Македонската писателска асоцијација соопшти дека:

НА 28 АПРИЛ ЌЕ СЕ ИЗБИРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДРУШТВОТО НА ПИСАТЕЛИТЕ НА МАКЕДОНИЈА

(Преземено од МИА)


– Кандидатите за претседател на Друштвото на писателите на Македонија и за претседател на Собранието на ДПМ своите програми треба да ги достават во канцеларијата на Друштвото од утре до 27 март, најдоцна до 12 часот.
Македонската писателска асоцијација соопшти дека редовното изборно собрание ќе се одржи на 28 април. Одлуката ја донесе Претседателството на ДПМ според неговиот статут со кој е утврден мандат од четири години.
Покрај претседател на Друштвото, членови на Претседателството и претседател на Собранието на ДПМ, ќе се избираат и статутарна комисија, комисија за финансиско работење и суд на честа. На овој највисок собир на македонските писатели ќе се избира и Собраниски одбор во кој ќе влезат по еден писател од секоја општина во која живеат и создаваат автори кои се членови на ДПМ.
Најавувајќи го редовното изборно собрание, актуелниот претседател на ДПМ Веле Смилевски минатиот месец на одбележувањето на 71-виот роденден на Друштвото, истакна дека треба да им се даде можност на, како што рече, оние колеги и колешки кои имаат мотив, желба, енергија и знаење да ја трасираат патеката на асоцијацијата во осмата деценија на нејзиното постоење.
– Со задоволство можеме да констатираме дека Друштвото на писателите на Македонија има такви потенцијали, а на членовите на оваа асоцијација им останува да ги изберат најдобрите…, рече Смилевски, нагласувајќи и дека по четири години раководење на ДПМ на новото Претседателство ќе му остават во наследство стабилна финансиска состојба, а до април нема да трошат од буџетот за 2018 година.
Друштвото на писателите на Македонија е асоцијација на уметници со најдолга традиција на дејствување во земјава, кое во изминатите седум децении обедини 540 писатели со различни естетски определби кои творат во различни книжевни жанрови.