Акад. Иван Катарџиев

ЕДНО ПАТУВАЊЕ ОД ПИРИН ВО СКОПЈЕ, ГЛАВЕН ГРАД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 1944-1989. ЧЕКОРЕЊЕ ВО ВРЕМЕТО И ПРОСТОРОТ


Во Крушево се задржав еден ден и една ноќ. Селото е распослано на двата брега на малата рекичка, но не ми остави впечаток. Типично планинско село. Не отидов да го видам полето што се наоѓа во подножјето на планината (Алиботуш) Славјанка. Тука поминува границата помеѓу Бугарија и Грција. Во тоа поле се наоѓале и нивите на дедо ми Никола, на кои саделе тутун. Утредента се вратив од Крушево во Демир Хисар. Тоа беше некаде околу ручек. Бев гладен. Но беше Велики петок, пред Велигден. Застанав на една улица пред излогот на една слаткарница. Внатре имаше тулумби, раванија, торти и др. слатки. Поради строгите правила на татко ми во времето на постите, особено Велигденските, не смеевме да јадеме никакви мрсни јадења. Бев многу гладен и се чудев што да правам. Дали да влезам во слаткарницата и да си купам раванија, или едноставно да го продолжам патот до железничката станица гладен додека не се вратам во Плоски. Во слаткарницата влегов 3 или 4 пати. Се чудев, што да правам, дали да си купам од слатките или не. Најпосле се решив. Влегов и си купив раванија. Кога почнав да го јадам почувствував како врз мене да паѓа небото поради сторениот грев. Тој мал чекор што го направив во прекршувањето на верските закони, за мене долго претставуваше тежок и неопростив грев. Но во исто време тоа беше и пресвртница кон верата, верувањата и придржувањето до постите. Се вратив в село. За мене годината беше сосема загубена. Есента 1942 година, во св. Врач се отвори полу гимназија со 4 и 5 клас. Јас и покрај сета немаштија, решив да се запишам во 4 клас. Кога тргнав од Плоски за св. Врач, на патот кај месноста Китката го сретнав татко ми. Се враќаше од Крушево, уморен, гладен, болен, разочаран oд животот. Застана и ме праша: каде си тргнал сине. Му реков: одам да се запишам да учам во гимназија. Ми одговори: што ќе ти е тоа, сега си образован, можеш да бидеш селски писар. Моето одење во св. Врач беше израз на желбата за учење. Во исто време тоа беше и начин на раскинување го намерата да се селиме во Егејска Македонија.
Секако, моето одење да се запишам во гимназија не беше покриено со материјални средства. Во св. Врач живееше и сестра и на мајка ми. Во текот на 1942 година почнавме да размислуваме да се селиме во св. Врач. Во време на нижење на тутун, таквата желба беше причина за чести кавги меѓу татко и мајка. Татко постојано повторуваше: што бараме, зошто да се селиме во св. Врач, и зошто Ванчо да учи во гимназија. Поради материјалната положба условите за живеење во градот беа крајно тешки. Прво, живеев во една тесна собичка во куќа на главната улица на градот. Во собичката бевме 7 деца. Јас бев ученик во гимназијата, другите чираци што учеа занает. Преку ден, додека тие беа на работа јас дома учев и готвев за сите 7 души, најчесто грав. Таа положба траеше околу 3 месеци. Потоа мајка ме смести кај некои роднини од Крушево. Во собата во која бев преку зимата немав греење. И овде продолжував да се хранам само со грав. Понекогаш, кога немав повеќе грав за готвење, ќе ја изедев чорбата од зготвениот грав а зрната повторно ќе ги варев и пак ги јадев. На луѓето што ме примија да живеам кај нив моите им плаќаа во натура, најчесто со грав. Ние во селото, до колибата имавме голема бавча и тука произведувавме околу 100 до 150 кг. грав. По 3 месеци двете сестри, мајка ми и тетка ми Султана се договориле јас да се преселам кај тетка ми и тоа веќе беа царски услови за живеење. Спиев во една соба каде што немаше ништо. Се хранев кај тетка ми, тука и учев. И останав до крајот на учебната година. По завршување на учебната година се вратив во село и во текот на летото најпосле постигнавме согласност да се селиме во св. Врач. Татко и мајка најдоа една куќа со две поголеми соби и едно килерче од 3-4 квадратни метра кое стана моја спална. Во задниот дел на куќата имаше доста широк простор за чување на добиток. Во куќата пред нас живееле стари луѓе, исто така од Егејска Македонија, мислам