Свидетелства за един достоен македонец – Ѓорги Поп-Атанасов

НЕ, ДРУГАРЮ СЛЕДОВАТЕЛ, АЗ НЕ СЪМ БЪЛГАРИН. АЗ СЪМ МАКЕДОНЕЦ

Самуил Ратевски
(Продължава от миналия брой)


Ѓорги Поп-Атанасов е роден во с. Елешница, Разлошко на 8 XI 1940 г. Како ученик во разлошката гимназија учествува во две групи, чијашто цел била да се одбранат човековите права на Македонците и особено нивното право на сопствен национален идентитет. За таа своја дејност, иако неполнолетен, е осуден на 5 години затвор. По излегувањето од затворот бил 2 години трудовак, а потоа се запишува на Духовната академија во Софија, којашто ја завршува во 1967 г. Потоа работи во Митрополијата во Благоевград и во окружниот весник „Пиринско дело“. Поради опасност од ново апсење ја напушта Бугарија во летото на 1972 г. и добива политички азил во Репулика Македонија. Тука го дооформува своето образование – магистрира и докторира на теми од областа на средновековната книжевност.

Бил раководител на Одделението за средновековна книжевност во Институтот за македонска литература и редовен професор на Богословскиот факултет во Скопје по предметите староеврејски јазик, старозаветна егзегетика, библиска херменевтика и библиска археологија. Досега објавил околу 200 статии и 23 книги од областа на библистиката и средновековната книжевност. На 4 VI 2012 е избран за редовен член на Македонската академија на науките и уметностите.

За организирањето на првата иницијатор беше Георги Голомехов од Јакоруда, а во неа, покрај мене, членуваа и Иван Дивизиев од моето село Елешница, Али Сеирски (Македонец со исламска семејна традиција) од Краиште и уште два ученика од Јакоруда и еден од Драглишта (не се сеќавам дали беше од Горна или Долна Драглишта). Притоа, морам да нагласам дека би било неправедно од денешна дистанца да се прогласуваме за некакви херои и борци за национална слобода. Нам едноставно ни беше тешко да прифатиме дека со политички декрет може да ни се промени националниот идентитет, да се избрише нашата вековна македонска традиција. Имавме чувство дека губиме дел од себе, дека повеќе нема да бидеме тоа што биле нашите предци, поради што во нас инстинктивно се појави потреба да реагираме. И ние реагиравме како што знаевме и можевме.
Со оглед на тоа што ние јавно ги изнесувавме нашите ставови во однос на македонското национално прашање, мошне бргу некои од членовите на нашата група беа приведени во разлошката милиција и беа држани во притвор десетина дена. Мене од сред час ме приведе агентот Пандохов од Драглишта, чијашто сестра учеше во нашиот клас. По пуштањето од притворот, на собир на кој беа присутни сите ученици од гимназијата, и на кој говореше директорот на гимназијата Ангелов, бевме жигосани како божемни „државни непријатели“ и беше соопштено дека некои од нас се исклучуваат од гимназијата, а на други им беше намалено поведението. Голомехов беше исклучен без право да го продолжи образованието, а јас бев исклучен со право да го продолжам образованието, но во гимназија надвор од територијата на Пиринска Македонија. По собирот или пред него, веќе не се сеќавам, бевме повикани во канцеларијата на директорот Ангелов, каде што беше присутен и околискиот партиски секретар. Овој секретар беше едно мало чудно човече, а и неговите ставови ми изгледаа многу чудни. Во разговорот со него ние рековме дека мислиме дека сме Македонци, а тој ни рече: „А бе, кои сте вие да мислите. Тука е партијата, таа ќе мисли.“ Тогаш сфатив дека во комунистичка Бугарија до тој степен бевме деградирани како човечки суштества што немавме право ниту да мислиме.
Така, јас заминав да го продолжам школувањето во гимназијата во Велинград, којашто беше најблиску до нашиот крај. Оваа одлука беше во сообразност и со материјалните можности на моите родители. Освен тоа, во овој бугарски град, особено во неговиот дел формиран од бившото село Чепино, имаше многу преселници од Разлошко, па и од моето родно село, кои многу помогнаа при моето сместување и адаптација во новата средина. Следната учебна година одново се вратив во разлошката гимназија, каде што дипломирав во јуни 1958 година.
Втората група ја организиравме со Борис Преѓов од Елешница, со кој бевме во роднински врски – неговата мајка и мојот дедо по татко беа брат и сестра. И тој, као и јас, претходно беше исклучен од Горскиот техникум во Банско и морал да учи една година во техникумот во бугарскиот град Батак. Во новата група беа вклучени некои од учесниците во првата група, но и некои нови членови, од кои двајца беа од Симитли – Иван Духарски и Мирчо Драганчев. Со нив н поврза Иван Дивизиев од Елешница, кој од разлошката гимназија отиде да учи во гимназијата во Симитли.
Членовите на новата група беа уапсени на 1 септември 1958 год. Првин нè држеа во притвор десетина дена во разлошката милиција, а откако другите ги ослободија, мене и Борис нè префрлија во истражното одделение на милицијата во Благоевград. Тука, за време на истрагата бевме изложени на крајно груб однос и малтретирање. Преку денот, од 6 часот наутро до 10 часот вечерта, не смеевме да седиме, а ноќно време нè водеа на сослушувања, така што бевме мошне исцрпени. Освен тоа, дневно ни даваа само четвртина леб и две чорби (наутро и навечер), коишто повеќе личеа на помија отколку на храна за луѓе. Јас се чувствував толку истоштен и гладен што скоро секоја ноќ сонував леб: одам во некоја продавница, грабнувам леб и сакам да се скријам некаде да го изедам, но некој трча по мене и ми го зема лебот од рацете. Континуираниот глад, најверојатно, ја менува и психата на човекот. Затоа, кога заврши истрагата и ми беше речено дека татко ми има оставено пари и можам да порачам да ми се купи нешто за јадење, јас порачав да ми купат седум леба и едно кило алва. Во тој момент јас бев апсолутно сигурен дека ќе ги изедам сите лебови и сета алва.
Лошите услови во истражното одделение на благоевградската милиција негативно влијаеја врз нашето здравје. Бевме сместени во самици што исто така лошо влијаеше врз психичкото здравје на притворените лица. Се сеќавам како еднаш имав страшно силна главоболка. Таква главоболка не сум имал никогаш повеќе во текот на мојот живот. Тоа беше дење, а според прописите не смеевме преку денот да седиме на сламените душеци, камо ли да лежиме. Јас, меѓутоа, не можев да издржам и легнав. Тоа го забележа дежурниот милиционер, ја отвори вратата на ќелијата и бараше од мене да станам; јас му објаснив во каква состојба сум и дека не можам да стојам, но тој немаше никакво разбирање за мојата здравствена состојба. Кога виде дека јас не станувам, го извади сламениот душек надвор, но јас продолжив да лежам на бетонскиот под. Тогаш истури неколку кофи вода во мојата ќелија и ме остави да лежам во водата.

(Продължава в следващия брой)