Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов:

ВРАЌАЊЕ КОН ТРАЈНИТЕ МОРАЛНИ И ЕТИЧКИ ВРЕДНОСТИ И ПРИНЦИПИ

(По македонскиот печат)


Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов упати честитка по повод празникот Свети Климент Охридски до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски Стефан и до сите православни верници.

Денешниот ден е посветен на најискусниот и најпросветениот ученик на светите Кирил и Методиј, а тоа е нашиот голем народен светител и просветител – свети Климент Охридски. Поаѓајќи од неговата длабока вера во Господ Исус Христос, св. Климент неуморно работел на образовно, морално, етичко и духовно издигнување на народот на Македонија. Не давајќи им сон на своите очи, тој кај луѓето ги всадил позитивните навики на срцето – солидарноста, трудољубивоста, гостопримливоста, трпението, милоста. Овие навики кои станале дел од колективниот карактер на народот, ни помогнале не само да ги пребродиме бурите на историјата, туку и да изградиме автентичен македонски модел на соживот и почитување на различноста, стои во честитката.

Во неа претседателот додава дека во изминативе години исполнети со политички кризи, за жал, дел од овие навики паднаа во заборав. – Во основата на сите кризи е моралната криза. Единствен начин како трајно да се надмине политичката, е, пред се, да се надмине моралната криза на нашето општество, преку враќање кон трајните морални и етички вредности и принципи кои пред повеќе од 11 века ни ги пренел св. Климент Охридски. Така ќе успееме да изградиме хумано и праведно македонско мултиетничко и мултирелигиско општество, се наведува во честитката.