Човекот кој не беше само за внатрешна употреба!?

НИКОЛА КЉУСЕВ – НЕДОСЕГНАТИОТ ПРЕМИЕР И НАЦИОНАЛЕН ДЕЕЦ НА Р. МАКЕДОНИЈА!!!

Чедо Цветановски


7. Македонистичкиот модел на новиот светски поредок и предизивиците на демографско-миграциското цунами, односно мултикултурализмот според бенгурио-нистичката формула на ЦЕНЕСИ и МПО („Американизација+општинизација и синдикализација = македонизација“), наспрема моделот на грко-кипаризацијата и „империјализмот на човековите права“ на европската соросистичка социјална држава за остварување правата на народите и цивилизациите со азијатска рожбеност…
Тука, по повод овој јубилеј, не е место подетално да ги образлагам наведените мисли-водилки на академикот и програмските патокази на премиерот Никола Кљусев. Но за оние, „кои ги побркаа насоките“, (кои се оперирани од десничарските насоки) и на кои и тогаш и сега горенаведените магистрални патокази им се чинеа и им се чинат грандомански, небулозни, романтично нереални, трижди ќе преповториме: и програмата и тактичките чекори, уште повеќе стратешките цели/ориентири на Владата беа рожба и на домашните и на странските социо-економски и политичко-правни аналитички центри и мислечки авторитети од пост-социјалистичките и од западните земји. Како потврда самиот Н. Кљусев подвлекува: „…за нив се расправаше во МААК, чиј симпатизер јас навистина бев…. и во т.н. Гошева комисија… во која членуваа голем број меѓу нас поранешни критичари и еретици на системот“. Токму тој во Гошевата комисија предлага: „да се формира еден поширок сојуз на демократските сили на Македонија во кој би влегле голем дел од тукушто формираните партии, како би се сочувало националното демократско јадро во Македонија, зашто ценев дека е невозможно да се очекува било какво сочувување или механичка трансформација на комунистите“ (Кн. 1, с. 22 и 21). Значи, токму Н. Кљусев го иниоцира и втемелува создавањето на идниот Македонски Национален Фронт (МНФ). И токму од името на фронтот Анте Попоски постигна договор со Српскиот покрет за обнова и со Социјалистичката партија на Србија, и тоа лично со Вук Драшковиќ и со Слободан Милошевиќ. И тие веднаш, во од, ги префрлија Албанците од Косово и Метохија на самофинансирање, и дури им понудија бесплатен државно-административен сервис само за да го ослободат српскиот народ од карделе-соросистичкиот ропски режим. И истата клеветничка лавина од Македонија, под чии подмолни удари падна „првата Влада“ на самостојна Македонија, веднаш тргна во се’ пожесток поход да го сатанизира „режимот на Милошевиќ“, имено за македонско-српската агенда за европеизација на правата на малцинствата врз единствени евро-атлантски стандарти.
И Западот и Истокот против политикантските двојни стандарти
И Западот, во пресудните мигови по осамостојувањето на државата, ни укажуваше принципиелна подршка, како ретко кога во историјата на македонскиот народ. Покрај погоре споменатата идеолошка подршка на Папата и на американскиот Интернационален Републикански Институт (ИРИ), овде само ќе наспомнеме за тогашните повеќекратни промакедонски јавни изјави на државните секретари на САД – Џ. Бејкер и К. Вајнбергер! Згора, спротивно на политикантски провокативната „Лисабонска декларација“, Германија ни укажуваше најконсеквентна политичко-дипломатска и финансиска помош. Таа дури немаше дипломатски зазор, лично преку министерот за надворешни работи Клаус Кинкел, перманентните дипломатски притисоци да ги подигне во отворени демарши до владите на Грција и Бугарија, по состанокот во Јанина во 1997, како и на Албанија при неговата официјална посета во 1998 г. Паралелно, со рестартирање на металопреработувачкиот комплекс со стотина илјади работни места согласно меѓудржавниот македонско-германски договор Глигоров-Херцог, заклучен во 1995 г. при посетата на германскиот претседател, течеше непрестана и штедра финансиска помош. Нејзината висина кон 1997-та, според вториот германски амбасадор, достигна „1 милијарда и 200 милиони долари, (од кои половината од германски извори), за финансиска подршка на посебните малцински институти (како Штуловиот универзитет, средните училишта) и за вонредните социјални потреби при нивното префрлање на самофинансирање по примерот на прибалтичките независни држави“. Згора повеќекратно во јавни изјави и амбасадорот на Австрија X. Кочи, како и високи функционери од Р. Турција, остро го критикуваа отворањето на паралелни државни малциниси институти како политика за гетоизација. Накрај, да не заборавиме, дека СМИ се’ уште ни напомнуваат кого Западот, пролетта 2001-та, повеќе од два месеца едногласно нарекуваше терористи, убијци…

