Председателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ ДОСЛЕДЕН ВО ОДБРАНАТА НА УСТАВНОТО ИМЕ: ВО ПОЛСКА СЕДНА ЗАД НАТПИС „РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“

(Преземено од „Република“)


Еден мал детал од Полска, снимен вчера, а кој помина незабележано, кажува многу за борбата за зачувување на сегашното име на македонската држава и методите што притоа се употребуваат.
Доследен на одбраната на уставното име на земјата и на заклетвата при стапувањето на функцијата претседател во два мандата, Ѓорге Иванов и на меѓународната конференција во Полска седна зад натпис „Република Македонија“, иако импровизиран.
Со оглед на тоа дека организатор на Самитот за климатските промени во Катовице се Обединети нации, каде што земјата што ја претставува тој е примена под привремена референца, по „диверзијата“ врз табличката со англиската верзија со покривање на „Поранешна југословенска…“ Иванов е овековечен зад натпис со уставното име.
Шефот на македонската држава денеска, пак, имаше предавање на универзитетот во Вроцлав, во кое истакна дека „Република Македонија се соочува со можеби најголемиот предизвик од нејзиното формирање, а тоа е да се одрече од историското право и од правото на самоопределување“.
-Грција со Спогодбата од Преспа ни наметнува ново име и бара тоа да се применува erga omnes – и за меѓународна, и за домашна употреба. Предвидено е да го промениме Уставот. Преку оваа спогодба, Грција ќе добие постојан надзор за тоа како ние ќе се именуваме себе си, но и како другите држави ќе ни се обраќаат нам, рече тој во обраќањето.
Со Спогодбата, како што наведе македонскиот претседател, „ќе се преименуваат институциите, ќе се цензурира содржината на учебниците на нашите деца, ќе се спречува правото на граѓаните да го изразуваат својот македонски идентитет“.
-Се регулира именувањето на нашиот македонски јазик. Еден многу важен дел од нашиот начин на живот ќе зависи од волјата на Грција. Тоа е цензура на светот и автоцензура на колективната свест на македонскиот народ. Тоа е насилство врз нашата историска меморија. Она што грчката држава им правела на Македонците во Грција, сега, со Преспанската спогодба сака да им го направи и на Македонците во Република Македонија, рече претседателот Иванов.