Пишува Ристо Бунтески – Бунте

МЕТОДИЈА ШАТОРОВ – ШАРЛО, ЗА МАКЕДОНСКАТА НАЦИЈА


Во април 1940 година се формира Покраински комитет во нов состав: политички секретар – Методија Шаторов-Шарло, организационен секретар – Петар Ивановски-Тиквар, членови: Коце Стојановски, Добривое Видиќ и Орце Николов.
Со преземањето на партиското раководство од овој комитет, Македонската комунистичка партија во Вардарскиот дел на Македонија презема низа активности за организационо зацврстување и проширување на партиската организација и за нејзино идејно-политичко издигнување, за да може успешно да се поврзе со масите и да ги води во борбата за национално и социјално ослободување.
Покраинскиот комитет на Комунистичката партија во Македонија, во јуни 1940 година, објавува еден повик со наслов „На работниот народ на Македонија“. Овој повик има програмско-политички карактер и е упатен до македонскиот народ по повод влошувањето на меѓународната ситуација и опасноста од проширување на експанзијата на фашизмот во Европа. Во однос на однесувањето на големо-српската монархија во Македонија стои: „Со својата политика за национално потиснување режимот го обесправувал македонскиот народ, му ја задушувал националната свест и чувство и му ги скусувал неговите права“ (Документи и материјали, том 1, кн. 2, стр. 313-318)
Професорот Н. Вулиќ, напишал статија под наслов „Јужна Србија“ објавена на 11.07.1940 година, која имала за цел да ги поттикне административните и впросветни“ органи да му вразјасната“ на Македонците дека се Срби. Во Билтенот бр.1, орган на ПК КП во Македонија од 20 јули 1940 година, се вели дека вистинските Македонци и вистинските приврзаници на борбата на македонското дело овие дни му испратиле одговор на проф. Н. Вулиќ на неговата статија објавена во Правда од 10 овој месец“. (Билтен бр.1, издаден од ПК КПМ, од 20 јули 1940 година)
Од овој одговор ќе цитираме одредени делови, во кои се битни ставовите искажани по македонското прашање: „Македонската нација се создавала историски, а не е плод на умот на овај или онај. Македонскиот народ води веќе 50 години организирана борба за своето постоење… Само треба одеднаш да кажеме да Македонците и ден денешен водат борба заедно со српскиот, бугарскиот и грчкиот народ за своето ослободување… После неуспешното Илинденско востание… после 1903 година ние имаме во Македонија србоманска, бугароманска и гркоманска пропаганда… Во еден број на „Македонски глас“ – издаден во Москва 1904 година стои дека Македонците не се ни Бугари, ни Срби ниту грци, туку се само Македонци“. (Ова го кажал и Јован Бабунски, кога уште не бил србомански шовинист и агент, истото важи и за Борис Сарафов, додека не станал врховист и бугароман) За македонската националност во одговорот стои: „Македонската нација е плот на историски стечени околности и претставува едно геогравско и историско и духовно-културно цело со еднаквост на јазикот… Македонската нација ја образуваат македонските Славјани… И така, Македонците се одделна националност со свој јазик, култура, економиско и геогравско цело историски создадено со револуционерна борба, со македонското национално ослободително движеније“. (Документи и материјали, том 1, кн. 2, стр. 318-322)
На првата покраинска конференција одржана на 8 септември 1940 година донесена е резолуција која има програмско значење за комунистите во Македонија, а тоа се гледа од прашањата што се опфатени и од ставовите кои се заземени. Овде ќе се задржиме само на еден дел од нив што се од битно значење за решавањето на македонската национална самобитност. Во овој документ за македонското национално прашање стои: „Политиката на национално потискање, асимилација, див терор и преселедување на се што е македонско, како и на македонската култура, јазик и песни се спроведува во целата крвожедност“. (Исто, стр. 334-338)
Во повикот „Македонци“ од октомври 1940 година што го издал ПК по повод доаѓањето на Драгиша Цветковиќ со скопскиот воен клуб стои: „Многу се лажат оние Македонци што мислат, се поубаво ќе биде, ако во Македонија дојди Хитлер и Мусолини. Жестока лага… Македонскиот народ во таков случај ќе има двојца господари, двојца експлоататори, двојца потисници: српскиот џандари германската чизма. Македонскиот народ ќе има двојца господари и во случај да Хитлер ја даде Македонија на бугарскиот империјализам“. (Исто, стр. 340-341)
Во ноември 1940 година, од ПК на КПМ издаден е леток до македонскиот народ (Брајкја). Во овој леток се објаснува што носи двегодишната империјалистичка војна, која го зафати и Балканскиот Полуостров. Во овој леток се вели: „Во вакви критични минути големосрбите и големобугарите спорат чија е Македонија и кој треба да ја управува. Тој спор се зафати по повод зборовите на П. Думанов во Народното Собрание (бугарско собрание на 21 ноември 1940 год.), кој рече: дека Македонија требало да сјаи како драгонец камен во круната на цар Борис. Српските шовинисти и поробители му одговорија, дека Македонија ќе сјаи како елмас во круната на југословенскиот крал…
Прво нешто, што паѓа во очи е признавањето од страна на српските големци да постои Македонија. Досега секогаш си го дереа грлото дека Македонија нема, а има само „Јужна Србија“, а сега признаа дека Македонија има не само во Грција и Бугарија, ами и во Југославија. Ама суштината на спорот меѓу српските и бугарските шовинисти е кој да владеи во Македонија и кој да ја стрижи македонската овца…