И Истокот, иако обземен од мрачната угроза за „пропаста на социјализмот да не ја претворат во пропаст на словенството“ (В. Бурич), ни искажуваше недвосмислена морално-политичка подршка. По ургентната посета на Русија на делегација на „експертската влада“ и признавањето на независната македонска држава во 1991-та, во 1993 г. и јас, Ч. Цветановски, бев испратен со таква мисија во Москва. Таму, на научната конференција: „Новите предизвици и словенството – единство низ разлики“ во рамките на манифестацијата „Денови на словенската писменост и култура“, јас го образложив „Мирниот развод и пресуредбата на социјалистичката држава по-македонски“ за ослободување од „најцрното ропство во историјата на човечката цивилизација“. Оваа квалификација на советникот по социјално-економски прашања на претседателот на Русија, искажана во поздравниот говор на отворањето на „Деновите“, директно избиваше од дамарите на македонизмот. Јас само се надоврзав на неа… А во разговорот, седнати еден до друг на завршната приредба во Бољшој театар, министерот за надворешни работи на Русија А. Козирев, не само што целосно го подржа македонскиот план за коренити реформи, туку и не охрабри со зборовите: „Продоложете уверено така. Нема никој да дрзне да ве чепне. Судбината на Македонија е решена на највисоко светско рамниште“. Уште повеќе, на двете средби со патријархот на РПЦ Алексеј Втори, ги образложив и двата МААК-овски проекта: 1. За отповикувањето на Ирадето за укинување на Охридската (и на Пеќската и Трновската) патријаршија, како неканонски, т.е. државно-правни акти; и 2. За поканата и тој да го посети славјанскиот Ерусалим – Охрид, во време на навестената посета на првиот Папа од словенски род – Иван Павле Втори. А за неа се беше нафатил, како споменав погоре, премудриот Анте Попоски. И двата предлога тој со радост ги прифати, па за нивна реализација до крајот на 90-те во Р. Македонија во три мисии го испраќаше тогашниот митрополит, одговорен за односи со црквите, а сегашен патријарх на РПЦ – Нег. Преос. Патријархот Кирил.
Јуришниците јурнаа во кршење на европскиот Устав од 1991-та
Но, за жал, одново се наметнаа, како вели самиот Н. Кљусев „јуришниците, бранителите на системот и негови иманентни претставници, и дома и во странство… Тие обвинуваа, критикуваа и го линчуваа секој критичар и еретик на системот… Тие беа истовремено и покорни поданици, на од нив воспеаните култови“ (Кн. 1, с.93). А потаму ќе го впери прстот и во „младите јуришници“, кои јурнаа во кршење на темелните одредби на европскиот Устав од 1991-та, замаени од нимфите од амфорите и од доларите од куферчето на генерал Грилакис…
Притоа го постави судбинското прашање, на кое секој освестен Македонец треба сам да си одговори: „Кои се тие сили што разоруваат, што болно нагризуваат, што те фрлаат во преградка на ниски страсти?“ (Кн.1, с. 106). Односно, кои се тие „болни луѓе, кои се мислат повикани да водат, како Мојсие и другите пророци, а по себе влечат ситни пороци“, како вели Б. Конески (к.2, с.93)? Јас, барајќи го одговорот, ги проанализирав оценките на Н. Кљусев за дејанијата на тие сили, кои токму него го оклеветаа како „човек само за внатрешна, а не и за надворешна употреба“. И дај Боже, ќе ги објавиме некогаш. А тука ние ќе укажеме на нивното главно злодело: „тие, што се мислат повикани да водат„ како „иманентни претставници, и дома и во странство“, ни ги прекинаа и продолжуваат да ни ги разоруваат нужните врски со десничарските, демо-христијанските, демо-исламските и демо-јудејските центри. И до денденес ја држат Македонија во аномална положба – во едноокост, и му ја сечат десната опашка на лавот! Само левицата и нејзините прво-приватизери имаат воспоставено антена за некаква идејно-политичка врска со левицата во светот. Ноторен факт е – само СДСМ е полноправен член на „социјалистичката интернационала“. Додека пак ВМРО-ДПМНЕ е само придружна членка на демо-христијанските партии и останува да чмае во чекалницата за да се допрофилира и да ја подигне десната опашка на лавчето. А за тоа таа треба што побрзо да се врати на почетокот како ни заповеда големиот учител – Н. Кљусев. Но и како укажува и големиот учител на левицата, кој истотака ова лето го одбележа 90-от роденден – И. Катарџиев…
Да заклучиме, академикот Н. Кљусев е прегалец колку на полето на науката, и триж толку на националното државно творештво, чии поставки ги актуелизира низ проверка со критичките пораки на светската научна економска и политоколошка мисла. Тие поставки ги вгради како израз на долгот кон државно-правниот идеал за неасимилационен државен модел на „старите македонски револуционери“, кон кој стремеа, стремат и ќе стремат не само мислителите и борците, туку и најшироките слоеви на македонскиот народ, како и најобичните луѓе без оглед на кој народ, вера, боја и дел од светот му припаѓаат. Па оттука, колку на критичарите на Кљусевата влада и на политикантите, кои ги запреа реформите и ги побркаа насоките, да им глочка душа призвукот на самомнение во цитираните зборови на премиерот, сепак, дури и со скромната додавка кон Гоцевата мисла и со почетните мерки за пресуредба на државата на комунистичките етнички сијамски близнаци, сообразени со европските правно-социјални стандарти во Уствот на Македонија од 1991 г, академикот и премиерот Никола Кљусев си обезбеди недосегнато високо место на пиедесталот на македонската и европската економска наука, и на државно-правната мисла и државотворна пракса, воопшто! И доколку не се вратиме на градителскиот почеток на првата влада на независна Р. Македонија и со референдум не го вратиме европскиот Устав и единствените евро-атлантски норми и стандарти – нема ниту чекор да направиме напред во развитокот на македонската држава и народ, туку само ќе продолжиме да се суриваме во пропаста, а Балканот да тоне во „лудилото на народите“, како во времето на Рим.

Авторот е директор на ЦЕНЕСИ – Ценатар за Немилитаристички Стратешки Истражувања.