Култура

СРЕДНОВЕКОВЕН КИРИЛСКИ РАКОПИС СЕ ЧУВА ВО РУСИЈА

(Преземено од МИА)


- Македонски кирилски ракопис од средниот век, богатство на Македонците од Албанија, се чува во Русија.

- Орбелскиот или Ербелскиот триод претставува средномакедонски кирилски ракопис кој потекнува од втората половина на XIII век и има 241+4 пергаментни листови. Ги содржи двата дела на триодот, посниот и цветниот, како и пирамии и делови на уставот, вели Никола Ѓурѓај, уредник на весникот „Илинден“, единствен македонски весник во Албанија.

Во ракописот се спомнуваат и имињата на Светите браќа Кирил и Методиј, како и имињата на преподобните пустиножители Јован Рилски, Јоаким Осоговски и Прохор Пчински.

- Името го носи според селото Орбеле (Ербеле), Маќелара денес во Албанија, каде што е пронајден. Селото порано преставувало голем црковен центар. Триодот потекнува од Охридската книжевна школа. Текстот покажува жанровско единство со химнографските делови во минеите и во октоисите, додава Ѓурѓај, нагласувајќи дека оваа информација ја добиле од нивните руски пријатели.
Средномакедонскиот кирилски ракопис се чува во Националната библиотека во Сант Петербург, Русија.