Свидетелства за един достоен македонец – Ѓорги Поп-Атанасов

НЕ, ДРУГАРЮ СЛЕДОВАТЕЛ, АЗ НЕ СЪМ БЪЛГАРИН. АЗ СЪМ МАКЕДОНЕЦ

Самуил Ратевски
(Продължава от миналия брой)


“ЕДИНСТВЕНАТА МОЈА ВИНА БЕШЕ ШТО СУМ МАКЕДОНЕЦ И ШТО САКАВ ДА ОСТАНАМ МАКЕДОНЕЦ”

Самуил Ратевски
(Продължава от миналия брой)


Ѓорги Поп-Атанасов е роден во с. Елешница, Разлошко на 8 XI 1940 г. Како ученик во разлошката гимназија учествува во две групи, чијашто цел била да се одбранат човековите права на Македонците и особено нивното право на сопствен национален идентитет. За таа своја дејност, иако неполнолетен, е осуден на 5 години затвор. По излегувањето од затворот бил 2 години трудовак, а потоа се запишува на Духовната академија во Софија, којашто ја завршува во 1967 г. Потоа работи во Митрополијата во Благоевград и во окружниот весник „Пиринско дело“. Поради опасност од ново апсење ја напушта Бугарија во летото на 1972 г. и добива политички азил во Репулика Македонија. Тука го дооформува своето образование – магистрира и докторира на теми од областа на средновековната книжевност.

Бил раководител на Одделението за средновековна книжевност во Институтот за македонска литература и редовен професор на Богословскиот факултет во Скопје по предметите староеврејски јазик, старозаветна егзегетика, библиска херменевтика и библиска археологија. Досега објавил околу 200 статии и 23 книги од областа на библистиката и средновековната книжевност. На 4 VI 2012 е избран за редовен член на Македонската академија на науките и уметностите.

“Единствената моја вина беше што сум Македонец и што сакав да останам Македонец.”
„Групи на отпор против бугарските негатори беа формирани скоро во сите средни училишта на територијата на Пиринска Македонија. Во гимназијата во Гоце Делчев беше групата на Венко Тамахкеров од Мусомиште, во Горскиот техникум во Банско групата на Станке Домазетски од Крупник, а таква група имаше и во гимназијата во Сандански. Јас учествував во две такви групи во текот на 1957 и 1958 година. За организирањето на првата иницијатор беше Георги Голомехов од Јакоруда…“
“ние рековме дека мислиме дека сме Македонци, а тој ни рече: „А бе, кои сте вие да мислите. Тука е партијата, таа ќе мисли.“ Тогаш сфатив дека во комунистичка Бугарија до тој степен бевме деградирани како човечки суштества што немавме право ниту да мислиме.”
„…би било неправедно од денешна дистанца да се прогласуваме за некакви херои и борци за национална слобода. Нам едноставно ни беше тешко да прифатиме дека со политички декрет може да ни се промени националниот идентитет, да се избрише нашата вековна македонска традиција. Имавме чувство дека губиме дел од себе, дека повеќе нема да бидеме тоа што биле нашите предци, поради што во нас инстинктивно се појави потреба да реагираме. И ние реагиравме како што знаевме и можевме.“

СЕЌАВАЊА
(своерачен текст, октомври, ноември 2013 г.)

Генерацијата пирински Македонци која растеше во Бугарија после Втората светска војна, беше сведок на повеќе политички настани, коишто влијаеја позитивно или негативно врз положбата на македонското население што живее во Пиринска Македонија и во други делови на бугарската држава. Во текот на еден краток временски период од десетина години, односот на бугарската држава кон Македоците се менуваше драстично брзо, при што се одеше од признавање на националните права на Македонците до целосно негирање на нивното право на сопствен национален и културен идентитет. Во 1946 год. се спроведе попис на населението, на којшто Македонците можеа слободно да се изјаснат за својата национална припадност, по што дојде културната автономија на Пиринска Македонија од 1947-1948 година. Јас добро се сеќавам на учителот по македонски јазик во нашето основно училиште Живко Велевски, кој беше прифатен во Елешница како свој меѓу свои и кон кого елешничани се однесуваа со особена почит и респект, иако тој беше сè уште сосема млад. Во библиотеката на елешничкото основно училиште „Браќа Миладинови“ имаше книги и списанија на македонски јазик, коишто ние со голем интерес ги читавме. Во Горна Џумаја (денес Благоевград) имаше Македонски народен театар, во којшто се даваа претстави на македонски јазик; таму имаше и македонска книжарница, а во окружниот весник „Пиринско дело“ се печатеа статии на македонски јазик. Тој период на македонска слобода, меѓутоа траеше многу кратко. Се случи Информбирото во 1948 год., и македонските учители беа протерани од Пиринскиот дел на Македонија, а со нив и културните работници од Република Македонија.
По смртта на Георги Димитров (2 јули1949) и на Владимир Поп-Томов (1 мај 1952), кои беа демократски ориентирани во однос на македонското прашање, бугарскиот комунистички режим започна брзо да ја менува својата политика во однос на Македонците, враќајќи се на позициите од времето на фашизмот. Оние, пак, високи политички функционери со македонско потекло, како Антон Југов, Георги Трајков, Христо Калајџиев и др. беа принудени да се прилагодат кон новата бугарска политика и да и служат на великобугарската кауза.
Негирањето на правото на Македонците слободно да го изразуваат и непречено да го чуваат и негуваат својот национален и културен идентитет, се заокружи и официјализира на Априлскиот пленум на ЦК на Бугарската комунистичка партија во 1956 година. Во разлошката гимназија, во којашто во тоа време јас учев, доаѓаа разни пропагатори од Софија со цел да ја образложуваат и објаснуваат новата политика на Бугарија во однос на македонското прашање. Учениците од целата гимназија беа собирани повремено во киносалата што се наоѓаше во дворот на гимназијата и на тие собири софиските пропагатори ни објаснуваа дека политиката на Г. Димитров по македонското прашање била погрешна и дека нема Македонци, туку има само Бугари. Овие пропагандистички говори станаа предмет на дискусии меѓу учениците. Ми се чини дека ефектот од нив беше контрапродуктивен во однос на целите што сакаа да ги постигнат софиските пропагатори, бидејќи кај нас се појави поголем интерес за минатото на Македонија и Македонците, па на некои од собирите што следуваа ние поставувавме незгодни прашања и јавно ги изнесувавме своите ставови, кои беа спротивни на тезите за коишто се залагаа гостите од Софија. Едноставно, меѓу учениците се појави спонтан отпор против негаторите на нашата национална припадност, кој во определени ситуации доби и своја организирана форма.
Групи на отпор против бугарските негатори беа формирани скоро во сите средни училишта на територијата на Пиринска Македонија. Во гимназијата во Гоце Делчев беше групата на Венко Тамахкеров од Мусомиште, во Горскиот техникум во Банско групата на Станке Домазетски од Крупник, а таква група имаше и во гимназијата во Сандански. Јас учествував во две такви групи во текот на 1957 и 1958 година.

(Продължава в следващия брой)