Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов:

ЖЕСТОКО РЕАГИРАМЕ НА СИТЕ ОБИДИ ЗА НЕГИРАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

(Преземено од „МИМ“)



Македонскиот јазик се соочува со предизвици, некои се стари и локални, а други современи и глобални. Негирајќи ни го јазикот некои се уште ја следат погубната логика на непризнавањето и исклучувањето, истакна претседателот Ѓорге Иванов на свечената академија по повод 60-годишнината од основањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“-Скопје.
– Затоа, како општество, жестоко реагираме на сите обиди да се избрише терминот „македонски јазик“ од меѓународните регистри и извештаи. Како држава, решителни сме да ги заштитиме и да ги промовираме македонскиот јазик и македонското творештво, како дел од светското духовно културно наследство. Институтот за македонски јазик има важна улога на овој план, рече Иванов. Додаде дека со самото тоа што денес македонскиот јазик го зборуваат неколку милиони луѓе во Република Македонија и надвор од неа, иднината е обезбедена и сигурна.
Тој на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ денеска му го додели признанието Повелба на Република Македонија.
– Со оваа Повелба ја искажуваме нашата искрена благодарност на Институтот за шестдецениската научно-истражувачка дејност на полето на проучување и негување на македонскиот јазик. Со Повелбата ја изразуваме нашата почит кон вработените, кон членовите на научно-истражувачкиот кадар што веќе 60 години доследно и посветено ја исполнуваат мисијата и визијата на Крсте Петков Мисирков, истакна претседателот Иванов.
Шефот на државата, кој е покровител на свечената академија, потенцира дека Институтот одбележува шест децении исполнети со проучување, негување и промовирање на македонскиот јазик, кој е нашето најголемо духовно културно богатство. Додаде дека Институтот им помогнал на многу македонисти, македонски пријатели од целиот свет за да ја разберат Македонија.
– Имаме суверена, независна и самостојна држава, Република Македонија. Нашите деца безгрижно го учат и го користат мајчиниот јазик. Бројните книги и публикации напишани на македонски литературен јазик се издаваат без страв дека ќе бидат забранети, запленети или уништени, рече Иванов.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска посочи дека Институтот е институција која е вистински афирматор на научната вистина за Македонија и за македонскиот јазик.
– Македонскиот јазик е дел од нашето богато наследство, тој е компонента која го детерминира нашиот идентитет и без него идентификацијата во светски контекст е невозможна. Токму затоа грижата за македонскиот јазик е наша неодминлива обврска која мораме да ја демонстрираме на сите рамништа и во сите сфери на неговата употреба, рече Канческа-Милевска. Потсети на бројните монографски трудови за македонскиот јазик кои ги издал Институтот, како и капиталната публикација која, како што рече, се вброи во врвните достигнувања на македонската лингвистика, делото од највисок национален интерес, Толковниот речник на македонскиот јазик.
Директорот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“-Скопје проф. д-р Гоце Цветановски истакна дека срцевината на македонската нација е македонскиот јазик.
Од името на целиот колектив, Цветановски изрази благодарност за Повелбата и додаде оти тоа е признание за севкупната активност на сегашниот научен кадар, но и на претходните генерации кои целиот живот работеле на полето на македонскиот јазик.