Пријател на Македонија

ХОЛАНДСКА ЉУБОВ И МАКЕДОНИЈА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ

Мишо Јузмески
(Продължава от миналия брой)


Во меѓувреме на Балканот се случуваат интересни промени. Во април 1941 година Кралството Југославија исчезнува во виорот на војната и набрзо на неговото место се појавува една сосема нова политичка реалност. Комунистичката партија на Југославија под водството на Тито формира ослободителна армија, ја ослободува земјата од фашистичката окупација и истовремено ѝ става крај на предвоената српска хегемонија. Во текот на војната, на 29 ноември 1943 година, се поставени основите на новата југословенска држава како федерација на шест рамноправни народи: Словенци, Хрвати, Босански Муслимани, Црногорци, Срби и Македонци. Сега потиснувачите (Србите) и потиснатите (Македонците) се ставени на исто рамниште. Така Вардарскиот дел од Македонија во 1944 година добива државност во границите на Југославија и со тоа делумно е задоволен идеалот „Македонија на Македонците“.
Новите настани за А. ден Долард нудат нови предизвици. Во педесеттите и шеесеттите години тој често и долго престојува во Југославија и Грција. Од овие патувања се раѓаат нови книги, пред сè патописи и романи. Во соработка со сопругата Ери го пишува патописот „Земјата на Тито“ (Het land van Tito; 1954).
Комунистичката власт ја гради потребната инфраструктура и Југославија станува сѐ попривлечна за западните туристи. Холанѓаните се меѓу најбројните. Сега писателот се стреми кон промоција на културните и природните вредности. Во соработка со фотографот Кас Ортуис (Cas Oorthuys) во 1956 година ги издава книгите „Југославија, калеидоскопска земја за патување“ (Joegoslavië, kaleidoscopisch reisland) и „Ова е Југославија“ (Dit is Joegoslavië). Во овие книги своето место го добива Република Македонија, претставена е со нејзините природни убавини и културни вредности.
Да се задржиме на „Југославија, калеидоскопска земја за патување“. Книгата е туристички патоводител. Содржи текст, црно-бели фотографии, опис на најпривлечните места, а на расклоплива карта се прикажани најважните патишта, железнички и авионски линии на Југославија. Во оваа книга делот за Македонија е многу мал – сѐ на сѐ 4 страници. А книгата вкупно има 112 страници. Во тоа време Македонија поради неразвиената инфраструктура не можела да понуди многу за туристите, но Охрид од секогаш бил најпривлечното одредиште и нему му се посветени цели две страници. А. ден Долард именува два хотели („Палас“ и „Орце Николов“), тука нема аеродром, а најдобриот пат од Скопје до Охрид во тоа време води преку градот Битола. Во секој случај воодушевеноста од Охрид не се мери со бројот на страниците!
„Постојат два града во Југославија, кои и по една брза посета човек никогаш повеќе не може да ги заборави: Дубровник и Охрид. Тие живеат во сеќавањето на стотици илјади како визија на бескрајна убавина.“ (A. den Doolaard, Joegoslavië, kaleidoscopisch reisland, Contact, Amsterdam/Antwerpen, 1956, стр. 100)
Македонија многу повеќе страници добива во „Ова е Југославија“ (повеќе на стр. 100-106)
Во ноември 1958 година се појавува автобиографијата „Животот на еден скитник“ (Het leven van een landloper). На 430 страници авторот го обработува својот живот од 1928 година (тогаш го започнал скитањето низ Европа) до педесеттите години. Овде Македонија добила многу повеќе простор! Во поглавјето „Кон Балканот“, на пример, на 50 страници авторот го опишува своето прво патување во Македонија во 1931 година, давајќи мошне значајни сведоштва за животот, културата и политичките состојби во Вардарскиот дел на Македонија со посебен нагласок на дејноста на ВМРО.
А. ден Долард секогаш е критички поставен. Состојбите ги опишува со јасен израз, според своето разбирање, обидувајќи се на работите да им даде што пореален опис. Истото се однесува на поранешното Кралство Југославија за кое правилно смета дека повеќе му прилегало да се вика „Велика Србија“. Посебна строгост искажува кон тогашната југословенска (српска) окупациона политика во Македонија.
