Претседателот Иванов во Баку:

МАКЕДОНИЈА ПОДДРЖУВА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА ИНФРАСТРУКТУРАТА И ПОВРЗАНОСТА

(По македонскиот печат)


Проектите од иницијативата „Еден појас, еден пат“ значително ќе ја зголемат поврзаноста меѓу земјите и ќе ги олеснат трговијата и комуникацијата. Наша цел се ЕУ и НАТО, но неопходна ни е европска инфраструктура- порача претседателот Иванов на Глобалниот форум во Баку. Оствари повеќе билатерални средби. Во фокусот- заложба за потесни економски врски, поддршка за интеграциите…
Целта на Република Македонија е членство во НАТО и во Европската унија, ние сме вклучени во европскиот економски простор, но нам ни е неопходна и европска инфраструктура. За таа цел Македонија одлучи со поволни кинески кредити да гради важен дел од европскиот Коридор 8, порача претседателот Ѓорге Иванов, во своето обраќање на 6-от Глобален Баку форум во Азербејџан, говорејќи на тема „Како да се разбере надворешната политика на Кина?“.
Ивнов истакна дека инфраструктурните проекти во рамки на „Еден пат, еден појас“ ќе им овозможат на државите од Централна, Источна и Југоисточна Европа да бидат меѓусебно цврсто поврзани, со што ќе се зголеми компетитивноста на економиите од регионот за странски инвестиции. Додаде дека Македонија смета дека оваа иницијатива на Кина придонесува кон мирот, просперитетот, отвореноста, иновацијата и поврзувањето меѓу цивилизациите.
Одлучивме со поволни кинески кредити од иницијативата „16+1“ да градиме еден дел од европскиот Коридор 8, кој го поврзува Јадранското море со Црното море. Ние сме дел од иницијативата и за брзата пруга од Будимпешта до Белград која треба низ Македонија да продолжи до пристаништето Пиреја. Исто така се залагаме и за обновување на проектот за поврзување на реките Вардар-Морава-Дунав со Егејското море, рече македонскиот претседател во своето обраќање.
Иницијативата „Еден пат, еден појас“ предвидува изградба на повеќе економски коридори што ќе покријат две третини од светската популација и една третина од БДП во светот. Има за цел да развие нови пазари за кинеските производи, да го зголеми економскиот раст, да создаде работни места и да им овозможи на помалку развиените кинески региони да профитираат од инфраструктурниот развој и од зголемената трговија. Всушност, и целта и на стариот и на новиот „Пат на свилата“ е водење трговија, а не проектирање влијание, нагласи македонскиот претседател.
На глобалниот форум во Баку учествуваат повеќе актуелни и поранешни претседатели, премиери и министри, како и голем број истакнати личности од општествениот и политичкиот живот, универзитетски професори и претставници на Програмата за млади лидери.
Иванов, како што соопшти неговиот кабинет, претходно оствари билатерални средби со претседателот на Азербејџан Илхам Алиев, со претседателот на Молдавија, Игор Додон и со турскиот премиер, Билали Јилдирим.