Прва средба меѓу Македонската и Бугарската Академија на науките по ратификацијата на Договорот за добрососедство

МАНУ И БАН ЌЕ ПОМАГААТ ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ДОГОВОРОТ ЗА ДОБРОСОСЕДСТВО

Викторија Милевска
(Преземено од МРТ)


Работна група ќе реализира делови од Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија- претседателите на Академиите на двете земји велат дека документот ќе отвори нова страница и можности за двете држави. Констатираат- Балканот може да стане стабилен и мирен регион во Европа…
Прва средба меѓу Македонската и Бугарската Академија на науките по ратификацијата на Договорот за добрососедство. Претседателите Таки Фити и Јулијан Ревалски велат дека се подготвени со целата своја експертиза да им помогнат на Владите на Македонија и Бугарија да ги реализираат зацртаните цели. За МТВ ги откриваат деталите во која насока ќе се движи соработката.
Ќе се формира меѓуакадемска група за да се конкретизира и исполни предвиденото во Договорот. Претседателите на Академиите ќе раководат со работната група која ќе биде составена од 10 членa и во која покрај академици, ќе бидат вклучени професори и експерти. И Фити и Ревалски со став дека Договорот ќе отвори нова страница и можности за двете пријателски земји, а нивната соработка ќе биде пример и за другите држави на балканот.
„Ние во соработката влегуваме со заемно почитување, мислиме дека нема прашања на кои академиите со факти и со аргументи не можат да разговараат, вклучувајќи ги тука и сензитивните прашања, и дека тоа е добар начин да се градат ставови и да се надминуваат проблеми, а не работите да се оставаат под тепих, да тлеат. Ние тука влегуваме со научна перцепција на сите отворени прашања“, изјави Таки Фити, претседател на МАНУ.
„Беше направен решителен исчекор од двете Влади и премиерите на двете држави и сметаме дека тоа е одлична основа за нашата иднина, особено за младите генерации. Ние денеска разговаравме и за различни проекти, за размена на студенти и доктори на науки. Така што сметам дека нашите два народа кои се братски треба да продолжат напред и да отворат многу повеќе можности за разбирање, пријателство и соработка и на тој начин да дадеме пример и на другите земји, како Балканот може да стане стабилен и мирен регион во Европа“, рече Јулијан Ревалски, претседател на БАН.
На средбата било решено двете Академии да ја интензивираат соработката во науката, образованието, историјата и заеднички да се празнуваат светите браќа Кирил и Методиј. Годинава нивното чествување ќе биде во Софија. Академиците договориле и интензивирање на трилатералната соработка меѓу бугарската, македонската и српската академија.
Според Фити и Ревалски, ова ќе биде добар пример како овие врвни институции треба да соработуваат и да даваат придонес во меѓусоседските односи, научните области и културата. Досега Македонската и Бугарската Академија реализирале 20 научно истражувачки проекти и наскоро ќе бидат промовирани завршените проекти за кои се испечатени зборници на македонски и бугарски јазик.