од Костурско. Населбата каде што била направена куќата се викаше Кутробан маало. Беше населена од дојденци од Егејска Македонија. Татко ја продаде земјата што ја имаше добиено во Плоски, некаде околу 11 декара и се задолжи со извесна сума на пари за да ја исплати куќата. Со ова што го направивме во 1943 година се преселивме во св. Врач. Во градот покрај работењето на тутун, земавме земја под наем и на неа садевме кикиритки. Во 1943-44 година реколтата беше обилна и од продажбата на кикиритките се закрепнавме. Меѓу другото, тоа беше и резултат и на вклучувањето на поголемите деца во земјоделската работа со што ни порасна обемот на производството.
Почетокот на учењето во гимназијата ми беше необичен. Јас, селско дете, со сето тоа што го носев од село тешко се навикнував на атмосферата во гимназијата. Таа година, во 4 клас ми се случија две работи кои ми оставија трајно сеќавање. Некаде кон крајот на годината ми пристапија два ученика и ме замолија да потпишам едно зајавление (молба) до Министерството за образование. Во молбата се демантираше тврдењето на група ученици дека професорот по биологија Иванов на часовите, во своите предавања, го ширел комунизмот. Се разбира, јас немав поим од тоа што е комунизам. Го почитував многу професорот бидејќи предаваше многу убаво. Во нашата молба, се демантираше тврдењето дека професорот во своите предавања ширел комунизам. Во исто време неговата сопруга ми беше професор по бугарски јазик. Таа за писмена ни даде тема по избор. Јас бев воодушевен од некои панорамски слики во кои беа германските тенкови во сончогледовите полиња на Украина. Расцветани. Тоа беше неверојатна слика. Јас зедов да пишувам за убавината на таа слика, за панорамата што ја претставува нивата со расцветан сончоглед. Меѓутоа, кога ја однесов писмената таа само што ја погледна едноставно ја прецрта со црвен молив и ми напиша слаба оценка 2. Еден или два месеци потоа, директорот на гимназијата Анани Донев, опасен вмровец, најверојатно од полицијата го добил нашето зајавление, и сите што го бевме потпишале, околу 15 ученика не повика во неговата канцеларија. Само што влегов, ми врза два шамари од кои целото училиште заедно со наставниците ми се свртеа наоколу. Имаше неверојатно големи шепи. Потоа мене и другите не истера надвор. Задржа три-четворица ученика. Учениците што ги беа задржале, биле иницијатори на зајавлението што го бевме потпишале до Министерството за образование. Тие потоа беа исклучени од гимназијата без право да се запишат во ниедна друга гимназија во Бугарија. После промената на режимот на 9 септември 1944 година, на сите им го вратија правото да го продолжат своето образование. Некои од нив завршија факултети и станаа големи личности во Бугарија. Еден од нив Иван Видинов, едно време беше министер за финансии на Бугарија, а друг Кацулов стана познат универзитетски професор по гинекологија во Софија. Јас и другите што добивме шамари немавме никакви други последици.
По завршувањето на 5 клас гимназија во св. Врач повторно пред мене се постави проблемот, што сега? Во св. Врач немаше услови затоа што не беа отворени повисоки класови на гимназијата. Тоа го имаше во гимназијата во Петрич. Но ние немавме пари за да можеме да осигураме стан и исхрана, така што останав во градот. Во текот на 1943-4 година се вработив како чиновник во дирекцијата што ја градеше железничката пруга Крупник – Демир Хисар. Со средствата што ги стекнав пролетта 1944 година отидов да полагам приемен испит во гимназијата во Петрич и да се запишам таму. Полагањето беше задолжително за учениците што доаѓаа од полугимназија да се запишат во гимназија. Овде за време на полагањето на приемниот испит ми се случи нешто за паметење. Баш во моментот кога полагав и говорев со ентузијазам за поезијата на Христо Ботев, неговиот револуционерен романтизам, надвор, над градот се водеше воздушна битка меѓу два авиона, едниот германски другиот од спротивниот блок. Ни наредија сите да ја напуштиме гимназијата и да одиме во најблиската шума. Потоа продолжија испитите, ги положив и се запишав во гимназијата.

(Продължава в следващия брой)