Господата од Белград и Софија спорат за Македонија, а македонскиот народ не го прашуваат. Тие поробители на Македонија имаат тепегјозлук да зборуваат дека македонскиот народ бил српски, бил бугарски и дека македонците немале историја, јазик и др. Македонците поробители лажат! Во сушност Македонците не се ниту Срби, ниту Бугари, а се само Македонци… Вие имате свој јазик, своја култура, свои традиции, песни и тн. Вие имате славна историја и минато. Кирил и Методија не беа ни Срби ни Бугари, ами македонски Славјани кои дадоа писменост и култура на сите Славјани“.
Во овој повик ПК е јасен. „Поробителите на Македонија ќе се раскинат да докажат дека Македонците биле слободни. Навистина пак во Македонија не постои слобода, а постојат затвори, џандари, ќотеци, национално потиснување, колонијална експлотација, политичко ропство и безправие… Од една војна помеѓу Југославија и Бугарија – за Македонија, ќе страдаат народите на двете држави… Во една таква војна Македонија ќе ги смени само господарите… Спасението на Македонија е во борбата за слобода во сојуз со сите народи и потиснати во Југославија“. Овој повик на ПК завршува со паролата: „Да живее народната власт во Југославија, која ќе и даде слобода на Македонија! Да живее слободната македонска република“. (Исто, стр. 361-363)
Покраинскиот комитет во септември 1940 година издава напис под наслов „Положбата и новата опасност на Македонија“. Со оглед на неговото значење за ставовите на ПК, ќе цитираме поголем дел од него, без да коментираме. Овде стои: „Специјално за Македонците постои истата опасност како и за другите народи во Југославија да станат робови на Германците и Италијанците, но под превезот на Бугарија. Бугарија е големо дете на Хитлер и Мусолини, Бугарија има аспирации над Македонија и се готви да ја земи со помошта на Германија и Италија. Се праша што ќе добијат Македонците од едно такво сменување на господарите од сменувањето на империјалистите кои ја задушуваат и ќе ја задушуваат и утре. Со преминувањето на македонците под власта на цар Борис, апсолутно нема да се измени посуштествено положението на Македонија.
На место српските џандари, ќе има бугарски, на место српските порезници ќе има бугарски и т.н. Македонците ќе бидат малтретирани од бугарските власти, исто така како што се денеска малтретирани од српските империјалисти. Бугарските џандари не помалку умејат да псујат „вашата шамка македонска!“.
Дека точно новото ропство за Македонците преставува преминувањето им под Бугарска власт послужи на пример оваја част, на Македонија која е под бугарска власт – Петричко. Цели 28 години од како Петричко е во Бугарски раце. Тој крај не е напреднал ни во едно направленије. Македонците во Петричко исти како Македонците под српско се колонија. Насилството е многу поголемо од колку во стара Бугарија, а за права и слобода да не зборуваме. Од војната навака се истепани околу 3 илјади најнапредни, најверни синови на македонскиот народ, само затоа што несакаа да бидат поробени, несакаа да бидат експлоитирани колонијално, а сакаа слобода и рамноправност.
Длабоко можи да се разбери дека можи да биди само оној народ носител на слободата, кој сам се ослободил“. (Билтен на ПК КПМ од септември 1940 година, бр. 3, стр. 1-3)
За состојбите и настанатите спорови Шаторов ја известува Коминтерната. Од овој документ произлегува дека македонската организација и Пк, додека биле дел од КПЈ, немало ни еден случај за неизвршување на директивите на КПЈ. По војната на Балканот се измениле одредени односи помеѓи ПК и ЦК на КПЈ. Околу 20 април 1941 година ПК на КПМ добил директива од ЦК на КПЈ за чистење на партиската организација од разни нездрави елементи. Во тоа време имало околу 300 членови во Партијата, и ако се применеле критериумите на ЦК на КПЈ, спрема Шаторов немало да останат „ни пет души“, што би значело распуштање на Партијата. Методија Шаторов вели: „вистина е дека по мој предлог одлучивме да не треба да се распушта партијата, ами треба членството да се зголеми и бев одлучно противник на таа паничарска директива. Моја партиска должност беше да предложам оваа одлука да се извршува сосема обратно. Немаше да направиме големо добро ако ја распуштевме партијата која и онака беше малобројна. Нашата цел е ослободување на Македонија од фашистичкото ропство, како тоа ќе го остваревме без партиска организација. Ние презедовме се’ и членството го зголемивме на околу 700 членови“.
Покраинскиот комитет оваа директива на ЦК на КПЈ не ја спровел оценувајќи ја како неправилна и штетан за македонското комунистичко движење. Во тие судбоносни денови ПК се подготвувал за целосно социјално и национално ослободување, а за остварување на таа цел им била неопходна партиска организација. Натамошно истражување треба да ги утврди причините за ваквата директива на ЦК на КПЈ.
Во однос на обвинувањето за поништувањето на прогласот издаден од ЦК на КПЈ, Шаторов вели: „ние и да сакавме да го издадеме својот проглас за Македонија специјално ќе беше штетен затоа што во овој проглас Македонија е изедначена со другите покраини во Југославија за изгубена слобода и независност по окупацијата. Македонија немаше слобода и незавесност и пред се окупацијата, а после неа падна самото под ново ропство“.

(Продължава в следващия брой)