Култура

НА 90-ГОДИШНИНАТА ОД РАЃАЊЕТО НА МАТЕЈА МАТЕВСКИ ПРОМОВИРАНА НЕГОВАТА КНИГА „ДОЖДОВИ – 90 ПЕСНИ”

(Преземено од МИА)


Големиот македонски поет Матеја Матевски во нашиот духовен простор внесе иновативни моменти за својата поезија и во период од шест децении создаде дела што ја легитимираат македонската литература во рамките на развиените литератури. Станува збор за полифона личност, човек кој во македонскиот духовен простор внесе нови ветришта, нови светски трендови, што значи современата македонска литература преку Матеја Матевски практично и најдобро се афирмира во светски рамки.

Рената Пепељугоска

Скопје, 13 март 2019 (МИА) – Големиот македонски поет Матеја Матевски во нашиот духовен простор внесе иновативни моменти за својата поезија и во период од шест децении создаде дела што ја легитимираат македонската литература во рамките на развиените литератури. Станува збор за полифона личност, човек кој во македонскиот духовен простор внесе нови ветришта, нови светски трендови, што значи современата македонска литература преку Матеја Матевски практично и најдобро се афирмира во светски рамки.
Ова денеска го истакна поетот Раде Силјан на промоцијата на книгата „Дождови – 90 песни“ од Матеја Матевски во издание на „Матица македонска“ со која се одбележаа 90 години од неговото раѓање.
– Матеја Матевски објави 24 поетски книги, седум книги со критики и есеи, четири антологии на шпанската, галициската и каталонската поезија, а преведе над 60 дела од повеќе странски јазици, додаде Силјан.
Промотивна реч одржа писателот Паскал Гилевски, кој рече дека Матеја Матевски е вистински татко на македонскиот модернизам.
– Тој извесно време живеел во Париз и оттаму ги донесе значајните белези на авангардната поезија во светот, од Аполинер натаму и беше еден од преведувачите. Потоа се вклучивме и ние во афирмација на таа авангардна поезија. Матевски остана стожер на таа модерна македонска поезија. Во неговата последна книга „Дождови“ која е отпечатена се гледа дека неговиот авангарден стил, содржина, значат многу за македонскиот литературен јазик. Тој заедно со Гане Тодоровски всушност е создавачот на модерниот литературен македонски јазик, не зборувам за оној стандардниот, туку на поетскиот јазик, додаде Гилевски.
Матеја Матевски (Истанбул 1929 – Скопје 2018) спаѓа во редот на челниците на современата македонска литература.