Култура

ГАЛИЧКА СВАДБА: КРУНИСУВАЊЕ НА ЉУБОВТА СО ТАПАНИ И ЗУРЛИ

Зоран Г. Маџоски


Гостивар, 14 јули 2018 (МИА) – Традицијата на мијачките свадби, ќе продолжи по 45 пат. И оваа година, во Галичник средиштето на мијачијата ќе екнат тапаните и ќе запиштат зурлите. Знак дека започнува уште едно издание на културно-туристичката манифестација „Галичка свадба“ . Љубовта уште еднаш ќе биде мотив за сватовите да заиграат на ритамот од старата, повеќевековна свадбарска езгија.
Одржувањето на оваа манифестација е инспирирана од желбата на жителите на Галичник да ги сочуваат од заборав обичаите карактеристични за мијаците. За православниот празник Петровден се случувало и повеќе десетици двојки да се венчаат во ист ден. Причината за одржување на толку венчавки во кус период е во доаѓањето на мажите од печалба. Неретко се случувало, мажите да направат свадба и кусо време да ги напуштат своите сакани. Овој период се користел и за свршувачки, по што отпочнувале подготовките за свадба.
Како почнале петровденските свадби во Галичник најблиску се објаснуваат со стиховите на една песна која галичани често ја пеат.
Нарочува бело Менде, порочува:
„Како знојеш, аџи Павле да си дојеш“.
Да си доеш, аџи Павле пред Петровден,
пред Петровден, аџи Павле, две недели.
Ако не доеш, аџи Павле, пред Петровден, ќа го најеш бело Менде оможено.
Овие стихови воведуваат во традицијата на заедница која со векови опстојувала во планинските предели на западот од Македонија. Самата свадба и обичаите биле предмет на многу истражувања, како култоролошки така и етнолошки и отсликува еден дел од животот на мијаците.
Манифестацијата „Галичка свадба“ има традиција од 55 години, поточно првата се одржала во 1963 година. По одржаните две, има прекин сé до 1973 година од кога се одржува редовно. Во 2001 година за време на вооружениот конфликт, пред чешмата „Упија“ беше изгирано само „Тешкото“ заради актуелната состојба во земјата.
Во разговор со хроничарот Киро Кипровски кој е едниствениот што како новинар ги забележал сите изданија на Галичката свадба се навраќаме повеќе од половина век наназад до покренувањето на иницијативата за ваква манифестација.
Оваа идеја почнува во време кога иселувањето зело драматични размери. Тогаш, група галичани фанатично вљубени во родното место се организираат за да го вратат духот и животот. Во1962 година беше формиран иницијативен одбор, кој осмислува туристичка културна манифестација која ги негува и на јавносга и ги презентира изворните народни песни, ора, свадбарските обичаи и ритуали и рачно работената носија. Со еден збор, сé што е вредно, автентично да им се пренесе на младите генерации, вели Кипровски.
Одржувањето на првата свадба ќе биде забележано од тогашните медиуми. Еден од насловите по одржаната „свадба“ гласи „Спектакуларни ритуали“, бидејќи тогаш биле изведени оригиналните обичаи што се правеле отсекогаш, а на поголемата јавност не и биле познати. Во аналите на хроничарите стои дека на првата свадба имало над 4.000 гости кои одблизу ги виделе свадбарските обичаи на мијаците. На второто издание дошле многу помалку, со оглед дека на 12 јули 1964 година, времето не било наклонето и врнел пороен дожд. Малата посетеност била условена и од лошиот пат низ Бистра. Од тие причини, нагласува Кипровски организаторот решил да прави пауза во одржувањето на манифестацијата сé додека не се асфалтира патот Маврово – Галичник.
По пауза од десет години, во1973 година откако асфалтот стигна до селото „Галичка свадба” е обновена.
Заради иделошките разлики и влијанието тогашните власти, венчавки не се одржувале, па така галичкиот „зет“ и невеста“ биле само статисти. Вистинска свадба со венчавка се одржува првпат во 1991 година. На 21-то издание на „Галичка свадба”, повардарскиот митрополит г. Михаил ги венча зетот Антонио Пендаровски и Весна Мицевска во црквата „Св. Петар и Павле”. Околу изборот на младенците, што го прави советот на месната заедница, има едно правило кое се смета како предност, а тоа е во пријавениот пар еден да биде со потекло од Галичник.
Обичаи преточени во атракција
Од традиционалната свадба, пред посетителите и гостите се изведуваат триесетина обичаи. Во нив учествуваат околу двесте лица со различни задолженија. Во текот на двата дена од манифестацијата, посетителите можат да проследат автентични свадбарски обичаи и ритуали проследени со изворни свадбарски песни карактеристични за овој крај од Македонија. Традиционално, почетокот на свадбата се означува во сабота со поставување на свадбарсккот бајрак и симболичниот чин на „фрлање“ три пушки од куќата на зетот (вила „Доста“). Неговата мајка ги дочекува семејството и роднините со домашен леб и со ќуп во рацете, а потоа го води „Свекрвиното оро.
