Председателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов

ПРОТЕСТИТЕ СЕ ИЗРАЗ НА КРИЗА НА ЛИДЕРСТВОТО НАСЕКАДЕ ВО СВЕТОТ

(Преземено од МИА)


Протестите покажуваат дека лидерството е разведено од реалниот живот на милиони луѓе. Протестите се израз на криза на лидерството насекаде во светот. Ова го потврдуваат и статистиките, порача претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој денеска се обрати на претседателската сесија на 22. Евроазиски економски самит, што се одржува во Истанбул.
Иванов говореше за суштината, мотивите, но и целите на популизмот кој денеска е се поприсутен, а притоа се осврна на жолтите елеци во Франција и посочи на актуелните состојби во Британија, Венецуела, Германија.
„Луѓето кои ги гледаме како протестираат по улиците и плоштадите не се некоја точно одредена категорија на граѓани, туку луѓе од сите слоеви на општествата на кои глобалистичките елити со своите политики им ја одзедоа иднината, а на многумина им ги уништија и животите”, порача Иванов.
Претседателот говореше за улогата на владеачката елита и потребата од стабилна власт.
„Таквата стабилна власт никогаш својата сила не ја црпи од силата и репресијата, туку од авторитетот и почитувањето на јавното мислење, односно волјата на граѓаните. Да се владее не значи да се украде или да се преземе моќта, туку мирно да се спроведува” порачува Иванов.
Станува збор за вистински бунт на граѓаните, додаде претседателот Иванов, против авторитетот на националните, но и европските институции, кои во името на неолибералната агенда и голиот профит ја претворија европската средна класа во прекаријат без иднина.
Глобалните елити, ќе додаде Претседателот, особено ги загрижува трендот кога довчерашните демократи по освојувањето на власта ги загрозуваат основите на демократијата.
„Очигледно е дека на западниот свет му е потребен нов идеал. Идеал што ќе ги комбинира економската динамика, индивидуалните слободи и рамнотежата во општеството. Тоа е идеалот за пристојно општество втемелено врз почитување на меѓусебните права и договори во кое секоја страна ќе знае кои се нејзините права и кои се нејзините обврски. Тоа е идеал за општество во кое договореното нема да може да биде променето од некој политичар или од владата. Односно, во кое општествените договори нема да се прекршуваат”, порача претседателот Иванов на денешната претседателска сесија на 22. Евроазиски економски самит.
Темата на која се дебатираше на денешната претседателска сесија е: „Популизам: оживување на нови концепти во светот поради слабеење на либералната демократија. Дали популизмот и расизмот се причина за почеток на нови конфликти?”
Во рамки на работната посета на Република Турција, претседателот Иванов ќе одржи предавање на Фондацијата за образование, култура и заштита на животната средина „Црно море”.