Единаесети октомври светол датом за македонската история

ИСТОРИСКИ ИСТРЕЛ ШТО ГИ ОБЕДИНИ СИТЕ ПУКОТНИЦИ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

(Преземено од „Нова Македонија“)


Денот 11 Октомври е светол датум за современата македонска историја, датум што симболично го означува почетокот на оруженото востание и Народноослободителната борба на македонскиот народ во Втората светска војна. Датум што нераскинливо е врзан за Прилеп, бидејќи првите востанички истрели се слушнаа во градот под Марковите кули. Истрелите на младите борци беа продолжение на борбата и непокорот што низ вековите го давале прилепчани. Токму и затоа, Прилеп и годинава достојно и со голем број манифестации ќе го одбележи празникот. Ќе има настап на детскиот хор „Мали ангели“, изложба на скулптури од Никола Смилков, огномет со формирање на македонското знаме и концерт на групата „Синтезис“. Но што точно се случило на тој 10-ти спроти 11 октомври 1941 година, пред да се чуе востаничкиот истрел, и кои други настани му претходеле детално е забележано во монографијата „Прилепскиот истрел – 71 година од утрешнината“ од авторката Елизабета Митреска. По повод големиот празник, пренесуваме дел од тие историски сеќавања.
„…10 октомври, сабота, пазарен ден во Прилеп. Од сите страни во градот, уште од темни зори, пристигнуваа луѓе од околните села. Секој брзал да купи по нешто. Денеска е уште поживо во Прилеп. Ги гледаш прилепските гимназисти во друштво со своите колеги од Битолската гимназија, кои се дојдени на другарска посета. Меѓу прилепските гимназисти не се гледаат Крсте, Душко, Блаже, Миле… Битолчани се чудат како ги нема, кога тие беа секогаш главатари на сите излети и веселби. Не можеа да насетат дека во овие моменти тие ги стискаа пушките во своите раце и со нетрпение чекаа да го ’поздрават’ со достоен ’поздрав’ окупаторот. Тие се веселеа со иста радост во друштво на своите браќа работници. Сите беа со иста мисла, со иста цел – борба до конечно ослободување“, забележува Митреска во монографијата, опишувајќи го тој ден во кој се слушна востаничкиот истрел.
Во групата за напад на Участакот биле Душко, Миле, Аспарух, Максо…, во ударната за кинење жици Крсте, Базерко, Оцка, Чашуле, додека за напад на затворот Благоја, Козар, Перо, Кољо, Душан, Јонче. По успешната реализација на зададените задачи, групата се вратила од местото одредено за собиралиште. Пукотниците се слушале од сите страни, а на зборното место ги пречекале Тарцанот и Борка, кои од преголема радост ги прегрнуваа и бакнуваа, што достојно ја завршија задачата, односно го започна оруженото востание.
Душко Наумоски, кој го истрелал првиот истрел, оставил сеќавање за тој ден.
Веднаш по изведената акција на Участакот, нашата петорка се растури и, според планот, се повлече во собиралиштето. Јас до толпата на Маркови кули се пробив со судни маки. Бугарската полиција го сети правецот на нашето повлекување и се обиде да ни ја пресече отстапницата. Додека се вртев низ сокачињата на Врбеско Маало, тие веќе на мотори беа стигнале до монополот и на раскрсницата за малку што не се судрив со нив. Тие профучија право кон Варош, а јас низ сокачињата во населбата Под Сенарникот се обидов да се приберам под толпата. Во меѓувреме, Бугарите зафатиле позиција над Варош и ’бришеа’ со пушкомитралезите низ стрмнините на Маркови кули. Како се прибрав до собиралиштето негибнат не знам… Таму ги најдов затскриени само другарите Трајко Тарцан и Борка Талески, а подоцна ни се придружија Миле Коке, Благоја Корубин, Перо Крстески, Мице Козар и уште еден другар. Немаше многу време за чекање. Предводени од Тарцан тргнавме низ процепот и се спуштивме кон Заград… До близу Мажучиште одевме со забрзан марш…. Со нас го носевме оружјето со кое бевме во акцијата…“, се вели во сеќавањето под наслов „Стоте метри на Борка“ на Наумоски.
Коле Чашуле, пак, за тие денови, додека разговаравме, јас како новинар а тој како учесник во НОБ и писател, често велеше дека со денови се подготвувале за акцијата, која била успешна и која го трасирала патот на Народноослободителната војна.
Единаесетти октомври беше историски истрел. Ги обедини сите пукотници на македонскиот народ во борбата за самостојна држава – ми велеше Чашуле.
И така е. По тој 11 октомври многумина Македонци, прилепчани, ги дадоа своите животи, ама ја извојуваа слободата. На голем дел од нив во Прилеп им се подигнати спомен-обележја, другите се дел од сеќавањето на меморијалниот комплекс „Могила на непобедените“. За овој настан доволно сведочи историската поставка во меморијалниот музеј „11 Октомври“, или попознат како Участакот, кој пред повеќе години комплетно беше реконструиран, со обновена историска поставка.