Конференција на земјите од Јадранската Повелба

ИВАНОВ: АРГУМЕНТИТЕ ЗА БЛОКАДА НА МАКЕДОНИЈА НЕМААТ МЕСТО ВО ПРОЕКТОТ ЗА ОБЕДИНЕТА ЕВРОПА

Милчо Велески
(Преземено од МРТ)


Македонија ги исполни сите критериуми за членство во НАТО. Аргументите за блокадата немаат место во проектот за обединета Европа- порака од претседателот Ѓорге Иванов на конференцијата на земјите од Јадранската повелба. Тој очекува Алијансата да остане доследна и да овозможи да исчезне последната сенка од блоковската поделба на Балканот и Европа. Земјите од А5 групата ја поддржуваат политиката на отворена врата на НАТО и очекуваат наскоро и Македонија и Босна и Херцеговина да бидат дел од Алијансата, стои во заедничката изјава од конференцијата…
Европа не може да биде обединета сѐ додека има држави од регионот што сѐ уште не се вклучени во евроатлантските институции. Јадранската повелба претставува јасна порака за отворената врата на НАТО, порача претседателот и врховен командант на оружените сили, Иванов пред генералите. Сепак, Македонија предолго чека пред отворената врата на Алијансата. Иако Берлинскиот ѕид падна точно пред 28 години, НАТО и ЕУ како сѐ уште да се заробеници на сенката на блоковската поделба, истакна шефот на државата.
„Аргументите за блокада на Македонија се аргументи измислени за време на студената војна, кои немаат место во проектот за обединета, слободна и мирна Европа. Со НАТО ги споделуваме истите вредности, интереси и приоритети“, истакна шефот на државата, Ѓорге Иванов.
Проширување на соработката, но пред сѐ и солидарност меѓу земјите од регионот во заложбите за интеграција во НАТО. Земјите од А5 групата, мора меѓусебно да се поддржуваат во интерес на безбеден и стабилен регион. Поддршката од САД останува.
„Да ги отвориме вратите за повеќе проекти, повеќе можности за заедничка обука, се со цел единиците да бидат подготвени, да бидат заедно распоредени, да добијат искуство во изведување на заеднички операции. Сметаме дека АРМ со своите постигнувања и во иднина треба да ја има поддршката од нашиот партнер, САД“, рече генерал-потполковник Методија Величковски, началник на ГШ на АРМ.
„Убеден сум дека ќе продолжиме да ги надградуваме нашите цврсти односи со лидерите на земјите од САД и Јадранската повелба, обидувајќи се да ја зајакнеме и зголемиме безбедноста во Југоисточна Европа, да ја продолжиме интеграцијата во НАТО и да придонесеме кон колективната безбедност на Европа. Европската команда на САД ќе продолжи да се залага за евроаталантскиот пат на овој регион, вклучувајќи и идно членство во НАТО на Република Македонија и Босна и Херцеговина“, изјави генерал потполковник Тимоти Реј, заменик командант на копнените сили на САД во Европа.
Хрватска и Албанија се членки на НАТО од 2008-та, а Црна Гора стана 29-та членка пред пет месеци. На конференцијата потврдени цврстите заложби за јакнење на воената соработка.
„Во последните 10 години тоа што беа успеси и резултати кои се постигнати низ Американската- јадранска повелба, но и низ други иницијативи, се само доказ дека се движиме во вистинска насока“, смета бригаден генерал Илија Даковиќ, в.д началник на ГШ на ВС на ЦРНА ГОРА.
„Со ширењето на НАТО се проширува зоната на сигурност и стабилност. Наш интерес е сите членки на А5 еден ден да бидат во НАТО, а подоцна и во ЕУ“, изјави контраадмирал Роберт Храњ, директор на ГШ на ВС на Хрватска.
Годинава за првпат на средбата во фокусот комуникациите и информатичките системи, односно справувањето со сајбер заканите. Потребна е подобра координација и размена на информации во справувањето со глобалните закани.
Јадранската група првично како А3, под покровителство на САД, ја формираа Македонија, Хрватска и Албанија. Во 2009-тата им се приклучија Босна и Херцеговина и Црна Гора.