Акад. Иван Катарџиев

ЕДНО ПАТУВАЊЕ ОД ПИРИН ВО СКОПЈЕ, ГЛАВЕН ГРАД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 1944-1989. ЧЕКОРЕЊЕ ВО ВРЕМЕТО И ПРОСТОРОТ


2. Детство

За чудо, тоа не ми беше пречка во учењето. Во собата имаше мала печка од ламарина со која зимно време се греевме, готвевме и загревавме вода за разни потреби на семејството. Јадевме на мала тркалезна трпеза седејќи на мали столчиња, наредени околу трпезата. Најчесто јадевме грав од една чинија со неколку дрвени лажици, со кои се „полагавме“ еден со друг, т.е. се јадеше од една лажица. Ете во такви услови мајка и татко изродија 6 деца, од кои едно почина на неполна година. Јас сум како што реков првородено дете и уште 4 други. Второто дете умрело мало, потоа се родија браќата Владимир и Крум, сестрата Љуба и последното дете, т.е. најмалиот е Борис.
3. Социјален живот, обичаи, македонски народни приказни и песни
Како се живеело во овие услови во сегашните околности во кои живееме тешко може да се разбере. Особено била тешка задачата на жената во семејството. Врз нејзиниот грб паѓале многу обврски. Прво, таа требала да ја изврши најважната задача, да раѓа деца, да се грижи за нивното здрав, исхрана и облека. За тоа требало да преде памучна или волнена преѓа, да ткае платно, да шие облека за целото семејство, да пере со домашен сапун направен од свинска мас и сода каустик, да меси и пече леб, да ги молзе козите, да прави маштеница, да готви и уште многу други работи. Покрај тоа заедно со мажот работела на нивата, садела пченка, тутун, учествувала во жнеењето и заедно со мажот го вршеле и собирале житото. Воопшто растењето на децата во постоечките услови барало големи грижи на родителите и пред се на мајката. Покрај најтешката задача да се обезбеди исхраната на семејството постоело и прашањето за одбрана од разни болести, инфекции и друго што требало да се лечи со т.н. денес алтернативна медицина. Како што ми е познато особено беше тешко летно време, кога царуваше маларијата. Покрај обичната маларија постоеше и тропска, потоа шугата итн.
Со трудот на сите во нашето семејство, со оглед на слабиот квалитет на земјата што ни беше дадена за работа, најмногу што можевме да обезбедиме за исхрана од сопствено производство на семејството беше доволно за 8 до 10 месеци. Дефицитот се надополнувал на разни начини: задолжувања, позајмица, аргатување, летно време кај побогатите селани во селото или одење во други села каде што имало сезонска работа.
Едвај чекавме да дојде крајот на месец мај или почеток на месец јуни. Тоа е времето кога се жнееше јачменот. Го мелевме собраното зрно во брашно и од него мајка ми месеше леб. Јадењето на леб од јачмен, особено со млеко, маштеници и друга чорбеста храна е многу непријатно. Кога ќе почнеш да го јадеш лебот осилото што останало во лебот се набиваше во непцата на устата. Затоа тешко се јадеше. При такви услови наше вистинско задоволство беше да се меси и јаде леб од мешано брашно од пченица и р’ж или од пченица и пченка. Не беше лош ниту лебот само од пченкарно брашно.
Секако годините во кои сега се обидувам да се потсетам на времето, да ги репродуцирам условите во кои сум се развивал и растел заедно со моите браќа и сестра ми, сето тоа да го ставам на хартија за да им го оставам на следните генерации што ќе дојдат по нас, не било лесно. Во најголем дел дневните и годишните случувања и тоа оние што влијаеле на моето растење, на нашето живеење, е заборавено или зафрлено некаде длабоко во периферијата на мозокот од каде е тешко да се активира. Доказ за тоа е дека воопшто не се сеќавам за времето што сум го поминал во темната земјена собичка, па ниту на другарчињата од моето детство со кои заедно го напасувавме добитокот. Првите информации за тој период што ми останале во сеќавањето се однесуваат на времето кога сум имал 4 години. Знам дека во тие години мајка ми ме облекуваше во фустанче и така облечен по цел ден шетав низ маалото и си играв со моите другарчиња, најчесто со џамлии или т.