дека е тоа нова фаза во мојот живот. Си заклучив, не знам зошто, дека полека и постепено врската со родителите и со родниот крај ќе се најдат во криза. Зошто тоа го помислив не знам. До толку повеќе што ние средношколците од Пиринска Македонија што дојдовме на студии во Македонија требаше да бидеме првите кадри образовани на македонски јазик што по завршувањето на факултетот требаше да се вратиме во Пиринска Македонија за да ја спроведуваме културната автономија. Сето тоа во тие моменти ми изгледаше далеку и нестварно. Во тој момент во мене постоеја два човека. Едниот, новиот, што се наоѓа пред нова неизвесна иднина и другиот во Сандански во куќата во која ги оставив моите стари и измачени од работа родители заедно со браќата и сестрата.
Друго нешто што особено ме интересираше во тоа време беше прашањето како ќе се одвиваат активностите за се потесно поврзување на двата дела на Македонија – Пиринска со Народна Република Македонија. Треба да кажам дека во последната година од гимназијата во нашиот клас имаше многу жива дебата за можното обединување на Пиринска и Федерална Македонија во Федерална Југославија. Тоа се одобруваше, но повеќе се поврзуваше со прашањето за создавање на обединета македонска држава. Во таа дебата се предлагаше да нема граница помеѓу обединетата македонска држава и Бугарија. Луѓето од Пиринска Македонија граѓани на обединета Македонија да можат слободно да се движат преку границата во Бугарија. Друго прашање беше, прашањето за македонскиот јазик. Тоа беше многу актуелно прашање меѓу нас студентите од Пиринска Македонија во Скопје. Тоа беше резултат на најмалку две работи. Студентите од Пиринска Македонија добро го познаваа бугарскиот јазик и неговиот литературен облик, неговите изразни можности што тоа не беше случај со македонскиот јазик во создавање. Во разговорите со луѓето и студентите во Скопје доминираа темите за големата присутност на србизми во македонскиот литературен јазик.
Во моментот јас не можев да се ослободам од тие дилеми. До толку повеќе што допрва постоеше средба со новата средина.

(Продължава в следващия брой)