Македонец, првиот пратеник во албанскиот Парламент

ВАСИЛ СТЕРЈОВСКИ ИЗБРАН ЗА ПРАТЕНИК ВО АЛБАНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ


Васил Стерјовски, генерален секретар на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција(МАЕИ) е пратеник во албанскиот Парламент.
-По известувањето од Централната изборна комисија на Албанија, Извршниот комитет на МАЕИ донесе одлука Стерјовски да го прифати пратеничкиот мандат и во парламентот да ја претставува програмата на Македонска алијанса за европска интеграција како дел од парламентарната опозиција,соопштија од партијата.
На последните парламентарни избори одржани во јуни 2017 година МАЕИ беше дел од изборната коалиција предводена од Социјалистичкото движење за интеграција. Тогаш лидер на партијата беше Илир Мета, актуелинот претседател на Албанија. Врз основа на договорот Васил Стерјовски беше петти на кандидатската листа за округот Корча.
Стерјовски,на првата седница на албанскиот законодавен дом, седне во собранската сала и даде заклетва. Тој е првиот пратеник во албанскиот Парламент во плурална Албанија, кој доаѓа од македонска партија, но и воопшто како пратеник кој јавно се декларира како Македонец.
Васил Стерјовски е познат активист за правата на Македонија во Албанија. Запишан е на докторските студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, Македонија, на Институтот за национална историја на студиската програма на хуманистички науки, подпрограма Историја на Македонија, со потесна област на истражување Македонците во Албанија.

— — —

ОБРАЌАЊЕ НА ВАСИЛ СТЕРЈОВСКИ ВО СОБРАНИЕТО НА АЛБАНИЈА

Почитуван претседател на Собранието,
Почитувани пратеници,
Имам историска должност да Ви пренесам поздрави од Македонците, кои се лојални државјани на Република Албанија, бидејќи таа е и нивна матична држава.
Во Албанија сме родени, во Албанија живееме, во Албанија работиме, како албански државјани заедно ќе се грижиме и ќе ја браниме Република Албанија како наша заедничка татковина и нејзините интеграции во Европската Унија, потпирајќи се на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави.
Имаме прекрасна држава на која треба сите да и’ се радуваме, Господ и природата се’ ни дале!
Јас сум генерален секретар на единствената Македонска партија во Република Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција, која покрај другите политички партии, се грижи за сите, меѓу нив и за унапредување на положбата и правата на Македонската заедница во нашето мултикултурно, мултијазично и мултиконфесионално општество.
Македонците од Албанија, им се придружија на албанските партизани во Втората светска војна и помогнаа во ослободувањето на Албанија од фашизмот и станаа важен дел од оваа земја. Затоа и ние Македонците, заедно со Албанците, Грците, Власите, Ромите, Еѓиптјаните, Србите, Црногорците, Бошњаците, се чуствуваме рамноправни со рамноправните пред Уставот и законите.
И досега многу Македонци ги имало и ги има во институциите на системот. Јас сум горд, затоа што сум пратеник во Собранието на Република Албанија, за првпат во нејзината историја, од регистрирана Македонска партија.
Според договорот за коалиција од 2017 година меѓу, Македонска алијанса за европска интеграција и Социјалистичкото движење за интеграција, бев петти на листата на Социјалистичкото движење за интеграција, во Округот Корча.
Изразувам благодарност до Собранието на Република Албанија кое во 2013 година ја вратија македонската топонимија на општина Пустец и нејзините девет села.
Општина Пустец е интересна туристичка дестинација, која е запоставена последните 28 години, и сметам дека Владата треба да вложи во развојот на туризмот, патната инфраструктура, водоводот и канализацијата, како и треба да помогне во меѓуграничната соработка и развојот на евро-регионот и национален парк “Преспа“ меѓу Албанија, Грција и Македонија.
Се разбира, Македонската заедница во Република Албанија не се само Македонците во општина Пустец и селото Врбник во областа на Девол. Македонците во Албанија живеат во педесетина села долж албанско-македонската граница, во областите Мала Преспа во Округот на Корча, Голо Брдо во Округот на Дебар и Гора во Округот на Кукс, како и во градовите Тирана, Елбасан, Драч, Корча, Билишта, Подградец, Кукс, и други места.

Почитувани пратеници,
Македонците во Република Албанија и Албанците во Република Македонија се мостови на соработка и братство во македонско-албанските односи, врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност.
Ќе вложам се’ од себе, заедно со сите Вас, до крајот на мандатот да ги остварам надлежностите на пратеник во ова Собрание и да ги понесам одговорностите од предизвиците пред кои се исправени општеството, народот и државата, сите ние заедно.

Ви благодарам на вниманието.