Вечерта има една импресивна слика кога зетот, кумот и други пријатели носат запалени факели до куќата на младата. Тоа симболично го означува терањето на демоните што би можеле да го следат младиот пар. Свитата со факелите го осветлува патот до трите чешми, каде младата за последен пат како немажена ги полни бокалите со вода. Утредента се канат мртивите на гробишта и се оди до куќата на кумот од кого младенецот бара благослов. Највпечатлив обичај е бричењето на зетот што означува не¬гова трансформација од момче во човек. Потоа следува потстрижување. Во неговата потстрижена коса се става дукат, како симбол на богатство и потомство.
По овие обичаи следува одењето до куќата на младата. Таа облечена во традиционална га­лич­ка носија, го дочекува младенецот на балконот од нејзината куќа. Тогаш таа изговара, гледајќи низ прстенот: „Низ прстен те гледам во срце да ти влезам“ . Качена на коњ младата заминува во куќата на нејзиниот иден маж. Свекрвата со сито, погача и бокал со вино ја дочекува невестата, која слегува од коњ и по прострената литовина влегува дома. По венчавањето во црквата „Св.Петар и Павле“, невестата се носи на вода на чешмата „Упија”, потоа се изведува невестинското оро, ги дарува најблиските, се крши „шутката” и по завршувањето на свадбарските обичаи тапаните и зурлите ги испраќаат најблиските роднини.
Особено впечатлив белег на целата манифестација претставуваат колоритните носии на сите учесници во свадбената свеченост. Учесниците го имаат само тој услов, да бидат облечени во автентична галичка носија за учество во „Галичка свадба“. Посебна атракција е и невестинската носија која сама по себе е уникатна. На неа преовладуваат белата, жолтата и црвената боја и доминантен е богатиот вез распореден на ракавите и на предниот дел од кошулата. Составен дел од невестинската носија е и накитот изработен со филигранска прецизност и уникатни златни и сребрени елементи. Сиот комплет може да тежи и до 30 килограми.
„Галичка свадба“ меѓу деветте фестивали во Европа кои мора да се видат
Со ваков наслов влијателниот „Њујорк тајмс“ годинава ја препорачува Галичката свадба, а за нејзниот значење и оригиналност напишани се многу текстови, објавени фотографии во светски магазини, видео записи, специјални емисии. Постојано го посетуваат странски дипломати, државници и познати личности. Со години нананзад, како покровители се јавуваат премиери, претседатели на државата, собранието.
За оваа манифестација врзана е и една ангедота, која заради „чувствителноста“ била сокриена од окото на јавноста во средината на осумедестите години. Локалниот жител познат како Негре маршалот (носел многу значки на палтото), пред почетокот на свдабата на влезот од селото го запрел автомобилот на грчкиот амбасадор и од патниците ги побарал пасошите. На прашањето зошто му се потребни, Негре рекол дека треба да побара дозвола од кметот за нивниот престој. По половина час тој им ги вратил пасошите и им порачал дека може да останат во селото колку што сакаат. Набрзо се разбрало за настанот, по што безбедносните служби го привеле. На прашањето зошто го направил тоа, Негре ладнокрвно им одоговрил дека тоа е реванш, бидејќи чекал да му издадат виза за влез во Грција.
Вековна традиција-Во еден ден и педесетина свадби
Во белешките на хроничарите за Галичник и традицијата врзана за петровденските свадби се наоѓа податок дека во 1921 година, пред олтарот на црквата „Света Петка“ во Галичник застанале 51 брачна двојка. До средината на педесетите години, имало по триесетина венчавки. Потоа со губењето на економската моќ и миграциите Галичник – најголемото село на Балканот, како синоним на изреката „Галичник село големо, в Станбол на чутук пишано” опустошува. Во најдобрите време, пред Втората светска војна биле регистрирани околу 6.000 жителии и 800 куќи. Главна дејност им било сточарството и трговијата со волна, сирење, кашкавал. Сега, во селото постојано живеат брачниот пар Борка и Павле Лукановски кои оваа година прославија 55 години заеднички живот. Со топењето на снеговите, овој крај го живнуваат пензионерите и вљубениците во Галичник кои престојуват преку лето.
Оваа година судбоносното „Да“ во живописниот Галичник ќе го кажат невестата Тања Лепческа, која е по потекло од Галичник, и младоженецот Златко Димовски. Тие ќе бидат главните протагонисти во рамки на годинешното 45-то издание на автентичната културно-сценска манифестација „Галичка свадба“.
Со почетокот на „Галичка свадба“, почнува и „Галичкото културно лето“ кое официјално почна на платото пред чешмата Упија, со настапот на Влатко Стефановски и оперската певица Весна Ѓиновска Илкова и групите „Тоа е Тоа“ и „Бенд Офф“.
Со програмата за годинешната „Галичка свадба“ предвидени се и дополнителни забавни и музички содржини. Првпат, од сите локации каде се одржува манифестацијата ќе се емитува „лајв стрим“, односно пренос „во живо“, што ќе може да се следи на LED дисплеј поставен на платото пред чешмата Упија, како и преку интернет, на социјалните мрежи.