„Жандармите своите заседи ги имаа поставено на сртот од секој рид. Три, четири пати на ден моите документи беа контролирани од русокоси Словенци и црни Црногорци, момчиња од далечните краишта на кралството, кои сепак сосема рамнодушно се соочуваа со македонската слободарска мисла. Што ги натера Србите да потиснуваат друг, помал народ? Зарем самите тие по пет векови турски деспотизам не научија дека кражбата на нечија сопственост секогаш се одмаздува?“ (A. den Doolaard, Het leven van een landloper, Em. Querido`s Uitgeverij, Amsterdam, Amsterdam, 1958, стр. 78)
Дури и преку ваквите, како што самиот ги нарекува, „наивни прашања на еден политички пубертет“ (A. den Doolaard, Het leven van een landloper, Em. Querido`s Uitgeverij, Amsterdam, Amsterdam, 1958, стр. 78), авторот ја отсликува сопствената посветеност на идеалот на слободата кој во случајов се совпаѓа со македонската слободарска мисла. Понатаму во другите поглавја често се потсетува на политичките настани околу Македонија. И во оваа книга, Охрид не е нешто што може да се прескокне.
Староста ги носи спомените од младоста. Во седумдесеттите години А. ден Долард го заокружува своето литературно творештво со теми од раниот живот.
Во 1971 година преку автобиографијата „Очи на грбот; Гледајќи назад кон книги и современици“ (Ogen op de rug; Terugkijkend naar boeken en tijdgenoten) читателите добиваат поглед во професионалниот дел од животот на авторот. Оваа е една „книга за книгите“ зашто во неа се наредени 11 приказни во кои вниманието е насочено кон настанокот и судбината на некои од најпознатите дела на авторот: „Собирачите на грозје“, „Гостилницата со потковицата“, „Ориент-Експрес“, „Прогонетата вода“ и други.
„Заедно е два пати сам“ (Samen is twee keer alleen) е последниот роман на А. ден Долард. Пишуван е во Хундерло, од ноември 1974 до март 1976 година. Доживеал само едно издание во 1976 година. За овој роман А. ден Долард не нашол поткрепа ни кај членовите на семејството кои сметале дека таму изнесува премногу интимни моменти од својот живот. Дури се поставува прашaњето зошто воопшто морал да ја пишува оваа книга. Неговиот биограф Ханс Олинк ја нарекува „мистериозната книга“.
„Зошто ја напиша ’Заедно е два пати сам‘, една книга која со самиот нејзин наслов потсетува на претходните романи? Тој на неговиот најнов роман му даде еден психолошки наслов кој самиот за себе гарантира: во бракот остануваш осамен. Зошто обработуваше материјал што го имаше собрано четириесет години порано и оттогаш го имаше употребувано во новинарски извештаи и романи? Зошто пишуваше сега роман на истата политичка позадина, но со една силна биографска содржина? Сакаше ли да каже уште нешто? Самиот А. ден Долард сметал дека тој морал да биде напишан. Но зошто?“ (Hans Olink, Dronken van het leven, Uitgeverij Atlas, Amsterdam/ Antwerpen, 2011, стр. 341)
Можеби поради копнежот по највозбудливиот дел од животот!? Тогаш се пробива на литературната сцена, се жени два пати, му се раѓа првата ќерка, протеран е од неколку држави, се дружи со терористите на ВМРО од кои трепереле владите на балканските држави, боледува од разни болести… Можеби сакал да каже дека два пати бил „заедно“ (во брак), а сепак двата пати останал сам? Зашто осаменоста е нешто што човек го носи внатре во себе!
„Заедно е два пати сам“ е љубовна приказна за холандскиот новинар Мишел ван Дрифт (Michel van Drift) и Французинката Никол Ривие (Nicole Rivier). Очигледно овие ликови ги кријат писателот и неговата прва сопруга, Французинката Дејзи Руло (Daisy Roulôt). Освен имињата на главните јунаци, сето друго е чисто автобиографска приказна сместена во триесеттите години.
За македонскиот и за секој друг читател кој би сакал подобро да ја разбере врската на писателот со Македонија, оваа книга нуди мошне интересни податоци. Почнувајќи од тоа како А. ден Долард се вљубил во земјата.
„Втор клас средно училиште. Моравме да цртаме слепа карта на Балканот, со новите граници од 1913 година, нацртани од политичарите со крвава четка. Ние тоа го правевме со црвен молив. Од безбедната далечина на нашата неутрална земја сета таа воена работа наликуваше на грмотевици во далечината.
