Акад. Иван Катарџиев

ЕДНО ПАТУВАЊЕ ОД ПИРИН ВО СКОПЈЕ, ГЛАВЕН ГРАД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 1944-1989. ЧЕКОРЕЊЕ ВО ВРЕМЕТО И ПРОСТОРОТ


3. Социјален живот, обичаи, македонски народни приказни и песни
Првиот чекор во мојот живот како корисен член на семејството беше напасувањето на домашниот добиток кој служеше за извршување на земјоделските работи, потоа следеа активности поврзани со одгледувањето на тутун, од посадувањето на семето до расадувањето и копањето, берењето, нижењето и прибирањето, процес што трае речиси цела година. Чинот на оваа работа завршуваше со продавањето на реколтата, нешто што беше прилично болно. Зошто? Затоа што избалираниот тутун требеше да се однесе во градот во откупната фирма. Овде производителот се среќаваше со самоволието на трговецот. Првото нешто на тоа самоволие е определувањето на цената на тутунот, што го правеше трговецот. Определувањето на цената зависеше од класата што ќе ја одреди купувачот секогаш на штета на производителот. При тоа, 3-4% од продадениот тутун трговецот го определуваше како неквалитетен, односно шконто. Таквото одземање на определен процент на тутунот без пари од купувачот секогаш беше придружено со незадоволство. Но на крајот се одеше во полза на трговецот. За производителот, по определувањето на цената најважно беше кога ќе се добијат парите. Од тоа зависеше купувањето на некои многу важни потреби за семејството: сол, газија, враќање на заемот и нешто да остане за не дај боже непредвидени случувања. Месец-два по продажбата на реколтата од претходната година, најрано по месец март почнуваше нов циклус на работа на производство на тутун. И во тоа се состоеше целиот наш живот. Па сепак, и покрај сите тие тешкотии во животот целото семејство да биде собрано, да можат да му се радуваат на животот за време на празниците, за време на берењето, нижењето и калапењето на тутунот, да се пеат убавите македонски песни, да се раскажуваат фантастични приказни, тоа беше повеќе од убаво, тоа ја развиваше детската фантазија. Сите херои на приказните за нас не беа приказни, туку нешто што стварно се случува и ние децата се идентификувавме со хероите. Си фантазиравме, си мислевме дека тоа што го доживуваат хероите на приказните и нам еден ден во животот ќе ни се претвори во стварност. Тоа беше приказната на нашиот живот. Во него се раѓаа нашите желби, во занесот на младоста во нашето маало, наесен и на пролет, кога беше убаво времето, во саботите и неделите, под звуците на гајдата на гајдаџијата Томо. Тоа се претвораше во една друга стварност. Тие дни, поскоро вечери се собиравме момчињата и девојчињата на „Банчовото гумно“, единствениот слободен простор во маалото, игравме и се веселевме до доцна навечер.
Тоа беше едната страна на оформувањето на мојата личност во примитивната селска средина. Вториот многу важен фактор што го обликуваше идниот маж или жена беше домашниот амбиент. Тука беше силно присутна родителската традиција и особено верата. Верата и обичаите практикувани од нашите родители ги продолжуваа традициите на нивните претходници. Се разбира имаше и некои промени во зависност од новата средина на живеење. И така, од поколение на поколение се пренесуваше идентитетот. Но сепак тоа не беше статичен процес. Како што реков нашите родители, кон традициите од нивните родители додаваа нешто свое, нешто што го наметнуваше средината во којашто живеевме. Тоа е особено важно да се нагласи затоа што во маалото во коешто живеевме па и во селото Плоски, голем дел од селаните беа бегалци од Егејска Македонија. Во нашето маало ние бевме единствени такви. Во нашата куќа, не знам дали тоа беше начин на живеење и во другите куќи на маалото, под влијание на татко ми постоеше строго почитување на верата. Сите пости во текот на годината строго ги почитувавме. Но особено се почитуваа Велигденските пости. Почнуваа на Поклади, што беше крај на т.н. сирна недела кога се јадеше само сирење и други млечни производи. По Поклади, од понеделник до недела се јадеше само посна храна, без маснотии. Во таа недела 3 дена мајка тримируваше, а тоа значи дека не смееше да јаде ништо освен да пие вода. Во среда одеше во црква како и сите други жени што тримирувале и земаше причесна. Децата и таткото цела недела јадеа посна храна и во недела сите одевме во црква да се причестиме. Основната храна во таа недела беше леб, грав, сушена боранија, туршија од зелка и пиперки, а понекогаш само леб и вода.
