Светска банка:

КОРЕКЦИЈА И НАМАЛУВАЊЕ НА РАСТОТ ЗА МАКЕДОНИЈА

Свето Николовски


Македонската економија годинава ќе испорача раст од 1,5 проценти. Светска банка со надолна корекција во октомвриската проекција, откако во април ни прогнозираше позитива од 2,8 отсто. Главна причина- политичката криза…
Растот на македонската економија годинава забави поради политичката нестабилност во првото полугодие и ќе достигне 1,5 наместо очекуваните 2,8%, се вели во октомвриската прогноза на Светска банка. За в година растот на нашиот БДП би достигнал 3,2%, односно 3,9% во 2019-та.
Во извештајот „Миграцијата и мобилноста“ тимот на банката од Вашингтон појаснува дека како главни двигатели на растот ги смета потрошувачката, придвижена од зголеменото вработување и инвестициите. Буџетскиот дефицит би достигнал до 3% од БДП, а Светска банка очекува негово намалување до 2,2% до 2019-та.
c За земјите од Западен Балкан, вашингтонските банкари предвидуваат за годинава во просек раст од 2,8%, а за наредната 3,2%. Највисок раст се очекува од Црна Гора и од Косово 4,2%, односно 4,1%. За Албанија се предвидува раст од 3,6%. Економијата на БиХ ќе порасне за 3%, а на Хрватска 2,9% и Србија 2,3%.
Економскиот раст на регионот на Европа и Централна Азија охрабрува, и годинава ќе достигне 2,2%, што според главниот економист Ханс Тимер е најсилен раст од 2011-та и ја надмина мајската прогноза за 0,3 процентни поени.
„Растот во Европа и Централна Азија е резултат на посилното индустриско производство и поголем извоз во последните месеци, повлекувајќи ги повеќето земји во регионот од рецесија“, изјави Ханс Тимер, главен економист за Европа и Централна Азија на Светска банка.
Истовремено Тимер предупредува на ризик, новите технологии кои обезбедуваат нови можности за раст носат пофлексибилни договори за работна сила и поголема несигурност.