Акад. Иван Катарџиев

ЕДНО ПАТУВАЊЕ ОД ПИРИН ВО СКОПЈЕ, ГЛАВЕН ГРАД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 1944-1989. ЧЕКОРЕЊЕ ВО ВРЕМЕТО И ПРОСТОРОТ


5.Тепачката меѓу учениците во Рилскиот манастир

Во последниот месец, од учебната година, и последна година од прогимназијата, учениците што бевме во трети клас не одведоа на екскурзија. Тоа беше во месец мај 1939 година. Во програмата на екскурзијата беа предвидени посета на Софија, Ќустендил и Рилскиот манастир. По посетата на Софија, не одведоа во Ќустендил, а по завршувањето на програмата во разгледувањето на Ќустендил тргнавме за Рилскиот манастир. На станицата Рила се качивме на 2 камионетки. Во нив се наоѓаа студенти од Софискиот универзитет. Беа од разни години на студии. На шапките имаа ѕвездички што означуваа која година на студии се. Во тоа време во Бугарија многу актуелно беше барањето за отстапувањето на Јужна Добруѓа од Романија на Бугарија. Студентите во нашиот камион ја запеаја познатата песна „О добружански крај, ти наш си земјен рај“. На песната од студентите ние третокласците од с. Плоски одговоривме со нашата македонска песна „Изгреј зора на свободата, зора на вечната борба“. Тоа всушност беше моето прво вклучување во дијалог за слободна Македонија. Во манастирот стигнавме вечерта. На другиот ден по разгледувањето на манастирските споменици и по ручекот на чардакот на Манастирот се сретнавме со ученици од северна Бугарија. Како и зошто, меѓу нас и нив дојде до кавга. Таа се претвори во меѓусебна тепачка. Во рацете на некои од спротивставените групи блеснаа ножеви. Во тој момент интервенираше манастирската полиција и не раздвои. Во тепачката покрај пцостите „мамката македонска“ уште ни викаа „Македонци гнили конци“. На тоа ние исто така одговоривме со пцости „Мамката шопска“ и уште им викавме шопи. На другиот ден ние со малото вовче си тргнавме од Рилскиот манастир кон станицата Рила и потоа за дома. Тие, додека вовчето уште беше во реонот на манастирот Рила фрлаа со камења и пцуеја „мајката македонска“. Ние за себе си, покрај името Бугари се викавме и Македонци. И двете имиња живееја паралелно. Името Македонци го извлекувавме од името на земјата во која што сме се родиле и живееле. Што во себе содржеше името Македонија ние во тоа не навлегувавме. И никој за тоа не размислуваше. Барем за нас од с. Плоски тоа немаше никакво значење. Меѓутоа, тепачката со нашите врсници и употребата на навредливи зборови „Македонци гнили конци“ на еден пат спонтано на целиот случај му даде друго значење. Ние сме Македонци, какви Македонци, што значи името Македонци. Како што реков освен што сме родени на македонска земја и живееме во Македонија друго ништо не знаевме. Но тепачката се претвори во чувство на посебност, се уште матно, но присутно, а живеевме во Бугарија, учевме бугарски и се чувствувавме Бугари.
6. Каде по завршувањето на основното образование
Со завршување на 3 клас прогимназија, пролетта 1940 година, заврши моето седмогодишно образование. Јас веќе имав 13 години. Во Плоски живеевме во мала колипка. Спиевме сите 7 души во собичката наредени како сардини. Веќе беше тешко толку бројно семејство да живее во малечка собичка и да спие на дрвен кревет. Состојбата беше неподнослива. Тоа јас, можеби како момче го чувствував најмногу. Моите чувства на незадоволство со мене ги споделуваше мајка ми. Таа, како што реков беше без образование, но многу умна и енергична. Никако не сакаше да се помири со состојбата во која бевме. Така во семејството неосетно се појави нов и тешко решлив проблем. Што да се прави. Што понатаму по завршувањето на прогимназијата. Како ќе живееме и што ќе работиме. Татко мислеше дека со завршувањето на трети клас прогимназија доволно сум образуван. Со образованието што го имам можам да станам општински писар. Тоа за него беше големо достигнување. Или евентуално ако не сакам да бидам писар да отидам да работам