Од тоа време, пред да појдам во школо во прво одделение длабоко ми се врежало во меморијата лишајот што ме нападна по глава. Сите обиди на мајка ми да го залечи со разни тревки не дадоа резултат. Тој и натаму се ширеше и ја зафати целата глава. Создаваше дамки по неа и силно чешање. По советот на некоја комшивка, мајка, беше летно време, набрала зелени ореви ги излупила и лушпата ја истолчила. Со таа зелена маса ми направила облога на главата. Тоа ми создаде неподносливи болки. Под притисок на моето плачење мајка ми ја извади облогата од главата и потоа пак по совет на друга жена купила син камен, го испекла, го истолчила и ми ја посоли главата од што јас добив уште посилни болки. Сум истрчал до едно изворче, сум ја бутнал главата во водата и сум се онесвестил. Како ме извлекла мајка и однела дома не знам. Ми ја измила главата и така другиот ден отидовме во нејзиното село, Петрово. Тука еден комитски фелшер ми ја избричи главата, ужасно болен процес и потоа ми ја наложи со некој мелем. Три недели го носев на глава и главата ми се исчисти. Дојде мајка ми и ме одведе дома, бидејќи јас бев кај нејзините родители во с. Петрово. По извесно време во с. Плоски на едно место на главата пак ми се појави лишај. И пак по совет на една селанка мајка ми ја завитка со човечки измет. По една недела веќе немаше никакви траги од лишајот.
Дојде време да одам на училиште. Тоа ни за жива глава не го сакав. Некаде во септември, кога веќе имав 7 години татко ми ме зеде за рака и ме одведе во училиштето да ме запише во прво одделение. Меѓутоа, целата недела потоа јас излегував од дома, но не одев на училиште. Училиштето беше оддалечено од нашето маало околу 2 км. Беше топло, септември месец и си играв по патот. Најчесто седнував на една полјанка и плачев за кравата и козата, за тоа како ќе одат без мене на паша, кој ќе ги чува. Чекав да завршат часовите и се враќав дома. Татко некако дозна дека не одам на училиште и следната недела ме фати за рака и пак ме одведе на училиште. Од тој ден започна мојата школска приказна.
Ми купија плоча за пишување крондил, со кој се пишува по плочата, ми врзаа шамивче што по потреба се натопуваше со вода со кое се бришеше напишаното. Првите часови почнуваа со откривање на првите букви. За мене буквите не беа проблем, јас веќе знаев да читам. На тоа ме научи сестра и на мајка ми, тетка Султана. Таа имаше завршено основно образование во Петрово. Предавањата на училиште ми станаа интересни. Но со другите деца не си играв, бев самоизолиран. Така помина првото одделение. Во второ одделение бев меѓу подобрите ученици што знаеја да читаат. Но сметањето не ми одеше. Дома кај нас немаше кој да ми помогне, да ме воведе во тајните на сметањето. Особено тешко ми одеше делењето. Дома учев сам седнат на креветот на којшто спиев, со плоча ставена во долапот на прозорецот на запалена газијина ламба пишував и учев. На ѕидот кој беше дебел околу 50 см. имаше фиксен џам, а на нерамниот долап ги вршев моите школски задачи. Во тие услови учев оставен сам на себе. Од татко и мајка не можев ништо да очекувам. Од второ одделение ми е врежана во меморијата една непријатна случка. Учителот ме извади на табла да поделам 15 на 3. Делењето не го разбирав. Стоев како камен пред таблата и се чудев. Учителот изнервиран од незнаењето на другите деца што ги испитуваше пред мене се истури врз мене. Наместо да ми помогне ме удри силно по тилот. По ударот со челото удрив во таблата, а таа подвижна ме звекна по темето на главата. За малку ќе се онесвестев. Учителот не реагираше. Силно и цинично се смееше и ме испрати на место да седнам. И уште еден случај од моите школски денови. Тоа беше во прво одделение. Во моето одделение бев највисок. Учителката по гимнастика ме изведе во дворот. Се подготвуваше да го дочека инспекторот. Не построи во два реда, а мене в раце ми тутна барабанче да удирам кога ќе се појави инспекторот. Јас до тогаш не бев видел барабан. Освен тоа во нашето село многу подбивно се однесуваа спрема барабанџиите. Тоа обично беа селски протуѓери кои на селаните им пренесуваа соопштенија од општината преку чукањето на барабанче. Јас го држев барабанчето и не знаев што да правам со него. Учителката изнервирана дојде кај мене и на сила ми го дрпна. А во исто време ми удри и шлаканица. Сето тоа јас го доживеав како длабока навреда.

(Продължава в следващия брой)