Средба во Македонската академија на науките и уметностите

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ ПРИМИ УЧЕСНИЦИ НА МЕЃУНАРОДНАТА НАУЧНА МАНИФЕСТАЦИЈА „МАКЕДОНИСТИЧКИ ДЕНОВИ ВО МАНУ“

(Преземено од МИА)


Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска прими дел од учесниците на Меѓународната научна манифестација „Македонистички денови во МАНУ”, што се одржува во Македонската академија на науките и уметностите.
На средбата присуствуваа проф. д-р Марјан Марковиќ, организатор на конференцијата и член на МАНУ, истакнат лингвист, македонист, славист и балканист, проф. д-р Мотоки Номачи, славист од Јапонија, проф. д-р Кристина Крамер, македонист од Универзитетот во Торонто, проф. д-р Јан Соколовски, од Универзитетот Вроцлав од Полска, и проф.д-р Татјана Вендина, која го води престижниот проект Општословенски лингвистички атлас при Меѓународниот комитет за славистика.
Професорот Марковиќ информираше за проектот на МАНУ „Дигитални ресурси на македонскиот јазик” (http://drmj.manu.edu.mk/). Професорите Крамер и Соколовски информираа за зголемениот интерес за учење на македонскиот јазик во Канада и Полска. Јапонскиот професор Мотоки Номачи, на средбата со претседателот Иванов ги сподели неговите погледи и досегашната научна работа за македонскиот книжевен јазик, како и патешествието за изгубената граматика, за која професорот говореше на денешната научната манифестација во МАНУ. Јапонскиот професор Номачи во Градскиот архив на Москва ја пронашол Граматиката на македонскиот јазик, напишана во 1946-47 година од рускиот професор Самуил Борисович Бернштејн, а нарачана од Президиумот на АСНОМ, дело кое никогаш не било објавено и се сметало за исчезнато 70 години.
На средбата со славистите, претседателот Иванов ја истакна важноста на работата на македонистите и им се заблагодари за нивниот голем придонес во проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик.
„Научниот пристап и систематско проучување на македонскиот јазик се од непроценлива важност за севкупната негова афирмација, особено во време на непринципиелни обиди за негово преименување”, рече претседателот Иванов на средбата.
Македонскиот претседател истакна дека јазикот е темел на идентитетот на секој народ и неговото негирање претставува удар за основните човекови права и достоинството. Во тој контекст, претседателот Иванов истакна дека македонскиот јазик како официјален јазик на државата претставува lingua franga, израз на единството на нашата држава, и основен комуникациски код што ги поврзува и обединува сите сегменти на македонското мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општество.