во селската месарница. Јас тоа не го сакав. Во тоа ме поддржуваше и мајка ми. За решавање на проблемот имаше повеќе идеи. Да учам за шофер на камион. Да одам во градот да учам занает за тенекеџија, за фурнаџија или кондураџија. Со такви размислувања помина летото. Есента 1940 година отидов во св. Врач да учам за овоштар. Есента беше доста напната. Во св. Врач ме прими на работа еден добар човек, да учам во неговата бавча како да се режат јаболката, црешите, крушите итн. Поради влошувањето на односите помеѓу Грција и Бугарија, се зборуваше за војна. Во св. Врач беше доведена бројна бугарска војска. Беше слабо облечена и лошо наоружана. Кон крајот на 1940 година бугарската војска ја снема од градот. За Нова година 1941 си отидов на село. Нашиот крај го запоседна бројна германска војска. Таа во зимските месеци на 1941 година започна да го чисти орманот покрај Струма и да гради аеродроми за својата авијација. Потребната работна рака ја регрутираа од селското население. Подготовките за војна на Германија со Грција одеа брзо. Да се работи за расчистување на крајбрежјето на Струма, за потребите на германската авијација беше шанса за месното население да добие некоја пара. Таа шанса ја искористи и татко ми и со парите што ги доби работејќи на расчистувањето на Струма, успеавме да ја осигураме исхраната до новата жетва. Германските војници што беа во нашиот крај слободно се шетаа по селата, купуваа секакви производи, особено јајца, кокошки итн., без проблеми. Во месец март 1941 година, додека татко работеше покрај Струма, јас со кравата и едно магаре орав на нивата. Над мене вежбаа германските авиони „штуки“. Предизвикуваа страв со нивната бучава.
Рано наутро, на 6 април околу 4 часот, не разбуди бучавата на германски авиони кои го засенија небото над нас. Одеа на југ кон грчката граница и го напаѓаа грчкото утврдување Метаксас. Во исто време, од брдата крај Петрич се имаше жестока артилериска канонада насочена кон грчката граница. Народот во нашиот крај, нападот на Германците врз Грција и брзото пробивање на границата го дочекаа со одобрување. Луѓето се надеваа дека доаѓа време да се вратат на своите места во Егејска Македонија од каде пред 14 години беа протерани. Германците брзо го зазедоа Солун и се упатија на југ кон Атина. Околу 10 часот дента, веќе почнаа да носат ранети и убиени германски војници во св. Врач.
Гледано со очите на едно селско момче, војната со ништо не го промени нашиот живот. Но ни овозможи татко ми и мајка ми, по пробивот на Германците да го посетат селото на татко ми Крушево. Јас ја посетив куќата на дедо ми Никола после една година. Во време на грчкото владеење во селото, во куќата на дедо ми живеел селскиот кмет. Од ограбената куќа мајка и татко донесоа 3 икони кои ги подарија на црквата во Плоски. Меѓутоа, пред новата 2016 година, сега веќе починатиот ми брат Владо рече дека иконите мајка и татко ги подариле на новата црква во св. Врач.
Есента 1941 година татко реши да се селиме во Крушево. Во игра беа две алтернативи за селидбата: едната да одиме во родното село на татко ми Крушево, а другата да одиме во градот Демир Хисар (Валовишта) каде требаше да добие воденица за работа. Пролетта 1942 година и јас отидов за Крушево. Ја посетив куќата на дедо ми Никола и баба ми Софија. Лицето на куќата беше свртено кон улицата, а ѕидовите од горната и долната страна беа залепени за соседната куќа. На таков начин куќите беа поврзани меѓу себе со ќепеџици. Тоа значи, дека кога ќе влезеш на едниот крај на улицата ќе излезеш на другиот крај никој да не те види поминувајќи низ отворите на куќите. Во Крушево бев на гости кај кумот Крум кој исто живееше во Плоски. Во Крушево беше „секретар бирник“ во општината. Во 1944 година се беше нашол како борец во скопскиот партизански одред. Имаше и писмена потврда за тоа. По војната ми ја даде, но каде сум ја затурил не знам.

(Продължава в следващия брой)