Свидетелства за един достоен македонец – Ѓорги Поп-Атанасов

НЕ, ДРУГАРЮ СЛЕДОВАТЕЛ, АЗ НЕ СЪМ БЪЛГАРИН. АЗ СЪМ МАКЕДОНЕЦ

Самуил Ратевски
(Продължава от миналия брой)


Тоа беше протолкувано од затворските власти како бунт против редот во затворот, поради што со џип бев однесен во затворот во Пазарџик и казнет со 14-дневен карцер. Притоа, при носењето во карцерот, милиционерот што ме спроведе таму, ми ја зема горната облека и јас останав сосема слабо облечен; а во тој карцер, длабоко во подрумите на затворот, беше многу студено. Карцерот претставуваше сосем тесна ќелија, на чијшто под имаше дрвена палета, а под неа вода. Седиш во ужасна самотија, се тресеш од студ, не може да се спие – навистина ужасно нешто. Не знам колку време не сум спиел, но знам дека една ноќ сум заспал и кога се разбудив, дел од главата ми беше во водата во аголот на карцерот. Во затворот во Пазарџик не само во карцерите, туку и во другите затворски простории, во коишто се престојуваше и спиеше, условите за живеење беа катастрофално лоши. Во една просторија беа сместени по дваесетина затвореници, а се спиеше врз сламени душеци, поставени директно врз бетонскиот под. Иако во просториите имаше радијатори за парно, зимно време во тие простории престојувавме и спиевме без никакво отопление. Постарите затвореници ни раскажуваа дека еднаш се случило да им пуштат парно, но во текот на јули, па луѓето едвај останале живи.
По пуштањето од карцерот бев префрлен во специјално казнено одделение на затворот, каде што затворениците беа сместени во самици. Престојот во самица е исклучително тежок, бидејчи и дење и ноќе си сам; не ти даваат ништо за читање, нема со кого да размениш по некој збор. Едноставно седиш и молчиш меѓу четирите ѕидови – денови, месеци, години (некои од затворениците тука беа веќе повеќе години).
Еднаш дневно нè носеа во дворот на затворот на полчасовна прошетка. Нè пуштаа од ќелиите еден по еден и во кружната патека, по којашто се движевме, меѓу затворениците имаше по 5-6 метри растојание. Беше забрането да се разговара: само за еден мал невнимателен гест можеше да те однесат одново во карцерот во подрумите на затворот. Овој режим на самица претставува крајно нехуман однос кон осудените лица. Се сеќавам дека еден од затворениците во тоа одделение, мислам дека се викаше Ефтим Арсов, и беше од Николапетковистите, не можејќи да ја издржи оваа психичка тортура, се обеси.
Додека јас ја издржував казната, татко ми ангажирал адвокат од Софија и поднел жалба на превисоката пресуда. Главен аргумент на ангажираниот адвокат било тоа што сум бил неполнолетен и што единствениот брат на татко ми, чичо Иван, е стрелан од бугарските фашисти како партизан кога бил едвај на 22-годишна возраст. Така, мојот изнамачен татко успеал да издејствува, преку софискиот адвокат, да ми се намали казната од пет на три години. Тоа ми овозможи да излезам од затворот во Пазарџик на 23 декември 1960 година, кога тукушто ја бев започнал дваесет и првата година од својот живот. Меѓутоа, моите маки не завршија со тоа. Само два месеца по излегувањето од затворот, бугарските власти ме испратија на двегодишна принудна работа во таканаречената Трудова повинност, со што јас одново бев казнет поради својата „вина“, иако бев потполно невин. Единствената моја вина беше што сум Македонец и што сакав да останам Македонец.

(Продължава в следващия брой)