Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов:

ИМАМЕ ЗАВЕТ ОД ИЛИНДЕНЦИ ДА ЈА ГРАДИМЕ МАКЕДОНИЈА

(По македонскиот печат)


Денес, на ден Илинден, се потсетуваме на Илинденското востание од 1903-та и на првото заседание на АСНОМ од 1944 година. На денешен ден, Илинден, недалеку од тука, во пазувите на манастирот „Св. Прохор Пчињски“, беа удрени темелите на македонската држава. Тоа беше првиот плод на Народно-ослободителната борба на македонскиот народ. Слободата има свој корен, своја почва. Коренот на нашата слобода е тука, во Македонија, рече претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето по повод Илинден во Меморијалниот центар АСНОМ во кумановското село Пелинце.
Според него, стремежот за слобода и за светлина е семето што го посеаја во поробената македонска почва, почва што ја натопија со сопствената крв. – Од тоа семе се родија плодовите на слободата и светлината. Не случајно и нашата химна започнува со зборовите: „Денес над Македонија се раѓа, ново сонце на слободата!“ Денес, на ден Илинден, кога ја славиме слободата и светлината. Сонцето и Илинден се македонскиот симбол на слободата. Сонцето што се вее на нашето знаме, што е втиснато на нашиот државен грб, што е опеано во нашата химна, тоа сонце е заветот на слободата. Завет на кој се потсетуваме на секој Илинден. Како што светлината најмногу ја ценат оние што поминале долго време во темнина, така и слободата најискрено ја сакаат оние што биле вековно поробени. По долгата македонска ноќ, што започна со крајот на Самоила, нас најпосле нe огреа сонцето на слободата, рече македонскиот претседател.
Тој потсети на илинденците што пред 110 години, како што рече, ја натопија поробената македонска земја со својата крв. – Се сеќаваме на борците во Народноослободителната и антифашистичка борба кои го разгореа пламенот, потврдувајќи ја праведноста на македонската кауза. Во тие историски мигови, пред нив имаше само две можности: Или Македонија ќе биде зандана за робови или слободна татковина на слободни луѓе. Нашите херои решително го искористија единственото средство што поробувачите не можеа да им го земат, а тоа е борбата. Вооружената борба за слобода, за правда и човечко достоинство. Она што Бог го дава, никој не може да го одземе, рече Иванов.
Идеалите за кои некогаш се бореа, додаде, денес се реалност за што зборуваат и Крушевскиот манифест и основачките документи на АСНОМ. – Доволно е да ја погледнеме Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на демократска Македонија од 2 август 1944 година. Во неа, меѓу другото се вели дека: „Сите граѓани… се еднакви и рамноправни пред законите, не гледајќи (на) нивната народност, пол, раса и вероисповедание. На националните малцинства на Македонија се осигуруваат сите права на слободен национален живот. На секој граѓанин му е гарантирана сигурноста за личноста и имотот, загарантирано е правото на сопственост и чесната иницијатива во стопанскиот живот.“ Со оваа декларација се удрени темелите на современата македонска држава, на правата и слободите што денес ги уживаме. Тоа е декларација пишувана од врвни интелектуалци, декларација која зрачи со европски дух, истакна претседателот Иванов.
– По долгата македонска ноќ, со АСНОМ добивме светлина. Но, некои од оние што ни ја донесоа светлината и изгореа. Некои во физичка, некои во духовна смисла. Затоа, денес се потсетуваме и ги славиме сите нив. Се сеќаваме на Ченто и Брашнаров, на Чучков и Аголи, на Пирузе и Шатев, но и на бројни знајни и незајни јунаци и херои, предци на некои од вас кои сте денес тука, рече Иванов.
Обраќајќи се пред присутните на Пелинце праша дали постои поголема љубов од таа да се положи сопствениот живот за ближните, за народот, за татковината, за Македонија? и притоа одговори дека сеќавањата со кои ги овековечуваме и почитта што им ја даваме покажува дека нивните жртви не беа залудни.
Затоа порача дека никогаш не смееме да заборавиме колку жртви беа дадени за да можат, како што рече, нашите синови и ќерки, нашите деца и внуци да зачекорат под знамето на слободата.
