Пишува Ристо Бунтески – Бунте

МЕТОДИЈА ШАТОРОВ – ШАРЛО, ЗА МАКЕДОНСКАТА НАЦИЈА


.За обвинувањето на ПК и Шаторов дека издале директива за предавањето на орушјето на окупаторот од документите и изјавите на современиците може да се заклучи дека ваква директива не е донесена. За ова обвинување Шаторов во својот документ вели: „ова прашање исто така се злоупотребува директива за предавање на оружјето немаме донесено“.
За обвинувањето дека се гонети српските другари и дека ПК заземал шовинистички став Шаторов по свој став забележал: „Добро би било да ЦК КПЈ каже поконкретно, како и кој од српските другари е гонет и малтретиран… За жал ЦК на КПЈ и неговиот претставник не можат да наведат ни еден пример… Ние имаме во партијата уште доста Срби и Црногорци кои се на одговорни места и не само што не ги гониме но ние, партијата, раководството и јас работевме сите да ги убедиме дека треба да останат“.
Покраинскиот комитет и Шаторов биле против ставовите на ЦКЈ изнесени во прогласите што се однесувале за Македонија, односно дека и Македонија со фашистичката окупација ја губи слободата и независноста, а дека за време на српската монархија Македонија имала слобода и независност, што значи дека војните 1912-1918 година и за Македонија се ослободителни а не окупаторски и поробувачки. ПК во своите прогласи издадени до македонскиот народ по фашистичката окупација 1941 година јасно има кажано дека Македонија потпаднала под ново ропство, односно со прогласот стои: „со право се праша секој чесен Македонец: „каква ли е оваа слобода, штом Шумадинците се заменети со Бугари, а Македонците се држат под карантин“ “.
ЦКЈ ги обвинил ПК и Шаторов дека не организирале саботажи и акции и дека Шаторов сакал со бегство во Софија да се извлече од контролата на ЦКЈ. За овие обвинувања во споменатиот документ Шаторов вели: „лага е, јас немам дезертирано од работа ниту пак од партиската должност. Јас бев отсутен само еднаш во месец мај и тоа од 24.05 до 1.06.1941 година кога бев во Софија по барање на ЦКБ… Што се однесува до оценката на ЦКЈ дека сите народи на Југославија се сметат под окупација и поробени (освен Македонија), дека со окупацијата македонските маси се сметале за „ослободени“. Оваа оценка на ЦКЈ не е точна и ја отфрлувам, затоа што Партијата, уште пред дојдувањето на окупатори од Германија, Бугарија и Италија. Можам да кажам дека јас лично и членовите на ПК во вашите усмени и писмени агитации укажуваме на опасностите кои му претат на македонскиот народ од бугарскиот, германскиот и италијанскиот фашизам. Влегувањето на германците во Бугарија ни даде поново повод да му објасниме на македонскиот народ за поробувањето кое му се спрема. Како доказ за ова се нашите билтени и прогласи… Народите на Југославија, а специјално во Србија и Црна Гора беа убедени дека ја изгубиле својата слобода и затоа веднаш на позив на партијата се дигнаја на оружје. Тоа во Македонија не можеше да се случи. Требаше да се објаснува и пријателството на СССР со Англија, затоа што македонските маси, со нивна помош, беа под колонијално ропство и поробени“.
Шаторов се обвинува за негово одбивање да се јави во Белград за расчистување, односно за расправање по македонското прашање. Во неговиот документ по ова прашање стои: „Вистина е да јас не се јавив (не отидов) но се постапува зошто: На захтев на ЦКБ јас отидов во Софија… и да примам инструкции, тоа го направив по одлука… (не се чита по чија одлука) на 24.05. а се вратив на 1.06.1941 год. Во ова време дошла покана од ЦКЈ да се јавам во Београд, другарите решиле да отиде еден член на ПК кој истовремено отишол до ЦК и дал информација за положбата на организацијата… и ги известил дека јас сум во Софија во тој момент. Му напоменувам на другарите од ЦКЈ за фактот дека ние го прашавме ЦКЈ за врзувањето со ЦКП и за тоа добивме согласност и ни препорачуваја да имаме врска и за тоа ни дадоа и јавката помеѓу двата централни комитети и врз основа на тоа јас отидов во Софија. До ова мое одење ние бевме дел на КПЈ и организационото и акционо поврзани а после тоа се поврзавме со ЦКБ“.
Од документот може да се констатира дека ЦКБ веднаш по војната на Балканот испратил човек за врска со македонската партиска организација. Од друга страна ПК не поставувал такво поврзување без согласност со ЦКЈ и по таквата согласност и повикот на ЦКБ и одлуката на Комунистичката интернационала, Шаторов заминал во Софија.
Според искажувањата на Шаторов во неговиот документ, уште од почетокот на војната на Балканот и со испраќањето на претставници на ЦКЈ до ПК тој се посомневал во чистите намери на ЦКЈ бидејќи пред тоа немал испратено претставник за врски цели два и пол месеци и, како што вели Шаторов, „ЦКЈ преспал цели два и пол месеци а испратил претставник за исклужучување, дали само за исклучување од партијата треба да се доаѓа. Се прашува ли ЦКЈ зошто ние го предадовме ПК и организацијата. Се разбира да не ја добиевме вашата одлука (мисли на КИ м.з) и согласноста на ЦКБ и сега немаше да ја предадеме организацијата на југословенските другари, ќе водевме нова борба и уште потешка од онаа што беше во август месец. Во овој случај целата одговорност ќе паднеше на ЦК на КПЈ и на неговиот претставник“.
Во основа предавањето на Пк и организацијата на КПМ е направено со одлука на надворешен фактор, односно со одлука на Комунистичката интернационала, а не поради точноста на целокупните обвинувања од страна на ЦК на КПЈ.
Во делот на документот за разговорите на Шаторов со ЦКБ документот прилично е оштетен и не може да се согледа што барал ЦКБ во однос на организационата поставеност на ПК, но од неколкуте неповрзани реченици каде се споменува „обласни комитети“ може да се претпостави дека се барало од Шаторов во овој дел од Македонија да се организираат неколку такви комитети и со тоа да се изгуби партиската целина на КПМ. Според зборовите „никаква реорганизација на партијата“, исто така, може да се претпостави дека Шаторов не се согласувал да се изгуби целината на ПК на КПМ за овој дел на Македонија“. (Методија Шаторов, писмо до КИ од 16 септември 1941 год. ИНИ, Скопје.) Во прилог на ова може да споменам дека во еден неврзан разговор со Перо Ивановски-Тиквар, тогашен организационен секретар на ПК, дознав дека кога Шаторов се вратил од Софија бил нервозен и незадоволен од разговорот со претставниците на ЦК на КПБ, затоа што барале реорганизацијата на партиската организација со формирање на обласни комитети и на оваа територија. А Шаторов бил за тоа (ако ПК на КПМ има врска со КИ преку ЦК на КПБ) Македонија да има посебно партиско раководство за цела Македонија.
Секако дека се поставува прашањето зошто не е суспендиран ПК и сменет политичкиот секретар Методија Шаторов на ваков начин. Дали навистина имале „грешки“ (сите оние што им се препишуваат) или, пак, дека македонското партиско раководство било самостојно и дека самостојно формирало КПМ со своја програма за целосно ослободување на Македонија и за формирање на македонска држава на целата своја територија? Ваквата програма на македонското партиско раководство не беше прифатлива ни за КПЈ, ни за КПБ, ни за КПГ, и се направи се само да се спречи програмата на ПК на КПМ.
Причините за донесувањето на одлуката на ЦК на КПЈ за суспендирање на ПК и за исклучување од Партијата на нејзиниот секретар Методија Шаторов се во основа програмската цел на ПК објавена во издадените прогласи на ПК во 1940 и 1941 година. Во овие прогласи јасно се гледа целта за ослободувањето на Македонија, а нејзината јачина се гледа во искажаните зборови во прогласите: „Македонскиот народ се бори и треба да се бори заедно со српскиот, бугарскиот, хрватскиот, грчкиот и црногорскиот народ за ослободување и рамноправност, но не цепење на Македонија и македонскиот народ, за слободна македонска република како рамноправна меѓу сите балкански држави“. Значи спротивно со ставот на ЦК на КПЈ за ослободување само на дел на македонската територија, а што е условено со постојаните граници на Југославија.
Критиките, обвинувањата и клеветите изнесени против Покраинскиот комитет на КПМ и нејзиниот политички секретар Методија Шаторов не произлегуваат од базичните партиски организации ниту од одредени партиски раководители на Македонија. Овие обвинувања од страна на раководството на ЦК на КПЈ во 1941 година, а тоа се Лазар Колишевски и Драган Павловиќ, како и од одредени партиски раководители на ЦК на КПЈ. Раководството на ЦК на КПЈ без да ја утрврди фактичката состојба ги донесува соодветните одлуки за суспендирање на ПК и за исклучување на Шаторов.
ПК на КПМ и политичкиот секретар Методија Шаторов не беа контрареволуционери и саботери, а Шаторов не бил ни Бугарин ниту бугарски експонент, ниту предавник, ниту во душата Бугарин, ниту стар Бугарин како што го нарекувале. Тој бил Македонец, комунист и револуционер кој имал јасна визија за македонската национална индивидуалност и за неговата борба за ослободување, поради што и ја создал Комунистичката партија на Македонија.
Ставовите на Методија Шаторов, цело време биле, а тоа јасно го покажувал во сите пишани документи и повици до македонскиот народ за: самостална македонска комунистичка партија, која ќе го организира македонскиот народ, за негово национално и социјално ослободување; за обединување на распарчените делови на Македонија во една држава, рамноправна со останатите балкански држави. Ниту во еден момент, ниту во еден документ тој не отстапил од овие ставови.

