Акад. Иван Катарџиев

ЕДНО ПАТУВАЊЕ ОД ПИРИН ВО СКОПЈЕ, ГЛАВЕН ГРАД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 1944-1989. ЧЕКОРЕЊЕ ВО ВРЕМЕТО И ПРОСТОРОТ


Кон читателот

Кон крајот на 2017 година се навршија 71 година од денот кога во месец декември 1946 година група од 20 средношколци од 5те околии на Пиринска Македонија го започнаа своето патување од родните градови до главниот град на Народна Република Македлонија, Скопје. Тоа се случуваше нешто повеќе од две години од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ во манастирот св. Прохор Пчински на кое беше создадена македонската држава Федерална Република Македонија.
Оваа група на средношколци доаѓаше на студии во Скопје на првиот македонски универзитет, се случуваше само неколку месеци по крајот на Втората светска Војна. Емоциите со кои доаѓаше оваа група беа исполнети со надеж дека пред нив претстојат добри дни, дека во Македонија после толку војни и пустошења доаѓа период на мир и создавање на нови вредности, остварувањето на вековните идеали на македонскиот народ – обединувањето на цела Македонија и создавањето на единствена македонска држава, рамноправна членка во семејството на балканските народи.
Со вакви идеали или подобро речено илузии, групата се упати кон Скопје, оставајќи ја зад себе, својата родна Пиринска Македонија. Доаѓавме да се учиме во нашата новородена македонска држава за да се подготвиме да му служиме на својот македонски народ овде на Балканот. Ние силно верувавме, но и ја посакувавме ваквата иднина. Под влијание на времето, го идеализиравме комунистичкиот систем иако не ги познававме неговите демократски капацитети. Мислевме дека меѓу комунистичката власт во Република Македонија и во автономната Пиринска Македонија во рамките на Бугарија нема разлики.
Ние не знаевме какви бури воопшто во бугарското општество предизвикало признавањето на македонската национална самосвест на македонската држава и јазик и уште помалку за гревот што во таа земја се создал со доделувањето на културна автономија на Пиринските Македонци. Со други зборови ние не го познававме наследството на минатите времиња во нашиот живот. Бевме селски деца, наивни, без животно искуство, им верувавме на зборовите. Меѓутоа само по 18 месеци од доаѓањето во Скопје врз нашите глави и на нашите родители, со сета жештина се струполи суровоста на комунистичкиот режим.
Чинам дека најдобро може да се сфати цинизмот, суровата стварност во која се најдовме. Денес покрај толку поминато време, ми се чини дека уште немаме јасна претстава за пеколот низ кој поминавме на нашиот животен пат. За кус период поминавме низ три општествени системи. Се родивме во капиталистички систем, потоа поминавме низ период на комунистички остракизам и управно самоволие и пак се вративме во капиталистичкиот пекол. Ја доживеавме антиквизацијата што не е ништо друго, туку обид за рушење на консолидираното македонско самочувство.
Но на Балканот ретко нешто е сигурно и трајно, така и нашата верба во иднината траеше околу 30 месеци. Нашето доаѓање во Скопје беше дело на комунистите заедно со рушењето на нашите идеали од страна на Сталин и БРП(к) по објавувањето на Резолуцијата на Иб на 28 јуни 1948 година против КПЈ, Федерална Југославија и Тито.
Имено таа приказна е основата на содржината на оваа книга насловена ,,Едно патување од Пирин до Скопје, главен град на Република Македонија 1944-1989. Чекорење во времето и просторт.”
Всушност книгата и покрај кратката нарација на животот на едно протерано семејство од родното село во Егејска Македонија и неговиот живот во Пиринска Македонија, најмногу зборува за животот на Пиринските Македонци под власта на БКП и нејзиниот челник Тодор Живков во периодот 1955-1989 година.