Пишува Ристо Бунтески – Бунте

МЕТОДИЈА ШАТОРОВ – ШАРЛО, ЗА МАКЕДОНСКАТА НАЦИЈА


Рефератот под наслов „Историјата и суштината на ВМРО (Об.)“ од 1926 година кој се наоѓа во Архивот на Македонија, по својата содржина, е еден од најважните политички документи, кој најдобро ги изразува политичките ставови на Методија Шаторов. Од овој документ ќе цитираме дел со цел да се објаснат ставовите на Шаторов:
„Основите на ВМРО (Об.) се поставени во текот на 1925 година. Но ВМРО (Об.) не може да се разгледува изолирано, без врска со старото македонско националноослободително движење. Таа се јавува како единствена наследничка на Гоце Делчевата ВМРО, која ги прифати и ги разви нејзините идеи и ја продолжи вистинската револуционерна борба за национално и економско ослободување на македонскиот народ…
Старата ВМРО ги придоби на своја страна и ги раздвижи широките народни маси. Освен заштитувајќи ги економски, и со тоа што дејствуваше во името на еден светол идеал на македонскиот народ – да има своја сопствена македонска држава. Само прикриените врховисти, спроводници на бугарската завојувачка политика внатре во Организацијата, прифаќаа автономија на Македонија само како една етапа кон нејзиното присоединување кон Бугарија. Вистинските претставители на македонскиот народ, првите негови револуционерни раководители, во програмата на ВМРО ја предвидоа автономијата на Македонија, како полесно остварлива етапа на патот кон самостојноста, и тоа со помош на така наречените „големи сили“. Тоа била една заблуда. Но без секакво сомнение е дека крајниот идеал на првоапостолите на македонската револуција била самостојна македонска држава: „Слободна и независна Македонија со широки права на сиромасите од сите населени, без разлика на националноста“. (Гоце Делчев). Со тоа се објаснува херојската и упорна борба на внатрешното македонско револуционерно движење како против турското ропство, така и против завојувачките стремежи на Бугарија, Србија и Грција, односно против нивните агенти врховистите…
Востанието (Илинденското) беше објавено предвреме, спротивно на волјата на највидните најреволуционерните македонски раководители… Задачата која врховистите си ја поставија со провоцирањето на неподготвеното и не навреме објавено востание беше да го компромитираат револуционерниот акт на борбата, да се разочара народот, да ја изгуби вербата во сопствените сили и да се сврти со надеж кон бугарската армија…
Новиот противмакедонски курс доаѓаше од новите членови на врховизираниот ЦК на ВМРО – Тодор Александров и Александар Протогеров, кои останаа верни на бугарската империјалистичка политик, и за време на светската војна, а и по нејзиното завршување. Тие, заедно со бугарските раководители, се главните виновници за новото поцрно ропство на Македонија (раскината, потисната и разорена од софиските, белградските и атинските завојувачи)…
По сите тие несреќи на македонскиот народ се исчезнаа илузиите, што ги создаваа врховистите за некакво „ослободување“, кое требало да дојде од Бугарија и другите балкански држави. Во ова се состоеше првиот голем пораз на врховистите. Така се создадоа првите нови можности за возобновување на старата ВМРО, за создавање на едно ново единствено и масовно движење, инспирирано од револуционерните идеи на загинатите и живите први македонски дејци…
Во 1925 година се поставија основите на таква организација наречена ВМРО (Об.), која ги вклучи во своите редови старите централисти и илинденци, федералистите, левицата од автономистичката организација, македонските комунисти и младото македонско поколение. Така македонскиот народ најде свој нов револуционерен раководител во борбите, при воени услови, за национална независност…
Како единствена наследничка на Делчевата ВМРО, новата ВМРО (Об.) ги прифати од првата сите револуционерни принципи и сите позитивни квалитети во кои се воспитуваа македонските маси. ВМРО (Об.) со гордост го носи револуционерното наследство од славното македонско минато…
Но за да може со достоинство да продолжи делото на првоапостолите на македонската револуција, ВМРО (Об.) требаше да извлече поука од преживеаните настани и, сообразно со новите услови во кои е поставен македонскиот народ – да робува и да се бори, за да ги отстрани грешките од минатото и да ги дополни и развие идеологијата и практиката на старото македонско движење… Основната – најважна – причина за таа историска погрешна постапка се крие во најголемата штета што врховистите и бугарската завојувачка политика ѝ ја нанесоа на македонската кауза со насадувањето на бугарштината во Македонија и привременото засенување на самостојното национално чувство кај Македонецот…