’Господине, како се викаат големите планински езера таму долу во Македонија?‘
’ Тоа не треба да го учиш‘, процрцори гласот на моќникот со стапче за покажување,’ нацртај ги прво убаво границите.‘ “ (A. den Doolaard, Samen is twee keer alleen, Em. Querido`s Uitgeverij, Amsterdam, 1976, стр. 81-82)
Учителот не го задоволил љубопитството на ученикот. Можеби зашто не сакал вниманието на учениците да го одвлекува кон теми кои не биле предмет за дадениот час!? Можно е дури и да не знаел како се викаат езерата, па не сакал да се срами пред учениците со своето незнаење; впрочем и најдобриот учител не може да знае сѐ. Со тоа што не му одговорил, учителот го поттикнал ученикот самостојно да ги бара одговорите.
„Имињата ги барав дома во дебелиот германски џебен атлас на татко ми. Охридско Езеро, Преспанско Езеро. Очите во занес скитаат преку картата, нуркање и речни долини, Црн Дрим, Вардар, Брегалница, наоколу во орлов лет се виорат планински венци: Бистра Планина, Бабуна Планина, Солунска Глава, имиња како пеколни фанфари. Ускуб, Кара Даг, тоа звучи монотоно, поронливо.“ (A. den Doolaard, Samen is twee keer alleen, Em. Querido`s Uitgeverij, Amsterdam, 1976, стр. 81-82)
Госпоѓата Алида Спулстра прашува: „Доаѓаш да јадеш, момче?“. Младиот истражувач одговара „Уште малку, мајко“ и продолжува да пребарува низ домашната библиотека.
„Еден скок кон библиотеката, дел к-л. ’Кара Даг, буквално значење: Црна Гора, турско именување за северо-западните погранични планини на Македонија‘. Енциклопедијата не кажа дека таму имало разбојнички банди. Тоа го знаев од една книга за млади од Карл Мај.“ (A. den Doolaard, Samen is twee keer alleen, Em. Querido`s Uit-geverij, Amsterdam, 1976, стр. 82)
Се разбира, овде немаме намера да ја раскажеме целата книга. Доволно е да се напомене само дека книгата многу потсетува на другите негови приказни на македонска тема. Можеби таа била целта на авторот: своите рани спомени од Македонија да ги собере под еден наслов со ново толкување од поголемо временско растојание?
Во осумдесеттите години А. ден Долард конечно слегува од литературната сцена. Во 1980 година го издава памфлетот „Лондон и случајот Ван `т Сант“ (Londen en de zaak Van `t Sant) во кој се осврнува на еден момент од политичкиот живот на Кралството Холандија. Три години подоцна излегува книгата „Јас сум против“ (Ik ben tegen); тоа се есеи напишани помеѓу 1949 и 1983 година во кои протестира против злоупотребата на атомската енергија. По овие две книги настапува застој во творечкиот пат на авторот. Изморен од пишувањето и патувањето, писателот последните години од животот ги минува во Хундерло (Hoenderloo), неговотото постојано престојувалиште уште од 1954 година. Иако повлечен во сенката на некогашна слава и подалеку од главните центри на политичката моќ, тој редовно ги следи значајните настани во светот.
Македонија за Македонците
Уривањето на Берлинскиот ѕид на 9 ноември 1989 година симболично го означи крајот на идеолошките поделби помеѓу комунистичкиот Исток и капиталистичкиот Запад. Тоа беше крај на илузијата за бескласното општество. Погрешната стопанска политика и ограничувањето на основините човекови права (слободно движење, слобода на говор…) на народите на источна Европа им носеше само несреќа и во осумдесеттите години насобраното незадоволство целосно го поткопа владеењето на авторитарните режими. По мирен пат (Чехословачка) или преку крвави револуции (Романија) комунистичките елити во сите земји на источна Европа го изгубија повеќедеценискиот монопол и на нивното место се воспоставија повеќепартиски политички системи на управување.
Бугарија не беше имуна на овие промени! На 10 ноември бугарските комунисти го разрешија диктаторот Тодор Живков и дозволија земјата да ја започне мирната политичка преобразба. А новиот политички систем ја наследи старата националистичката идеологија која е длабоко навлезена во сите сфери на бугарското општество. Бугарските апетити кон териториите на соседните држави се зголемија со кризата во Југославија. Во распаѓањето на Југославија, Бугарите видоа можност да ги присвојат Македонија и југо-источна Србија. Според некоја нивна логика, Бугарите овие територии ги сметаат за „исконски бугарски земји“!
