Пишува Ристо Бунтески – Бунте

МЕТОДИЈА ШАТОРОВ – ШАРЛО, ЗА МАКЕДОНСКАТА НАЦИЈА


За затворањето на Шаторов „Македонско дело“ го опишува следното: „Карактеристичен пример за безпримерната инквизиција, на која што се подвргнувале и се подвргнуваат затворениците е случајот на трговскиот службеник Методија Шаторов. Него, откако го тепале повеќе пати по рацете, главата, грбот секој ден од 2 часот попладне до полноќ, решиле да го фрлат од прозорецот на станот бр.71 или по таканаречената „черна стлба надоле“. И еден ден, по преголемото тепање до безсвест го префрлуваат на оградата на скалите од третиот кат и така обесен со главата надолу го тераат да „признае“. А во тоа време испитувачите се наоѓаат на првиот кат на скалите и бараат повторно да го тепаат. По 11 месеци непрекинати малтретирања бил ослободен како невин!“ („Македонско дело“ од 25.10.1929 година, стр. 5)
Додека пак „Време“ од 18.10.1930 година за истото затворување на Шаторов пишува: „Методија Шаторов во визбите на бугарската полиција“. При спроведувањето на „испит“, истепан и малтретиран. Четири дена го тепале со палки по главата, грбот, а потоа го подвргнале на следната тортура: му ги дигнале рацете угоре и го тепале со водени ортоми, се додека рацете не му потекле, потоа го тепале по ушите додека и тие не потекле и додека, не паднал во несвест“… („Македонско дело“ од 25.10.1929 год., стр. 5, и Писмо од Софија објавеново в. „Време“ од 18.10.1930 год. Белград стр. 4)
На еден состанок на ВМРО (врховисти), во присуство на Ванчо Михајлов, одржан во 1931 година, била согледана активноста на ВМРО (Об.) и нејзината платформа која била за македонската нација, за македонска обединета држава, потоа дека постои национално ропство во трите дела на Македонија, и дека треба да има организирано македонско национално-револуционерно движење. Оваа програма на ВМРО (Об.) била спротивна од програмата на ванчовистите за: македонски Бугари, за бугарска држава, дека национално ропство постои само во деловите на Македонија под српска и грчка власт, додека во Бугарија нема национално ропство и според тоа се осудува создавањето на македонско национално-револуционерно движење и во Бугарија.
На овој состанок се констатирало дека најопасни за ВМРО (врховисти) се прогласени Методија Шаторов и Симо Кавракиров, секретарот на Обласниот комитет на ВМРО (Об.) за Пиринскиот дел на Македонија, и двајцата се осудени на смрт. На 8 јуни 1932 година Кавракиров бил киднапиран од страна на михајловистите. За оваа состојба нивните соработници пишуваат: „Симеон Кавракиров по двегодишен плен во рацете на Врховистичките банди го убија по двегодишно бандитско одвлекување и малтретирање“. (ВМРО (Об.) Документи и материјали, кн. 2, стр. 324-325)
За Шаторов и неговото осудување на смрт, од страна на Михајлов, неговите соработници пишуваат: „фашистичките мракобесници и михајловистичките банди обаче пак тргна по петиците му кои го принудија да се крије и да емигрира во Советскиот Сојуз“ („Пиринско дело“, бр.74 од 16.09.1959 год. Г.Д. Попов) Во еден друг напис стои: „Шаторов после 1928 година беше затворен цела година, ослободен поради немање доволно докази, покасно, повторно прогонет и баран под дрво и камен од фашистичката полиција и од нивните платеници македонските наемници. Тој успеја да се скрие и повторно да ја префрли границата“. („Работеническо дело“ бр. 246 од 03.09.1959 год. С. Попов член на ЦК на БКП)
Со преземањето на раководството на Обласниот комитет на ВМРО (Об.) за пиринскиот дел на Македонија Методија Шаторов, согледувајќи ја состојбата на теренот, покрај другите активности, презел мерки и за средување на односите и совладувањето на отпорите кои постоеле на линијата против самоопределувањето на Македонците и постоењето на македонската нација. Поради сето ова неслагање Шаторов напишал напис под наслов „Единствениот фронт на македонските маси и борбата со отстапувањата“ објавен во сп. „Пропагандист“ бр.5 од мај 1935 година орган на ЦК на БКП. Во овој напис Шаторов изнесува факти дека поедини комунисти во Пертичко се на мислење да не создаваат организации на ВМРО (Об.) зашто борбата за социјално ослободување може успешно да се води и од БКП. Шаторов јасно го истакнал ставот на партиското раководство, тврдејќи дека народните маси сакаат да ја создадат ВМРО (Об.) и затоа што тие во Бугарија не се само социјално, туку се и национално поробени, а ВМРО (Об.) се бори за нивното национално ослободување. Тој ги критикувал комунистите кои се спротивставиле на ставовите за постоењето на македонска нација.
