Акад. Иван Катарџиев

ЕДНО ПАТУВАЊЕ ОД ПИРИН ВО СКОПЈЕ, ГЛАВЕН ГРАД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 1944-1989. ЧЕКОРЕЊЕ ВО ВРЕМЕТО И ПРОСТОРОТ


3. Социјален живот, обичаи, македонски народни приказни и песни

Во трето одделение бев меѓу најдобрите ученици во одделението. Особено добро читав и раскажував. Од тоа време ми останал во главата случајот со невремето. Беше зима, врнеше дожд. Надвор дуваше силен ветер и имаше грмотевици и светкавици. На такво време не можевме да си одиме дома. Во еден момент дојдоа повеќе родители во училиштето да ги земат своите деца и да ги одведат дома. Стоеја во ходникот. Учителот ги повика да влезат во училницата. И бидејќи надвор грмеше и биеше дожд, учителот за да го пополни времето побара некој од учениците да прочита текст од читанката. Таа задача, да читам, ми ја довери мене. Ми даде да прочитам еден расказ од еден познат бугарски писател Иван Вазов под наслов Камбаните на Св. Климент, и мислам уште еден расказ од истиот писател под наслов Дедо Јоцо гледа. Содржината на двата раскази некако се совпаѓаа со времето што моментално владееше. Присутните родители со големо внимание го слушаа моето читање. Кој би рекол дека во душата на овие измачени од работа и гајлиња луѓе има толку многу емоции. Сите тие носеа закрпени панталони, закрпи на колената и на лактите. На нозете носеа опинци од свинска кожа. Додека читав надвор беснееше бурата. Во училницата владееше полна тишина. Луѓето ме слушаа со неверојатно внимание. Во моментот во училната имаше нешто мистично. Или барем мене така ми се чинеше и така сум го запаметил. Кога завршив присутните родители со чудни воздишки го дочекаа крајот на читањето на расказите. Учителот беше многу задоволен од моето читање. Ме пофали како најдобар ученик. Луѓето јавно коментираа: „ја виш од какво бедно семејство е тва дете а колку хубаво чете, каков добар ученик е“. Тоа беше големо признание за мене и за татко ми кој исто така беше тука.
Животот по овој случај продолжи по својот пат. Јас како дете на крајно сиромашни родители преку зимата добивав ручек во школската трпезарија и тоа траеше околу две години. Времето дома го поминував во калапење тутун, читање и чување на добитокот, а понекојпат одев и да собирам гранки за фурната на мама за печење на леб. Единственото време што го имав на располагање за дружење со моите другарчиња беа саботите и неделите. Како што реков во тие дни се собиравме на Банчовото гумно. Тука се свиреше на гајда, игравме, се смеевме, се радувавме на животот.
Во долното маало каде што живеевме, кога поодраснав се запознав и со некои работи на организацијата на Ванчо Михајлов ВМРО. Во селото имаше селска милиција создадена од ВМРО-вци. Имаше селски војвода кој се викаше Меѓеров. Исто беше од селото на татко Крушево, Егејска Македонија. На ѕидот на колибата во која живеевме имаше две пушки и две торби полни со куршуми. Каква улога имаше татко ми во селската милиција не знам, можеби беше десетар. Колку што знам беше комплетно пасивен. Селаните беа должни да членуваат во организацијата, а еден дел од нив биле и во милиција. Некои од нив биле задолжително претплатени на весникот Автономна Македонија. Иако татко беше полуписмен задолжително го примаше весникот. Една година, бидејќи немаше пари да ја плати претплатата на весникот, а за да не го затворат се беше договорил со селскиот војвода да му ископа еден декар земја на која ќе садел лозје. Парцелата на која копаше татко беше близу училиштето во кое учев. Еден ден по завршувањето на часовите отидов да го видам кај што копаше. Го затекнав како копа и плаче. Беше гладен и немаше што да јаде. Тој случај страшно ме повреди. Тоа ми остави горчина во устата и ме настрои против се што е ВМРО-вско.
