Акад. Иван Катарџиев

ЕДНО ПАТУВАЊЕ ОД ПИРИН ВО СКОПЈЕ, ГЛАВЕН ГРАД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 1944-1989. ЧЕКОРЕЊЕ ВО ВРЕМЕТО И ПРОСТОРОТ


1. Роден крај

Роден сум на 6 јануари 1926 година во с. Плoски, св. Врачка, денес Санданска околија. По кажувањето на мајка ми Марија тоа се случило околу 11 часот вечерта, на 6 јануари спроти Божиќ. Ме породила месната бабица, баба Илинка. Роден сум во долното маало на с. Плоски. Низ маалото оди селскиот пат до малото гратче Св. Врач (сега Сандански). Од селото до градот има околу 4 км. пат. Патот оди по два рида: еден од селото до потокот. Се слегува во потокот, и потоа се качува низ една блага планина која завршува со рид што се вика Китката. Од Китката низ една релативно рамна планинска висорамнина се стигнува до малата Речичка река. Потоа низ една угорница од околу еден километар и нешто повеќе, се стигнува до првите селски куќи на селото св. Врач. Се продолжува удолу низ селските улички до центарот на градот.
Долната, нашата маала, е оддалечено од центарот на селото Плоски околу два километри и се оди по валиран пат. Патот завршува со релативно мала рамница на чија лева страна се наоѓаше основното училиште од прво одделение до 3 клас прогимназија. На југоисочниот дел од училишниот двор има голем јавор. До него бразда со вода која тече низ селото. На источниот брег на браздата во правец југ – североисток се наредени селски куќи на побогати селани.
Во нашата (долна) маала главно живеат доселеници од селата: Игралиште, Гореме, Цапарево, Црвишта, Микрево и др. Во горниот дел на маалата се наоѓа голем јавор. Под неговите сенки има чешма, со четири чучури од кои тече ладна вода. Водата тече во корито од кое се напојува стоката, говеда, коњи, кози итн. Водата од коритото се излева на патот (улицата) и слободно тече до крајот на малото. Куќите во малото се сламени колиби наредени од двете страни на улицата. Тоа е колибарско маало. Впрочем, со мали исклучоци колибарска е и цела Пиринска Македонија.
Забележувањето на она низ кое сме растеле колку и да има личен карактер на некој начин ја отсликува и општествената положба во која сме живееле. Така е создавана нашата колективната меморија. Поради тоа се решив полека и постепено, во зависност од доживувањето и од забелешките направени во моментите на случувања да ги преточам во книга. Веројатно, со запишувањето на тоа што ми се случувало во текот на растењето, ќе бидам поблиску до изворот до моментот на тие случувања. Во текот на пишувањето, во најголем обем, се обновуваат спомените, доколку своевремено не сум ги запишал. На тој начин искрено верувам дека ќе можам да ги забележам позначајните работи, од тоа што ми се случувало, до толку, повеќе што тие и така се длабоко внедрени во меморијата. При тоа можеби грешам, но сум тврдо убеден дека тоа што мене ми се случувало имало и има поширок општествен карактер, ако ништо друго тоа како израз на процесите низ кои поминувало нашето оформување како опшност, како нација. Тоа значи дека пренесеното овде на хартија претставува информација од поширок општествен интерес. Може да биде користено и како извор за проучување на времето низ кое поминувало нашето општество.
Да го забележам времето на мојот живот влијаеше и сознанието за непознатото минатото на моите претходници. Не само ние, туку и најголем дел од нашиот народ најмногу што знае за себе тоа е семејното минато. А тоа ретко го поминува прагот на две до три генерации. Со времето таа полека се претвора во митологиja или идеализирана приказна. На пр., јас освен името на претходниците на моите родители, и тоа само по таткова линија ништо друго не знам. Така на пример по линија на мајка ми ги знам имињата на нејзините родители: таткото Никола и мајката Ленка. Се презиваа Василеви, а живееја во село Петрово, денес во близината на грчко-бугарската граница. Другото е темно. Ист е случајот и по таткова линија. Татко му на татко ми се викал Никола, мајка му Софија и живееле во с. Крушево. Се наоѓа од источната страна на планината Алиботуш, денес преименувана од бугарската држава во Славјанка. Знам дека има татко има брат кој го носи името на својот татко, Никола. По протерувањето од Грција заминале во Бугарија. Биле населени во село Преслав, Пловдивско. Татко ми има и две сестри, едната живела, по протерувањето од Грција во с. Горна Градешница (св. Врачка), Санданска околија. Нејзиниот внук Владимир Коцелов бил истакнат противник на антимакедонската политика на Тодор Живков. Другата по протерувањето од с. Крушево се населил во село Преслав, Пловдивско.
Во најголем случај таква е судбината на македонскиот народ. Искуството зборува дека во тешката и долга историја на овие балкански простори целата смисла на животот се сведувала на преживување и репродукција. По заминувањето од овој свет мојот брат Владо кој почина во месец ноември 2015 година остави напишан текст со патетични чувства за времето во коешто живеел, за генерациите коишто доаѓаат. Ете тоа е нашето минато кое по заминувањето на првата, најмногу на втората генерација и минатото заминува во заборав, во темнината на вековите.
Тоа и уште многу други моменти ме мотивираа да почнам да пишувам за минатото на мојот живот, за тоа што сум го доживувал. Не сум сигурен колку идните генерации што ќе потекнуваат од нашиот корен, ќе се мешаат со други корени и најверојатно ќе живеат на други простори на земјата, дали ќе имаат интерес за тоа што нам ни се случувало во времето на нашиот живот. Веќе денес изданоците од нашата фамилија, чии основачи се Марија и Илија Катарџиеви во с. Плоски, во близината на градот Сандански, како последица на современите демографски движења и на барањето на подобар начин на живот, се расфрлени на разни страни во Европа, Америка, Балканот и којзнае уште каде. Прашање и каков ќе биде нивниот интерес за коренот на своето постоење. Но човек ништо не може да предвид и однапред. Можеби еден ден, повлечени од искуството на своите пријатели ќе посакаат, од чисто љубопитство, да научат нешто за своето потекло, да откријат дека не се дрво без корен и ќе побараат да се запознаат со изворот на своето потекло. Во таков случај тоа што ќе го оставам ќе биде извор на информации, се надевам, за нивното потекло што ќе им помогне да не останат осамени, да се извлечат од заборавот на времето. Тоа ќе им помогне да знаат кои се, од каде се, како дошле таму каде што ќе живеат. Секако тоа ќе биде нивно право дали ќе се интересираат за своите корени.

(Продължава в следващия брой)