ВМРО (Об.) не можеше да не извлече поука од таа погубна грешка во македонското минато. Таа не можеше да не извика високо на бугарскиот и балканскиот империјализам: Долу крвавите раце од Македонија! Таа не може да не поведе борба за зачувување на Македонците од асимилирање и за издигање на самостојното македонско национално чувство тие како македонци не се ниту Срби, ниту Грци, ниту пак Бугари, а претставуваат одделна нација. Затоа, и имено поради тоа, ВМРО (Об.) постави солидна база на македонското ослободително движење за принципиелна и аргументирана борба за слободна и независна македонска држава…
ВМРО (Об.) ја истакна големата програмска парола за обединување на македонскиот народ во една независна македонска држава. Исто така, ВМРО (Об.) ја истакна стратегиската парола за самоопределување на македонскиот народ, којашто ја конкретизира национална-ослободителната борба во трите македонски области, и го открива начинот по кој ќе се стигне до слободна и независна Македонија…
Со оглед на таа перспектива ВМРО (Об.) во Македонија под бугарска власт се бори за самоопределување на Пертичкиот крај до негово одделување од империјалистичка Бугарија, за да се постигне и обединување со другите два дела на Македонија во една независна македонска држава. Ние ги упатуваме нашите барања за самоопределување до софиските освојувачи не затоа што се надеваме дека тие ќе ни го отстапат сами, туку за да го насочиме неговото сечиво против нив и да ги раздлабочиме пред македонските маси како непријатели на македонската слобода и независност и на тој начин да ги мобилизираме тие маси на револуционерната борба. Ние се обраќаме кон софиските завојувачи вака: Вие, господа, тврдите дека Македонците се Бугари и дека Македонија е бугарска; вие си давате надворешен изглед дека се стремите за да биде македонскиот народ слободен. И убаво, ние пак тврдиме дека Македонците не се Бугари, дека Македонија не е ваша. Напротив, вие сте исто такви поробувачи, какви што се белградските и атинските. Дајте, тогаш да го однесеме прашањето до самото население во Пертичкиот крај. Нека тој си го каже зборот како се чувствува и дали сака да живее под вашиот јарем, или пак ќе посака, заедно со населението од другите два дела на Македонија да се соедини со самостојна македонска држава. Со еден збор, дајте му право на самоопределување. Впрочем, за да се изјасни населението слободно, да ја искаже својата волја, повлечете ги од Македонија бугарската војска и полиција“. (Архив на Македонија, фонд ВМРО (Об.) Реферат на Шаторов под наслов „Историјата и суштината на ВМРО (Об.)“, стр. 1-9)
Во овој реферат е направено прецизно разграничување помеѓу ВМРО (Врховисти) и ВМРО (Об.). За врховистите и нивната дејност се констатира: дека е анти-македонска организација, раководена од новите членови на врховизираниот ЦК на ВМРО – Тодор Александров и Александар Протугеров, кои останаа верни на бугарската империјалистичка политика и пред и после Првата светска војна. Тие заедно со бугарските раководители се главните виновници за новото уште поцрно ропство на Македонија, раскината, потисната и разорена од софиските, белградските и атинските завојувачи и поробувачи.
По иницијатива на Методија Шаторов, во септември 1928 година е свикано собрание на македонските комунисти кое ќе ги постави основите на ВМРО (Об.) во Бугарија. На овој собир се разјасниле основните ставови во платформата на ВМРО (Об.), за партиската политика и се дале директиви за работа.
Во втората половина на 1928 година, раководството на ВМРО (Об.) презема мерки за консолидација на своите едномисленици и за создавање здрава организација во Македонија. Во Бугарија постоеле и дејствувале неколку групи кои требало да бидат обединети, раководени од Кавракиров и Методија Шаторов, групи од македонци емигранти комунисти.
Во 1928 година Шаторов е провален, откриена е неговата активност од бугарската полиција, и е затворен во истражен затвор единаесет месеци, каде што е подложен на тешка тортура.

(Продължава в следващия брой)