Претседателот Ѓорге Иванов на официјалната посета на Република Молдавија:

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ НА СРЕДБИ СО ПРЕМИЕРОТ И СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ПАРЛАМЕНТОТ НА МОЛДАВИЈА

(Преземено од МИА)


Скопје, 18 јули 2018 (МИА) – Претседателот Ѓорге Иванов во рамки на официјалната посета на Република Молдавија, денеска имаше средби со молдавскиот премиер Павел Филип и со претседателот на Парламентот на Молдавија, Андриан Канду.
На средбата со премиерот Филип, како што соопшти кабинетот на Иванов, биле поздравени пријателските односи меѓу двете земји и бил изразен интерес за интензивирање на севкупната билатерална соработка.
Иванов и Филип ги разгледале можностите за зголемување на економската соработка, преку искористување на постоечките потенцијали и унапредување на договорната рамка меѓу двете држави.
Претседателот Иванов истакнал дека Република Македонија ги поддржува европските перспективи на Република Молдавија и имплементацијата на Спогодбата меѓу Република Молдавија и ЕУ, која вклучува одредби за сеопфатен договор за слободна трговија.
Македонскиот претседател изразил отвореност за размена на искуства во однос на ЕУ и подготвеност за меѓусебна помош. На средбата биле разменети мислења и за сличните предизвици во однос на ЕУ со кои се соочуваат Македонија и Молдавија како две мали држави.
Двајцата соговорници ја поздравиле досегашната соработка во областа на внатрешните работи, правосудството, здравството, образованието и науката, културата, земјоделството, транспортот и врските, трудовата и социјалната политика и локалната самоуправа и ги охрабрија институциите во насока на иницирање на нови содржини и реализирање на заеднички проекти.
На средбата со претседателот на Парламентот на Молдавија, Андриан Канду, претседателот Иванов изразил надеж дека во иднина ќе следи засилена соработка меѓу институциите на двете земји во функција на збогатување на содржините на соработка на билатерален, регионален и мултилатерален план.
Двајцата соговорници размениле мислења за актуелните политички случувања во Македонија и Молдавија и за предизвиците со кои се соочува регионот на Југоисточна Европа.
Заедничка констатација било дека мирот, стабилноста и безбедноста на регионот се од клучно значење за целиот европски континент. За таа цел е неопходно јакнење на регионалната соработка и јакнење на меѓусебната доверба и поддршка, порачал на средбата претседателот Иванов.
Претседателот Иванов истакнал дека стратешки цели на Република Македонија се Европската унија и НАТО.
Во однос на европските перспективи на Молдавија, претседателот Иванов го реафирмирал интересот и политичката волја на Република Македонија за споделување на европските искуства и текот на реформските процеси со Молдавија.
Претседателот на молдавскиот парламент ја поздравил определбата на Република Македонија за овозможувањето на одлична бизнис клима за странски инвестиции. Посочил дека неговата земја се стреми кон создавање на институционална доверба и реформи во правосудниот систем. Во таа насока, претседателот на молдавскиот Парламент ја истакна потребата од размена на искуства меѓу парламентите на двете земји, а со цел зголемување на билатералната размена.
Молдавија од 1994 година е дел од партнерската програма на НАТО, а во 2014 година Република Молдавија и ЕУ склучија Договор за асоцијација, со одредби на сеопфатен Договор за слободна трговија.
Во рамки на официјалната посета на Република Молдавија, претседателот Иванов денеска се сретнал и со митрополитот Кишињевски и на цела Молдавија, Владимир Кантарјан.
Ова е прва официјална посета на македонскиот претседател на Молдавија. Вчера во Кишињев претседателот Иванов оствари средба со претседателот на Молдавија, Игор Додон.