НА СЕМАКЕДОНСКИОТ СОБИР ВО МЕЛНИК:

ПОЗДРАВЕН ГОВОР ОД РАТКО ЃОРЃИОСКИ ПРЕД СПОМЕНИКОТ НА ЈАНЕ САНДАНСКИ, ПО ПОВОД 103 ГОДИНИ ОД НЕГОВАТА ХЕРОЈСКА СМРТ, ОДРЖАН НА 22.04.2018 ГОДИНА


Почитувани,
На ова свето место, пред споменикот на великиот Јане Сандански, со должна и искрена почит, си споменуваме за животот и делото на овој доживотен вљубеник во неговата мајка Македонија.
Пиринскиот цар, револуционерот и борецот за македонска слобода и народна правда Јане Сандански (роден во 1872, а убиен во 1915 година), беше и за навек ќе остане видна и светла личност во македонската, балканската, европската и светската историја.
Неговиот живо и дело се најсилно изразени во неговата надалеку позната мисла: „Да живееш значи да се бориш: робот – за слобода, слободниот – за совршенство.“
Според зборовите на Сандански: „Ние треба да работиме за будење на сознанието кај македонските маси дека се тие самостоен народ, дека имаат право на слободен живот и дека треба да се борат за извојување на својата слобода, без да се потпираат на туѓа помош, зашто оние што би дошле да не ослободат, ќе дојдат всушност, да не поробат”.
За односот на Сандански кон Бугарија и бугарскиот народ најдобро сведочи следново негово лично искажување: „Ние не ја мразиме Бугарија и нејзиниот народ, туку се спротивставуваме на нејзината политика, која е спротивна на нашите идеали и интереси”.
Бројни се мемоарските, биографските и другите публикации за Сандански. Сандански е еден од главните јунаци на еден од најгледаните македонски филмови, филмот „Мис Стон“ на „Вардар филм – Скопје“, снимен во 1958 година, а во 2013 година, за него е снимен едночасовен телевизиски документарец, во копродукција на Македонската радиотелевизија и „Кавал филм“ – Скопје.
Сандански е опеан и во народните песни, меѓу кои најизведувани и најомилени се „Падна Јане на Пирина“ и „Песната за Крушевската Република“. Името на Сандански се споменува и во текстот на химната на слободна и независна Република Македонија.
Балканот, на повеќе пати, а посебно во првата половина и крајот на 20 век, беше крваво поприште на локални, балкански и светски војни, во кои најмногу страдаа неговото невино цивилно население и неговата младост, цветот и украсот на секоја нација.
На Балканот, и сега и во иднина, му требаат мир, соработка и економски просперитет, со целосно почитување на правото на национален и културен идентитет. Добрососедството го вклучува и почитувањето на малцинските права, со други зборови, правата на национален, јазичен и културен идентитет. Република Македонија е лидер во почитувањето и обезбедувањето на малцинските права и пример и за Балканот и за Европа. Малцинските права се регулирани со Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства од 1995 година и други меѓународни документи и нема правна и морална основа да се негира обврската за нивна примена. А сега, ќе ви испеам дел од една стара народна песна, песна на убавиот, мелодичен и Богоугоден Македонски јазик:
Нека разбера клетите душмани македонско име нема да загине,
нека разберат клетите шпиуни македонско име нема да загине.
Во врска со проблемот со името на Република Македонија, дозволете ми да ги цитирам зборовите на Јан Пирински од годинешниов последен, априлски број на весникот „Народна волја“. Тој, во неговата статија под наслов: „Името на државата на македонскиот народ е познато и тоа ќе биде вечно – Македонија“, ќе го истакне следново: „Секој народ има свое исконско и природно право сам да ја определи својата национална припадност, особено тогаш кога таквата определба е заснована на доволно изобилни историски аргументи и факти“.
На крајот, дозволете да посакаме:
Вечна слава и спомен на Јане Сандански !
На сите Македонци – екологија, односно чистење на душите од делби и неслоги, со повеќе меѓусебна сплотеност и љубов, како за доброто на македонскиот народ и држава, така и за доброто на сите народи и држави на Балканот.
Мир и разбирање меѓу македонскиот и бугарскиот народ и сите балкански народи, во интерес на европскиот и светскиот мир и разбирање!