Виножито во писмо испратено до Вселенскиот патријарх Вартоломеј

ВИНОЖИТО БАРА ОД ВАРТОЛОМЕЈ БОГОСЛУЖБА НА МАКЕДОНСКИ ВО ГРЧКИТЕ ЦРКВИ

(Преземено од „Вечер“)


Воведување на богослужба на современ македонски јазик во црквите каде живеат македонски православни христијани во Грција, бара партијата на македонското малцинство во Грција – Виножито, во писмо испратено до Вселенскиот патријарх Вартоломеј.

„Посакуваме да може литургијата да се изведува и на македонски јазик во регионите на Грција каде што живеат македонските православни христијани, граѓани на Грција“, се вели во писмото во кое се даваат и историски податоци за постоењето на македонското малцинство на територијата на Грција.

Виножито потсетува на грчката репресија од почетокот на минатиот век во однос на преименувањето на македонските села, на прогоните, на насилната промена на личните имиња, на уривањето на македонските православни храмови, на уништувањето на натписите на кирилица…

„Затоа се обраќаме директно до Вас преку нашиот политички претставник Виножито и ве молиме да се грижите и за нас и да ги прифатите нашите барања. По ратификацијата на Преспанскиот договор меѓу Република Грција и Република Северна Македонија, ние веруваме дека дојде време да се стави крај на неправдата врз домородното македонско малцинство, македонските православни христијани, етнички Македонци на територијата на Грција, за да можеме да си ги извршуваме нашите верски должности на нашиот јазик… Сакаме нашите луѓе да можат да пеат и да слушаат молитви на нашиот мајчин современ македонски јазик и да ги крштаваат нашите деца со нашите традиционални имиња – Зора, Софка, Стојанка, Борис, Златан, Дора, Стојко, Томе, Борка, Гоце, Велика, Кирил, Славе, Трајко, Стојан, Петко, Цвета, Трајчо, Трајанка, Ристо, Петко…“, се вели во писмото на Виножито до цариградскиот патријарх Вартоломеј.

Партијата на Македонците во Грција испрати писмо и до универзитетот во Солун со барање за отворење на катедра за македонски јазик.