– Пред точно три години, на ова исто место, реков, дека нашата цел е напредна, економски и демократски развиена држава, целосно интегрирана во НАТО и во Европската унија. Реков дека ние искрено и посветено се стремиме кон овие семејства кон кои природно припаѓаме. Свесни сме дека на тој наш пат е испречено апсурдно барање. Од нас се бара да се откажеме од тоа што сме биле, што сме и што мора да бидеме. Од нас се бара да се откажеме од сопственото име, од сопствениот идентитет. Човек може да се откаже само од она што го поседува. Зарем го поседуваме воздухот што го дишеме и водата што ја пиеме, зарем го поседуваме сонцето што нe грее и времето што минува? Исто е и со името и со идентитетот. Името и идентитетот се дел од нас и ние сме дел од нив. Името и идентитетот се како река што тече со векови, со нас или без нас. Да се откажеме од идентитетот е како да се бара да ја исушиме реката чија вода ја пиеме, чии плодови ги јадеме, река од која живееме и ние, како што живееле и нашите предци пред нас, како што треба да живеат и нашите потомци по нас, истакна претседателот Ѓорге Иванов.
Од нас, додаде, се бара да се откажеме од историјата, како да станува збор за некоја книга што само ја позајмуваме и враќаме во библиотеката наречена колективна меморија. – Но, историјата не е приватна сопственост на само еден народ или една држава. Историјата не е само она што е запишано во книга. Таа е сиот проживеан живот на генерациите пред нас. Историјата е заедничка, таа е дел од нас, дел од она што сме биле, што сме и што ќе бидеме. Како и светлината, така и историјата е збир од спектарот на сето она што им се случило на сите народи. Ние сме дел од тој спектар, независно дали некој тоа го признава или не. И историјата е како река што тече и не застанува. Некаде е бистра, некаде е матна. Некаде е плитка, некаде е длабока. Некаде е тивка, некаде е брза. Историјата е дел од сите оние поединци и народи, заедници и држави кои споделиле заедничко минато. Европската унија е изградена врз сфаќањето на големата вистина дека независно од претставите, историјата е една и неделива – таа е заедничка и им припаѓа на сите европски народи. Затоа повикувам на европски пристап кон историјата, рече Иванов.
Тој додаде дека сме свесни оти овие апсурдни барања ни стигнуваат од некои земји-членки на Европската унија. – Но, не смееме да заборавиме дека Европската унија сe уште не е Европа, ниту пак Европа е само Европската унија. Со членството на Македонија во Европската унија, Унијата ќе се доближи до Европа. Иако со непочитувањето на препораката на Бадинтеровата комисија нe разочара, иако за време на Самитот во Лисабон во 1992 година нe повреди, иако со непочитувањето на одлуката на Меѓународниот суд на правдата нe навреди, сепак, Европската унија е најсигурниот, најдемократскиот и најхуманиот дел од светот. Европската унија е единственото место на светот каде што има мир и спокојство, напредок и просперитет. Затоа, Европската унија останува наша стратешка цел. Затоа, Република Македонија и понатаму ќе продолжи да се приближува кон Европската унија. Но, очекуваме и Унијата да продолжи да се приближува кон нас, кон Македонија, истакна македонскиот претседател.
Тој смета дека како што границите исчезнуваат од европската карта, така и предрасудите треба да исчезнуваат од срцата и мислите на европските народи. – Затоа, денес, од ова место упатувам повик до Европската унија: Дојди во Македонија за да се приближиш кон обединета Европа. Дојди во Македонија за да се самооствариш. Ние и без Унијата сме дел од Европа. Ние, пред сe, ја градиме Европа за нашите граѓани. Економската криза не треба да се користи за да се спречи остварувањето на сонот на генерации Македонци. Кризата не смее да биде изговор за неостварување на сонот на големите визионери на Европа, додаде Иванов.
Нагласи дека историјата покажа оти за Македонија искушенијата секогаш биле најсилни тогаш кога била најблиску до успехот. И во 1903-та, и во 1944-та и во 1991-та. – Трите Илиндени беа тест на издржливост за Македонија. Нe провоцираа, нe искушуваа, нe тестираа. Сакаа да видат дали ќе успееме како држава. Дали ќе одолееме на притисокот. Бог вели да се радуваме кога минуваме низ искушенија, бидејќи каде што има искушенија, таму има и благослов и просперитет. Издржавме и не потклекнавме. За тоа сме сведоци и сите ние денес собрани на Пелинце, и сите наши сограѓани на Мечкин Камен, и сите наши сонародници од дијаспората што низ светот го прославуваат овој светол празник на слободата и светлината – Илинден, рече Иванов.
