Култура

ОБJАВЕН ЗБОРНИК НА ЧЛЕНОВИТЕ НА ДПМ

(Преземено од „Нова Македонија“)


Под наслов „Македонски писатели“ деновиве излезе од печат биобиблиографски зборник на членовите на ДПМ, а по повод јубилејот 70 години од формирањето на македонската писателска асоцијација. Публикацијата на ДПМ, со исцрпни биобиблиографски прилози и со фотографии, ги претставува сите генерации македонски автори, од основоположниците на Друштвото на писателите, Блаже Конески, Славко Јаневски и Ацо Шопов, до најмладите претставници на македонската книжевна сцена. Во ова досега најобемно и најсеопфатно издание посветено на писателите во Македонија се нотирани околу 13.000 наслови објавени на македонски, албански, турски, српски, влашки, ромски, хрватски и бошњачки јазик. Делата се од областа на поезијата, романот, расказот, критиката, есеистиката, литературата за деца, драмата и книжевната наука.

Преку означување на првите изданија на сите наслови објавени од ослободувањето до денес, зборникот на ДПМ го претставува богатството на современата македонска литература во најзначајните фази од нејзиниот развој, како важен влог во македонската национална и културна историја.