На свој начин длабок впечаток ми остави еден друг случај, исто така поврзан со ВМРО во нашето село. Еден ден, во месец мај, сега знам дека е 1934 година татко и мајка отидоа на нивата покрај реката Струма да го прашат (окопуваат) памукот и бостанот. Јас исто бев со нив и го чував брат ми Владо. Некаде околу пладне, бидејќи нашата нива беше блиску до друмот, видовме како поминаа две камионетки полни со војска кои свртеа по патот за нашето село. Вечерта или другата вечер, не се сеќавам сега, седевме јас, татко и мајка на еден камен на оградата која беше на патот. Времето беше ведро, имаше полна месечина. Во еден момент одоздола, откај чешмата се појави Ѓорѓи писарот кој на рамо носеше неколку пушки. Кога не виде застана и рече: „ајде бај Илија, да ги однесеме пушкиве во општина. И на овие им дојде крајот“. Тогаш не знаев што се случува и кој датум беше, но тоа после го разбрав од книгите. Беше 19 мај кога звенарот Кимон Георгиев направи државен преврат во Бугарија, ја зеде власта во свои раце и ја забрани организацијата на Ванчо Михајлов ВМРО.
Зборовите на писарот Ѓорѓи дека и на тие им дојде крајот , во исто време изразуваа и надеж дека можеби доаѓа поубаво време, што ќе ја подобри положбата на луѓето. Брзо после тоа стана сосема јасно дека тоа беше само пуста желба. За жал, по протерувањето на михајловистите од нашето село, но и од другите соседни села ништо не се промени. Бедата и мизеријата и понатаму царуваа. За нашето семејство ново беше тоа што татко повеќе не плаќаше претплата за ВМРО-вскиот весник и членарина за организацијата. Се друго беше исто како и порано. Само што веќе во училиштето немаше трпезарија каде што можеа децата на бедните родители да земаат по еден оброк. Во времето помеѓу 1934 и 40 година нашето семејство се зголеми за уште три деца за кои требаше да се обезбеди храна и се што е потребно, а за тоа немаше пари. А ние во семејството со трудот на родителите и поголемите деца можевме да обезбедиме храна од нашето производство најмногу за 9 месеци. Дефицитот го пополнуваа моите родители со аргатување на луѓето што им требаше работна рака при одгледувањето на тутунот и особено наесен за берење на грозје, за собирање на летната реколта. Речиси секоја есен татко и мајка одеа по другите села во околијата да работат за да обезбедат средства за исхрана на семејството. Потоа едно 3 години по ред татко земаше воденица под наем, прво во село Плоски, потоа во соседното село Горна Белица. Користа од работењето на воденицата се состоеше во поделбата на уемот меѓу газдата и татко ми.
И покрај мизеријата и тешките услови на живеење тој период од мојот живот спаѓа во нештата што со ништо не може да се надомести. Пред се бевме сите заедно. Во семејството владееше родителска топлина, верата и верските обичаи беа најдоброто нешто. Тоа беше фактор што силно влијаеше во обликувањето на менталитетот на децата. Колибата во која живеевме беше најубавиот царски дворец. Сите недостатоци во денот, сите оскудици во годината во топлината на семејството брзо ги заборававме. Најубавото беше да се има леб, со леб, да се има праз во градината и тоа ја пополнуваше нашата желба за храна. Затоа сите тешкотии потоа се забораваа. Во такви услови го завршив прогимназијалното образование.
4. Пророштвото на циганката
Еден ден уморен од играта со децата во маалото почувствував глад. Заедно со други две деца отидов дома да си скршам парче леб. Мајка ми седеше во дворот со една гледачка. Беше топол летен ден. Гледачката бараше од мајка ми да и даде било што, парче облека, леб итн. Кога влегов во дворот ме здогледа, се сврте кон мајка ми и и рече: море чорбаџике, дај ми нешто да му гледам на син ти. Јас се спротивставив. Се противеше и мајка ми. Меѓутоа, за да ја откачи и даде никоја крпа и и рече, ајде гледај му. Ми ја фати левата рака, ја сврте нагоре, ми ја доближи до себе си и почна да зборува. Тоа што од разговорот ми остана во меморијата потоа ме прогонуваше цел живот. Ова твое дете го чека убава иднина. Со златна лажица ќе јаде, ќе земе мома единица, ама со тебе нема да живее, ќе живее во друга држава. Јас ја тргнав раката од неа и реков, глупости. Јас ќе живеам без мајка ми и татко ми, ти си луда. Тоа во тој момент ми изгледаше најобична лага, за да добие нешто за јадење или некое парче облека. Но сепак, тоа претскажување ме прогонуваше цело време во моите младински години. Но она што таа го пророкуваше се оствари. Навистина, јас дојдов во Народна Република Македонија, случајно се запознав со мојата сопруга, Нада која беше единица на татко и мајка и. Времето не спои. На тој начин пророштвото на гледачката се оствари.

(Продължава в следващия брой)