Овде ќе цитираме еден дел од овој напис: „Се сретнуваат другари, кои не можат да разберат дека оценката на партијата за тоа дека македонските Словени претставуваат одделна нација не продолжи на сомнение. Единствен аргумент на тие другари е тој дека македонските Словени зборуваат на бугарски јазик. Меѓутоа, Македонците како под бугарска така и под српска власт, не зборуваат на бугарски јазик, ова го докажале повеќе филозофи од меѓународен карактер. Но и да допуштиме, за момент, дека тие зборуваат на бугарски јазик? Значи ли тоа дека тие се дел од бугарската нација? Се разбира дека не!… Македонците можат и да зборуваат дури и на бугарски, и покрај тоа тие претставуваат посебна нација. Според нашето убедување, прашањето за одделен македонски јазик не е нешто, кое не стои пред разрешување. Другарите, кои тврдат за непостоењето на македонска нација, стојат на необолшевички позиции по националното прашање, тие на дело застануваат на позициите за присоединување на „Бугарите од Македонија“ кон Бугарите од старата Бугарија, т.е. на освојувачките империјалистички позиции на бугарската буржоазија“. (Дечо Добринов, ВМРО (Об.) Универзитетско издание Софија 1933 год. стр. 222 – 223 и Нелегален периодичен печат во Бугарија (Ковачев Велчо). 1923 – 1941, Софија, 1986, стр. 236)
Обласниот комитет на ВМРО (Об.) за Македонија под бугарска власт, со доаѓањето на Шаторов за раководител во април 1935 година објавува повеќе прогласи, повици и други написи до македонскиот народ. Поради интересноста и јасноста на ставовите на Шаторов, ќе цитираме и коментираме делови од овие докуенти. Во повикот од крајот на април по повод прославата на Први мај 1935 година, покрај повеќето ставови стои и следното: „На Први мај македонскиот национално поробен народ и емиграцијата во Бугарија исто така, го изградуваат единствениот револуционерен фронт со бугарските, српските и грчките работници и селани против нивните поробувачи… Се прогонува дејноста во името на слободата и независноста на Македонија, се прогонува дури и името Македонец. И тука, како и во Грција и Србија нам ни се одрекува нашата националност… Одбрана на нашата самостојна националност… Право на самоопределување на Македонија под бугарска власт (Пертичко), вклучувајќи го и правото на нејзиното одделување во самостојна држава… Ослободување и обединување на трите дела на Македонија во независна република на македонските трудбеници“. (ВМРО (Об.), Документи и материјали, кн.2, стр. 303 – 305)
Во декларацијата од јануари-април 1935 година стои: „Владата на Златев, наред со веќе преземените противмакедонски мерки, се готви да го задуши македонското национално-револуционерно движење. Таа дури го откажа правото на Македонците да се нарекуваат Македонци и, на тој начин, широко дејствува за обезличување на Македонците како народ и нација“. (Исто, стр. 305)
Наредниот повик исто така издаден од Обласниот комитет не е датиран, но се верува дека е објавен во летото 1935 година. Во овој повик стои: „Поробени браќа Македонци! Не беше доволно злосторството со поделбата на Македонија меѓу Бугарија, Србија и Грција, туку требаше бугарските империјалисти да извршат уште едно погубно злосторство. Тие го разделија Пертичкиот крај на два дела што ги присоединија кон две бугарски области – кон Софиската и Пловдиската.
Зошто поробувачите од Софија го раскинаа нашиот македонски крај? Затоа што не сакаат со ништо да се споменува дека во границите на Бугарија има наша, македонска област. Затоа што требаше да ја засилат својата империјалистишка контрола над Пертичко, за да ги запрат неговите стремежи за откажување од фашистичка Бугарија, за негово обединување со другите два дела од Македонија во една самостојна македонска држава. Така, поробувачите од Софија мислат дека ќе го овековечат своето владеење во Македонија под бугарска власт. Но, тие се лажат!
Во борба за извојување правото на самоопределување на Пертичкиот крај до негово отцепување од фашистичка Бугарија!
Да живее обединувањето на Македонија во независна република на трудбениците“. (Исто, стр. 345)
Во повикот објавен во летото 1935 година стои: „Браќа Македонци. Грчките шовинисти не нарекуваат „Словеногласни Елини“, а Србите – „вистинските Срби“. Зошто? – Тоа е јасно: за да го оправдаат своето владеење и завојувачките стремежи спрема Македонија.
На ист начин постапуваат бугарските шовинисти. Тие ја користат словенската блискост меѓу Македонците и Бугарите и нè прогласуваат нас Македонците за „неразделен дел од бугарската нација“.
Бугарските империјалисти секогаш се стремеле да ја завладеат и поробат Македонија, а не да ја ослободат. Доказ е нашиот поробен крај. Зар за ваква „слобода“, каква што постои во Пертичко, се боревме и се бориме ние? Работни Македонци, Ние треба да ја изјавиме, за да чујат сите, дека не сме ниту Срби, ни Грци, ни Бугари. Ние сме Македонци, самостојна македонска нација. Само така најдобро ќе ја браниме самостојноста на нашето движење на нашето право за независна македонска држава.
Работни Македонци и вие македонски народни интелектуалци што се борите за национално и економско ослободување! Борете се против асимилаторите од Белград, Согија и Атина! Да извикаме високо дека ние не сакаме да се правиме Срби, Грци или Бугари. Да викнеме како трн во очите на поробувачите дека сме ние Македонци и како Македонци сакаме да си имаме своја македонска држава“. (Исто, стр. 345 – 346)
Во повикот, крајот на јуни 1936 година, Обласниот комитет на ВМРО (Об.) во Македонија под бугарска власт пишува: „Сите разбраа дека се судат македонските национални борци, дека ВМРО (Об.) не е комунистичка, туку македонска народна организација што има за цел да ја ослободи македонската област под Бугарија, да ги обедини трите дела на Македонија во една единствена слободна држава“. (Исто, стр. 352)

(Продължава в следващия брой)