Попоски во Брисел:

МАКЕДОНИЈА ЌЕ ИЗЛЕЗЕ ПОСИЛНА ОД СЕГАШНИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ И ЌЕ БИДЕ ЧЛЕНКА НА ЕУ

Марина Стојанова-Тонева
(Преземено од МРТ)


„Македонија ќе излезе посилна од сегашните предизвици и ќе биде членка на Европската унија“, порача министерот за надворешни работи, Никола Попоски на конференција во Брисел на тема – предизвиците за регионот на Западен Балкан…
Република Македонија ќе излезе посилна и постабилна држава по завршување на овој кризен и полн со предизвици период, како од внатрешен така и од надворешен план, и ќе биде членка на Европската унија, а процесот на проширување на ЕУ низ годините се покажал како најуспешен проект кој гарантира стабилност и во рамките на Унијата и во регионот- ова е пораката која шефот на македонската дипломатија Никола Попоски им ја пренесе на европските парламентарци на конференцијата насловена како „Европската иднина на Западен Балкан“, организирана од страна на најбројната политичка партија во Европскиот парламент – Европските народни партии.
„Тоа што е најбитно за нас е што и во вакви комплицирани времиња има луѓе во рамките на самата ЕУ кои сакаат да упатат јасна порака дека ветувањата кои се пратени уште од 2003-та година дека целиот Балкан ќе биде дел од ЕУ, ќе бидат исполнети. Веројатно тоа нема да се случи утре и без тешкотии во тој процес. Затоа е значајно да ги слушнеме тие гласови на разум, дека проширувањето на ЕУ е веројатно најдобриот и најуспешниот мировен проект, кој било кога се случил во рамките на Европската унија. Колку и да ни звучат во овој момент тешки и ненадминливи предизвиците, јасно е дека Македонија ќе излезе посилна по овој процес и ќе биде членка на Европската унија“, изјави министерот Попоски.
Министерот Попоски потенцираше дека особено е значајно времето кога се одржува ова дебата имајќи предвид дека и во рамките на ЕУ постојат кризни ситуации, како од аспект на мигрантската криза, така и од аспект на зачувување на единството, дотолку повеќе што неколку членки на Унијата сѐ погласно се изјаснуваат за излегување од Унијата.
Владеењето на правото, економската стабилност, сузбивање на корупцијата, мигрантската криза- беа темите на кои денеска дебатираа европските претставници од народните партии. Пораките кои ги упатија се јасни: да се подобри политичкиот дијалог со партнерите од Западен Балкан, државите да се оценуваат на индивидуална основа, земјите партнери да ги спроведуваат потребните реформи како и да се зајакне регионалната соработка.