н. челик џумак, со ореви купа итн. Сите деца со кои си играв по ништо не се разликувавме едно од друго. Реалноста во која сме растеле и сме му се радувале на животот сме ја доживувале како нешто сосема нормално. Рамка во која живеа сите, нешто што е од бога дадено. Во таа рамка мојот живот, моите родители, нашите соседи, сите соселани бевме исти. Тогаш бевме мали и не можевме да ги согледаме неправдите. Колку повеќе растевме, се развивавме се ширеа и сознанијата за неправдата, а заедно со тоа растеше и незадоволството, почнуваше да се буди умот, да расте гневот против постоечкиот ред на работите. Прво, негодувањата почнуваа во себе, тивко, а потоа и јавно да се размислува како да се промени стварноста, како со кого, зошто, против кого. Сето тоа во годините на момчешката возраст не беше ништо друго туку само мрморење против моќните во селото. Тие располагаа со власта, со најубавите ниви и ливади. Како конкретни личности тоа беа месните војводи на ВМРО и другите силници околу нив. За вистински одговор на прашањата што ги наметнуваше реалноста требеше време, свест за солидарност. За тоа време требаа животни подготовки за кога ќе дојде тоа да се зграпчи и да не се испушта, а дотогаш да се собира гневот против грубата реалност.
Како и кога сум ги доживувал првите сознанија за себеси, за моето постоење како индивидуа, во условите во кои сум се родил, растел и созревал, денес тешко може да се воспроизведе. Впрочем, во прашање е процес во кој тешко е да се прецизираат случувањата. Тоа доаѓа заедно со годините. Сепак, некои моменти што се повторуваат во секојдневието во одреден временски период на животот се внесени и запаметени во меморијата. Такви случувања во мојот живот колку што јас сега можам да се сетам има неколку. Ми се чини дека прво е тоа што ми го направија моите другарчиња со фустанчето што го носев преку лето.
Знам дека еден ден отидов на гости да си играм со децата што живееја во единствената висока куќа во нашето маало покриена со ќерамиди. На катот каде што живееја сопствениците се качуваше по широки басамаци над кои беше покривот на куќата. Јас со фустанчето лека полека се качував нагоре на чардакот каде што сопствениците нижеа тутун. Колку време сум се задржал не знам. Но нивните деца сакаа да ме истераат да си одам дома. Јас тоа и го сторив. Таа случка ужасно ме повреди. Се симнав во дворот и со плачење отидов дома да и се пожалам на мајка ми. Таа ми рече, ништо де деца се. Со тоа таа ми кажа дека не ја сфати повредата на моето детско достоинство. И тоа е првото сеќавање во врвицата неправди во мојот живот. Сеќавање за повредено достоинство. Растевме, заедно станавме поголеми деца. Си игравме. Одевме заедно наесен да береме ореви, да играме купа, но јас никогаш не ја заборавив таа навреда.
Една година подоцна ја доживеав првата радост од тоа што ми беше сторено. Таа година, пред Божик, мајка ми беше исткала, дома, на разбој, шајак од предена волна. Потоа платното му го даде на еден селски шивач абаџија и да ми сошие палтенце и панталонки. За Божик тие беа готови. И тоа беше првото нешто што го облеков како ново, без закрпи по лактите и колената на панталоните. Облечен со новите алишта на првиот ден на Божик отидов на гости кај бабицата што ме беше породила. Пред да појдам баба ми, мајка на мајка ми, ми стави чешне лук во пазувите, а потоа се фати со едната рака меѓу нозете и со таа рака ме благословуваше. Сиот овој ритуал баба ми го направи за да не ме урекнат. И така стокмен отидов во куќата на баба Илинка. Кога ме виде се израдува, ме бакнуваше и ми рече дека сум станал убаво умно момче и дека убаво изгледам. Овие зборови од баба Илинка кај мене предизвикаа невидена радост. Ми се чинеше дека летам до ѕвездите.
И така од раното детство на моите спомени се сочувани две основни противречности на животот: чувството за повреда на достоинството и радоста на пофалбата.
Инаку периодот на детските години е процес во кој се оформува идната човечка личност, се запознава постепено со постоечкиот ред на работите и со работата на село, она што е врзано со секојдневниот живот. Во селските средини на село Плоски и поконкретно, во условите на живеење во долното маало, каде што се родив, растев и живеев до 14-годишна возраст ништо друго не се случуваше покрај монотонијата на секојдневниот живот. Тоа беше живот на постојано годишно повторување на исти работи.

(Продължава в следващия брой)