Телеграмата на ЦК на БКП испратена до КИ од февруари 1942 година во потполност ги содржи ставовите на Шаторов за организирање на македонската комунистичка партија единствена за сите македонски делови. Во оваа телеграма стои: „Сметаме да е према постојаната состојба целисходно-оправдано да се соединат македонските партиски организации во самостојна македонска партија“. Од ова произлегува дека македонската комунистичка партија ќе има задача да ги прибира во своите редови комунистите од трите делови на Македонија.
Со аналитичкиот пристап на документите издадени во времето на Шаторов кои се лично пишувани од Шаторов или издадени од ПК на КПМ а кои воглавно се цитирани во овој материјал може да се заклучи дека Шаторов бил со јасна цел дека Македонија треба да се ослободи национално од српското, грчкото и бугарското ропство и да се обедини во самостојна македонска држава, рамноправна со другите балкански држави. Овие ставови за развивање, јакнење и зацврстување на македонското национално сознание-свест, изнесени во овие документи, посебно рефератот на Шаторов од 1926 година придонесуваат за афирмација на македонската нација и како непобитен факт доведува до признавање и од Комунистичката Интернационала, а кое придонесе за нејзина афирмација во работничкото – комунистичко движење во светот.

Од ова може да се констатира дека Шаторов има придонес во заземањето став на КИ за признавањето на македонската нација и на македонскиот јазик. А не како што пишува авторот Т.Б. дека едино Шаторов се спротивставил против ставовите на КИ за признавањето на македонската нација и македонскиот јазик. Каков парадокс од страна на авторот.

Скопје, август 2008 година

(Продължава в следващия брой)