Иванов – Темер:

ПОТТИК ЗА СТОПАНСКАТА СОРАБОТКА МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И БРАЗИЛ

(Преземено од МИА)


– Се отвораат можности за продлабочување на идната соработка меѓу Македонија и Бразил, особено на економски план, оценил претседателот Ѓорге Иванов по денешната средба со неговиот бразилски колега Мишел Темер, во рамки на правата посета на Бразил, информира Кабинетот на Претседателот на РМ.
– Постигнавме визна либерализација за нашите граѓани, ја поттикнавме стопанската соработка и веќе до институциите на Бразил е поднесена правната рамка за регулирање на нашите билатерални односи, изјавил Иванов, оценувајќи ја неговата неговата посета на Бразил како историска, а за која е повод е отворањето на првата амбасада на Македонија во Латинска Америка.
Оценувајќи ја средбата како содржајна и конструктивна, Иванов рекол се разговарало за досегашната соработка што ја имаат македонските компании и поединци во Бразил и можностите кои ги нуди Македонија за да можат бразилските компании да бидат присутни во нашиот регион.
Потенцирал дека Македонија и Бразил имаат одлична мултилатерална соработка. Македонија, навел, секогаш ги поддржува кандидатурите на Бразил и исто така е во групата што ги поддржува иницијативите на Бразил за реформи на Советот за безбедност на ОН. Бразил, како што додал македонскиот претседател, е една од најбрзорастечките економии во светот, членка на Г20 и членка на БРИКС, и отвора огромни можности за културна, научна и соработка во сите други области.
Во обраќањето на заедничкиот ручек со бразилскиот претседател, претседателот Иванов изразил надеж дека и Бразил ќе отвори своја амбасада во Република Македонија, додавајќи дека македонската држава високо го цени признавањето на нашето уставно име од страна на Бразил. Во план е, навел, и склучувања повеќе билатерални договори со кои ќе се дополни правната рамка за соработка во повеќе области, трговијата, земјоделството, образованието, науката, медицината, инженерството и технологиите.
Претседателот на Република Македонија попладне во палатата Планалто во Бразилија, беше пречекан со највисоки државни почести од страна на бразилскиот претседател Мишел Темер.
Во рамки на посетата на Бразил, претседателот Иванов ќе присуствува на свеченото отворање на Амбасадата на Република Македонија во Бразилија, прва резидентна македонска Амбасада во Латинска Америка.
Вчера, Иванов оствари средби со д-р Пауло Скаф, претседател на Федерацијата на индустрии на Сао Паоло и Едуардо Виера, претседател на Федерацијата на индустрии на Рио де Жанеиро.