Свидетелства за един достоен македонец – Ѓорги Поп-Атанасов

НЕ, ДРУГАРЮ СЛЕДОВАТЕЛ, АЗ НЕ СЪМ БЪЛГАРИН. АЗ СЪМ МАКЕДОНЕЦ

Самуил Ратевски
(Продължава от миналия брой)


Ѓорги Поп-Атанасов е роден во с. Елешница, Разлошко на 8 XI 1940 г. Како ученик во разлошката гимназија учествува во две групи, чијашто цел била да се одбранат човековите права на Македонците и особено нивното право на сопствен национален идентитет. За таа своја дејност, иако неполнолетен, е осуден на 5 години затвор. По излегувањето од затворот бил 2 години трудовак, а потоа се запишува на Духовната академија во Софија, којашто ја завршува во 1967 г. Потоа работи во Митрополијата во Благоевград и во окружниот весник „Пиринско дело“. Поради опасност од ново апсење ја напушта Бугарија во летото на 1972 г. и добива политички азил во Репулика Македонија. Тука го дооформува своето образование – магистрира и докторира на теми од областа на средновековната книжевност.

Бил раководител на Одделението за средновековна книжевност во Институтот за македонска литература и редовен професор на Богословскиот факултет во Скопје по предметите староеврејски јазик, старозаветна егзегетика, библиска херменевтика и библиска археологија. Досега објавил околу 200 статии и 23 книги од областа на библистиката и средновековната книжевност. На 4 VI 2012 е избран за редовен член на Македонската академија на науките и уметностите.

Кога дојде новата смена, што за моја среќа се случи многу брзо, новиот дежурен милиционер, кога виде дека лежам на мокриот бетон, ме премести во друга ќелија, ми дозволи да лежам, а ми донесе и апче против главоболка. За само неколку часа главоболката ми помина. Тогаш сфатив дека и меѓу нелуѓето имало по некој човек.
Со Борис, и покрај редовното патролирање на дежурниот милиционер, успеавме да воспоставиме контакт. Во тоа време, најверојатно поради долгиот престој во ќелиите-самици, толку ни беше изострен слухот што во секој момент точно знаевме каде се наоѓа дежурниот милиционер. Кога тој беше доволно далеку од нашите ќелии, ние со довикување (се разбира, без тоа да го насети милиционерот) успеавме да размениме по некој збор. Се договоривме преку чукање по ѕидот на ќелиите да се договараме околу сослушувањата и истрагата. Бројот на чукнувањата го означуваше бројот на буквата во редоследот на азбуката. Така, едно чукнување означуваше а, две – б, три – в итн. Се разбира, меѓу одделните чукнувања правевме кратка пауза. На тој начин успеавме да се договориме околу многу работи и да ги координираме нашите искази за време на истрагата.
Во судскиот процес што го организираа бугарските власти, бевме судени и осудени само ние со Борис, додека другите беа присутни во својство на сведоци. Само еден не се појави на судењето што нè тераше да се сомневаме дека бил соработник на бугарските тајни служби.
Процесот се одржа на 12 XII 1958 год. во Разлог. Јас бев осуден на 5 години затвор како неполнолетен (18 години наполнив во истражниот затвор во Благоевград), а Борис, кој беше 2 години повозрасен од мене, на 10 години затворска казна.
По осудувањето бевме префрлени во софискиот централен затвор, каде што престојувавме 2-3 месеци. Бевме во некое специјално одделение на затворот, бидејќи се случуваше ноќно време да слушаме ужасни писоци на затвореници, кои или беа измачувани или беа носени на извршување на смртна казна. Ваквите ноќи беа исклучително тешки за нас. Мислам дека со некаква умисла намерно нè ставија во такво одделение, затоа што ноќно време нè носеа кај некој полициски агент, кој вршеше врз нас притисоци да потпишеме изјава дека се откажуваме од нашите идејни определби во однос на Македонија, со што ние не се согласивме.
Од софискиот затвор нè префрлија во затворот во градот Пазарџик во Јужна Бугарија, кој беше наменет исклучиво за политички затвореници. Меѓу затворениците имаше многу приврзаници на опозицискиот земјоделски лидер Никола Петков, кој претходно бил осуден на смрт и обесен од страна на комунистичкиот режим. Николапетковистите беа исклучително толерантни кон нас Македонците и го респектираа нашето национално чувство. Јас имав многу пријатели меѓу нив.
Во затворот во Пазарџик имаше многу Македонци. Веќе не се сеќавам на сите, но на многумина од нив сè уште ги помнам имињата. Се сеќавам на следниве затвореници од нашиот крај: Ѓорги Бојаџиев од Гоцеделчевско, мислам дека беше од селото Корница. Тој бил осуден на смрт и престојувал една година во одделение за такви осуденици. Велеше дека цела година не спиел ноќно време, бидејќи преку ноќта ги извршувале смртните пресуди. Од Гоцеделчевско (Неврокопско) беше и Тома Малечков, кој како студент во Загреб, за време на Втората светска војна, ја извршувал должноста секретар на Ванчо Михајлов, за време на неговот престој во престолнината на НДХ (Независна држава Хрватска) на Анте Павелиќ. Петар Маљаков од селото Бања, Разлошко и Борис Дагарадин од Банско, исто така, беа во пазарџичкиот затвор. Во овој бугарски затвор беа и Таско Колев од Благоевград, Симеон Данев од Катунци и Благој Давков од Петрич. Благој беше син на Иван Давков, кој е стрелан од комунистите, а потоа рехабилитиран. Тука издржуваа затворска казна и двајца анархисти од нашиот крај: Илија Ќехајов, кој мислам дека беше од селото Габрене, Санданско и Георги Константинов од Благоевград, како и Иван Неврокопски од Крупник, кој заземал високи функции во опозицискиот Земјоделски младински сојуз.
Меѓу затворениците имаше извесен број истакнати бугарски генерали како Иван В’лков, воен министер во владата на Ал. Цанков за време на Септемврискиот бунт во 1923 год., генерал Кирил Станчев, командант на Втората бугарска армија за време на Втората светска војна и учесник во Деветосептемврискиот преврат во 1944 год. Мислам дека ген. Станчев бил првиот бугарски воен министер по војната. Потоа генерал Богданов, кој бил со бугарската војска во окупирана Македонија и кого по војната македонските власти го барале да го судат за воени злосторства.
По извесно време нè префрлија во селото Огњаново во близина на Пазарџик, каде што имаше каменолом, во којшто работеа затвореници од пазарџичкиот затвор. Условите беа многу тешки. Секој затвореник требаше да искрши голема количина камења со еден мошне тежок чекан и со вагонетка да ги однесе до една каменотрошачка, којашто беше на околу 200 метри оддалечена од самиот каменолом. Не се сеќавам колку кубика беше тоа, но знам дека за мене, како сè уште сосем млад човек, исполнувањето на определената норма беше невозможна работа. Јас никогаш не успеав да ја исполнам таа норма, па затоа честопати ме оставаа да работам две смени. Не можејќи повеќе да издржам, еден ден откажав да работам, велејќи дека имам силни болки во пределот на стомакот.

(Продължава в следващия брой)