Тој порача дека имаме должност младите да ги оспособиме да се соочат со светот во кој ништо не е лесно, светот во кој до успехот се стигнува преку напорна работа. Само така, според него, ќе го исполниме заветот од оние што се бореа и изборија за да го имаме ова денес.
– Ако не се бориш, однапред си изгубил. Чувството на поразеност и обесправеност да го замениме со духот на опстојување и победа. Еден од примерите и патоказот кон победата ни го даваат нашите успешни поединци. Ако можат нашите уметници да господарат со светските сцени, ако можат нашите спортисти да ги освојуваат светските терени, ако можат нашите студенти, пронаоѓачи и програмери да победуваат на светски натпревари, ако можат наши успешни деловни луѓе да се дел од светската економија тогаш и секој од нас може да го даде најдоброто од себе за Македонија. Може да победува и да биде дел од мозаикот што се нарекува личен и колективен успех, рече Иванов.
Тој повика да се твори и создава, духовни и материјални градби. Да се гради Македонија во височина со највисоки вредности, стандарди и критериуми, да се освојуваат нови врвови во бизнисот, науката, културата, спортот, врвови во секоја област и професија.
– Големиот револуционер и идеолог на македонската самобитност, Гоце Делчев рече дека вистинскиот човек од ништо не треба да се плаши. Затоа, нашите Илинденци, нашите борци во народноослободителната борба не се плашеа да се борат против туѓите интереси. Не се плашеа да се спротивстават на посегнувањата по нашиот идентитет и самобитност, по македонскиот јазик, македонската традиција и култура. Не се плашеа да застанат во одбрана на Македонија. Токму затоа, тие дигнаа два Илиндена. Почитувајќи го нивното дело, ние ја продолжуваме нивната борба. Да бидеме свои на своето. Да бидеме членка на Европската унија и на НАТО. Да имаме добри односи со сите наши соседи, рече Иванов.
Почитувајќи го нивниот завет, додаде, ние ги чуваме сите придобивки и придонеси кон нашиот заеднички идентитет. Идентитет на сите македонски граѓани. Го чуваме сето она што не обединува и поттикнува на добри дела, а не обединува Македонија која е мајка на многу различни чеда. Чувајќи ја Македонија, ние ја чуваме сета таа различност. А таа ни возвраќа.
– Република Македонија е таа што денес нe штити од туѓи интереси, од асимилација, од уништување. Република Македонија е таа што денес го штити идентитетот, јазикот и културата. Република Македонија е таа што денес ја штити нашата безбедност, ги штити животите на нашите деца. Денес, во Република Македонија сме свои на своето. Затоа ни треба повеќе свест за нашата должност кон нашата држава. Должност кон Македонија. Можеби имаме различни ставови за многу прашања. Но, кога станува збор за државните интереси, кога станува збор за иднината на Република Македонија, мора да бидеме обединети. Затоа, денес, на ден Илинден, повторно ве повикувам да бидеме обединети, истакна македонскиот претседател.
Според него, да се биде Македонец и граѓанин на Република Македонија значи да се почитува и да се прифаќа културата, верата и обичаите на другиот. Да се негува различноста што сите нас нe прави побогати, обединети и единствени.
– Република Македонија ни припаѓа на сите нам, независно од етничката, верската или која било друга припадност. Ние, пак, си припаѓаме едни на други, како што и припаѓаме на нашата заедничка и единствена татковина Македонија. Таа денес нe повикува да се натпреваруваме во успехот, во творењето, да се натпреваруваме во меѓусебната добрина. Бидејќи, само така ќе го исполниме заветот што ни беше оставен од предците на ден Илинден. Завет врежан во Крушевскиот манифест и во документите на АСНОМ. Завет да ја градиме Македонија како напредна, демократска и просперитетна држава. Да ги браниме интересите на македонските граѓани, слободата, независноста, мирот и стабилноста за доброто на сите, рече претседателот Иванов на крајот од обраќањето на Пелинце.