Интервју со Павле Воскопулос:

РЕШЕНИЕ ЗА ИМЕТО ЌЕ БИДЕ МОЖНО САМО КОГА ГРЦИЈА ЌЕ ГО ПРИЗНАЕ МАКЕДОНСКИОТ НАЦИОНАЛЕН ИДЕНТИТЕТ

(Преземено од МКД)


Еден од основачите на Виножито, политичката партија на Македонците во Грција, во разговор за МКД.мк е претпазлив кон оптимизмот што деновиве го наметнаа македонските и грчките политичари за проблемот што Грција го има со нашето име. Воскопулос смета дека, сепак, влошената позиција на Грција пред западните партнери може да има некакво влијание во решавањето на проблемот со името.

Како го оценувате оптимизмот во врска со можно брзо решение за проблемот за името, кој последниве недели беше искажан и од грчката и од македонската страна?

– Секако дека кога повторно почнува некој процес за решавање на еден проблем, дури и кога е ирационален, кај сите има оптимизам. Од наредните чекори на двете страни ќе се покаже дали тоа ќе биде можно или не. Суштината и причината е дека Република Македонија мора да стане членка на НАТО. Западен Балкан мора да биде во евроатлантските структури.

Има ли реална основа навистина да може да се најде компромисно решение на задоволство на двете страни?

– Компромисно решение може да има ако Грција го признае и го почитува македонскиот национален идентитет. Во тоа е клучот на наметнатиот проблем со името на македонската држава од страна на Грција. Може да се најде еден вид техничко решение, за мене и познатата референца „поранешна југословенска Република Македонија“ е еден вид „компромис“, но Грција останува со истиот став, за неа не постои македонска нација.

Освен проблемот со македонското малцинство во Грција, дали на Атина навистина и се исплати со Македонија да ја води оваа валкана игра пред целата меѓународна заедница?

– Сметам дека Атина сега не е во иста позиција како порано. Економската криза, проблематичните реформи во Грција, одбивањето да се спроведат веќе договорените работи со западните партнери во сферата на економијата… ќе влијаат и врз решавањето на македонското прашање. Намален е кредибилитетот на грчката страна, а на промените во Република Македонија западните одлучувачки центри гледаат од друга перспектива.

Зошто меѓународната заедница е толку немоќна пред ваквите апсурдни барања на Грција во врска со името?

– Сметам дека меѓународната заедница има одредени канони. Конкретно, и за НАТО се бара апсолутно мнозинство. Прашањето е, на пример, што ако во една земја-членка на НАТО има ептен тоталитарна власт, избрана од народ, а дејствува антизападно? Ова е голема тема. Што и како да се прави во овие асоцијации, во овие партнерства, сојузништва на земји-партнери, при ваков начин на функционирање. Меѓународните интереси сега ги тераат одговорните да го актуализираат случајот, членството на Република Македонија во НАТО.

Често укажувате дека без признавање на македонското малцинство, Грција нема шанси да мрдне ни милиметар во однос на блокадите на Македонија во ЕУ и НАТО поврзани со спорот за името. Каде е излезот?

– Македонското малцинство е друга компонента и не е поврзана со зачленувањето на Република Македонија во НАТО. Генерално мерило околу функционирањето на демократијата е почитувањето на малцинствата во една организирана држава. Грција е далеку од тоа, но ја имаше таа среќа да стане членка на НАТО и на ЕУ кога на меѓународно ниво малцинските права не беа број 1. Тешко може да има излез од ова ако нема реформи во Грција поврзани со грчката национална идеологија. Во суштина кога таа реформа ќе значи подготвеност на грчкото општество да ја признае македонштината, постоењето на современата македонска нација, тогаш навистина ќе можеме да бидеме вистински оптимисти.

Според она што го видовме на митингот во Солун, дали може да се каже дека се работи за мали, маргинални, невлијателни групи што го организираа протестот, или сепак се работи за важни елементи на грчкото општество?

-Да, секако тоа се мали групи што го организираа протестот, но основата е таа, основата е во општата грчка идеологија создадена околу оваа тема. Просечниот Грк со години е „трениран“ да мисли така и да се однесува така како оние учесници на неделниот митинг. И да немаше митинг, ситуацијата немаше да биде поинаква, тоа се позициите на грчките политички партии. Грција се уште е далеку од она што можеме да го наречеме политичка демократија. Тука ние Македонците настојуваме да помогнеме да се спроведуваат тие реформи во Грција, да се уриваат малцинските стереотипи, стравови и комплекси меѓу граѓаните на Грција.

А. Д.