Пишува Ристо Бунтески – Бунте

МОНОГРАФИЈАТА „МЕТОДИЈА ШАТОРОВ МЕЃУ МАКЕДОНИЗМОТ И БУГАРИЗМОТ“


Проспорографија на стариот Бугарин, ЗНАК’94, од Тодор Балкански, издадена 2006 година во Пазарџик, Бугарија

Погоре цитираните ставови на Шаторов јасно покажуваат дека тој бил категорично против бугарската окупација на Македонија и барал борбата на македонскиот народ за национална и социјална слобода да се води заедно со сите соседни балкански држави. Таа борба треба да се води заедно со Бугарите, Хрватите, Србите, Грците и Црногорците на Балканскиот Полуостров, затоа што судбината денеска им е еднаква. Затоа Шаторов барал врски со комунистичките партии на овие народи. Со заедничка борба да се оствари конечната цле, ослободување од фашистичката окупација. Оваа Шаторова концепција се покажувала како исправна за време на НОБ за заеднички врски и активности со КП на Бугарија и КП на Грција.
Што се однесува пак до пишувањето на авторот на страница 59, дека: „Цела Македонија ја чека бугарската армија со нетрпение. На 19 април таа е веќе историска и реална бугарска земја“. Ова авторот го пишува до 2006 година и македонската територија ја прогласува за бугарска земја и дека како таква била присоединета кон матичната бугарска територија и дека Шаторов се сложил со таквата постапка на Бугарија. Напротив, со навлегувањето на бугарската војска на македонска територија Шаторов оценил дека е извршена окупација на туѓа територија.
Во ноември 1940 година, од ПК на КПМ издаден е леток до македонскиот народ (Брајкја). Во овој леток меѓудругото стои: „Господата од Белград и Софија спорат за Македонија, а македонскиот народ ич не го питат. Тие поробители на Македонија имаат тепегјозлук да зборат оти македонскиот народ бил српски, бил бугарски и дека Македонците немале историја, јазик и др. Македонските поробители лажат! Всушност Македонците не се ниту Срби, ниту Бугари, ами се само Македонци“. (Документи и материјали, том 1, кн. 2, стр. 361-363)
Шаторов својот реферат под наслов „Историјата и суштината на ВМРО (Об.) од 1926 година, за формирањето на Обласен комитет на ВМРО (Об.) за Пиринскиот дел на Македонија“ пишува: „Таа не можеше да не извика високо на бугарскиот и балканскиот империјализам. Долу крвавите раце од Македонија! Таа не можеше да не поведе борба за зачувување на Македонците од асимилирање и за издигање на самостојното македонско национално чувство тие како Македонци не се ниту Срби, ниту Грци ниту пак Бугари, а претставуваат одделна нација. Затоа, и имено поради тоа, ВМРО (Об.) постави солидна база на македонското ослободително движење за принципиелна и аргументирана борба за слободна и независна македонска држава“.
Понатаму во истиот реферат истакнува: „Ние се обраќаме кон софиските завојувачи вака: Вие, господа, тврдите дека Македонците се Бугари и дека Македонија е бугарска, вие си давате надворешен изглед дека се стремите за да биде македонскиот народ слободен. И убаво, ние пак тврдиме дека Македонците не се Бугари, дека Македонија не е ваша. Напротив, вие сте исто такви поробувачи, какви што се белградските и атинските. Дајте, тогаш, да го однесеме прашањето до самото население во Петричкиот крај. Нека тој си го каже зборот како се чувствува и дали сака да живее под вашиот јарем, или пак ќе посака, заедно со населението од другите два дела на Македонија да се соедини во самостојна македонска држава. Со еден збор, дајте му право на самоопределување. Впрочем, за да се изјасни населението слободно, да ја искаже својата волја, повлечете ги од Македонија бугарската војска и полиција“. (Архив на Македонија, фонд ВМРО (Об.) Реферат од Шаторов под наслов „Историјата и суштината на ВМРО (Об.)“, стр. 1-9)
Во повикот на Обласниот комитет на ВМРО (Об.) во Македонија под бугарска власт, издаден во мај 1935 година стои: „Браќа Миладиновци! Во последно време во Македонија под бугарска власт и во Софија се извршени масовни апсења на Македонци… Нивна единствена вина е дека се тие прогресивни Македонци – националисти, противници на врховизмот… Борете се против ропството во Македонија! Надвор бугарските оружени сили од Македонја! Долу насилничкото насадување на бугариштината во Македонија! Бранете си ја националноста!“.
Овие се ставовите на Шаторов а не оние кои му ги припишува авторот на страница 59 од својот труд. Каде во овие погоре цитирани документи издадени од Шаторов и од ПК на КПМ, за времето додека тој беше секретар на ПК на КПМ може да се види дека тој бил Бугарин и дека застапувал бугарски ставови.

(Продължава в следващия брой)