Економија

ХЕРИТИЏ: МАКЕДОНИЈА ПРВА НА БАЛКАНОТ И 47. ВО СВЕТОТ СПОРЕД ЕКОНОМСКИТЕ СЛОБОДИ

(Преземено од „Република”)


Македонија е најдобропласирана од балканските држави на годинешниот извештај за економски слободи на фондацијата Херитиџ и весникот Вол Стрит Журнал, и 47­ во светот.
Извештајот, кој ја оценува економската слобода во 186 држави, покажа дека Македонија има најдобри резултати во својата даночна политика, стабилноста на валутата и отвореноста за трговија со странство, додека најлошите оценки се бележат во заштитата на приватната сопственост и перцепцијата на корумпираност во редовите на полицијата, судството, образованието и здравството. Македонија беше пласирана на 43 место на минатогодишниот индекс, а напредокот го бележи од 2009 година, кога беше на 78 место.
“Македонската транзиција кон по­отворен и флексибилен економски систем доаѓа по 10 годишен период во кој беа извршени значителни економски реформи. Макроекономската стабилност е на релативно високо ниво, а со воведувањето на конкурентни рамни даночни стапки и отворен модел на трговија, се поттикна развојот на претприемништвото”, пишува во извештајот.
Извештајот ги оценува државите според четири категории ­ владеење на правото, ограничување на државниот сектор, регулаторна ефикасност и отвореност на трговијата. Од балканските земји, Албанија и Бугарија се на 59 и 60 место, Црна Гора е 65, Србија е 77, додека Грција за која се оценува дека се неопходни храбри чекори за земјата да се врати на вистинскиот пат по долготрајната економска криза, е на далечното 138 место. Во споредба со сите држави од Европа, Македонија е на 22 место.
Во глобални рамки, Хонг Конг и Сингапур се на првите две места, следени од Нов Зеланд, Швајцарија и Австралија. Британија е десетта, САД 11, а Германија на 17 место. Дното на табелата е резервирано за Зимбабве, Венецуела, Куба, и Северна Кореја како држава која убедливо најмалку толерира економски слободи.