А. ден Долард во месечникот „ANWB Reizen“ прочитал напис за процутот на зимскиот спорт во Бугарија, за бугарските скијачки центри, но таму…
„Единствениот вистински прекрасен скијачки прдел остана, како што очекував, неспомнат, во нашата земја очигледно сосема непознатата Пирин Планина во крајниот југо-западен агол на Бугарија.“ (NRC Handelsblad, 14 december 1989)
Потоа, во приближно истото време во весникот NRC Handelsblad прочитал вест за еден политички настан во Бугарија кој се однесувал на Македонија. Решил да ја активира машината за пишување и на 14 декември 1989 година во NRC Handelsblad, ја објавува статијата „Македонија за Македонците!“ (Macedonië voor de Macedoniërs!)
Написот го започнува со краток вовед за зимскиот спорт во Бугарија и веднаш без заобиколување ја изнесува причината за својата реакција:
„Целата пиринска област е прогласена за национален парк, но не постојат услови за туризам, кој не е официјално забранет, но не е ни поттикнуван. Причината за ова не е толку многу во заштитата на природата, колку премолчениот обид надворешниот свет да се држи неинформиран за фактот дека тоа подрачје не е населено со Бугари туку претежно со Македонци од чисто словенски род. Тие го зборуваат својот јазик,’македонски‘, којшто е забранет за службена употреба, во училиштата не се учи, и ниедна книга или весник не се печати на него. Македонците во Бугарија сочинуваат едно потиснато малцинство, кое вистински дома би се чувствувало на другата страна од границата, во југословенска федерална република Македонија.
Затоа бев многу вчудовиден од една вест во овој весник од уредникот Рајмонд ван ден Бохард, на 28 ноември, од Софија. Неколку илјади бугарски младинци го искористиле нивното свежо стекнато право на демонстрирање за преку гласни улични демонстрации да го побараат враќањето на Бугарија на деловите од Македонија во јужна Југославија и во северна Грција во кои според нив живеат еден и пол милион потиснати Бугари!“ (NRC Handelsblad, 14 december 1989)
Изнесувајќи ги своите сознанија за етничкиот карактер на Македонија, А. ден Долард ги отфрла бугарските територијални претензии кон Вардарскиот и Егејскиот дел од Македонија. Авторот долго престојувал во споменатите области, имал непосредни сознанија за земјописот и народите на Балканот, исто како што добро ги разбирал политичките односи помеѓу балканските земји и нивните апетити кон Македонија. Иако статијата е инспирирана од бугарските претензии кон Македонија, А. ден Долард не го заборава грчкиот (егејскиот) дел од Македонија.
„Исто во грчкиот дел на Македонија, како во бугарскиот, македонскиот јазик е забранет, додека во југословенската република Македонија покрај дневни и неделни весници се продаваат милиони книги на јазикот на земјата. Македонското прашање постои и понатаму, но во сосема друга форма од онаа во која сакаат да поверуваме.“ (NRC Handelsblad, 14 december 1989)
Во почетокот на 21-от век, како рамноправен член на Европската Унија и „добронамерен“ сосед на самостојната македонска држава, Бугарија продолжува со истата политика од 19-от век на негирање на посебноста на македонскиот национален идентитет (историја, јазик, култура), сметајќи го за „бугарски“, исто како што цела Македонија ја смета за „историска бугарска земја“. На ваквите бугарски тези А. ден Долард има одговор во статијата „Македонија за Македонците“:
„Историски гледано, воинственото племе Болгари со нивната силна азиска крвна примеса дојдоа дури во седмиот век, еден век подоцна од Јужните Словени, го нападнаа Балканот и се уште остануваат агресивни и анексионисти, исто така и во областа на културата. Така Бугарите цврсто се држат на тоа дека стариот црковно-словенски јазик е идентичен на старо-бугарскиот јазик.“ (NRC Handelsblad, 14 december 1989)
На 14 декември 1989 година А. ден Долард недвосмислено го искажа својот бескомпромисен став: Македонците се посебен народ со посебен македонски јазик и Македонија треба да биде за Македонците! Таа негова љубов кон Македонија беше спонтана и безусловна.