Галичка свадба

СТУДОТ И ДОЖДОТ НЕ ГИ ИЗБРКАА СВАТОВИТЕ

Киро Кипроски


За два дена беа изведени триесетина атрактивни свадбарски обичаи и ритуали. И покрај неповолните временски услови, венчавањето на младенците, 31-годишниот Бошко Лепчески и 28-годишната Тања Чаловска, двајцата по потекло од Галичник, што живеат во Скопје, а кое го изврши архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, со монашкиот хор, беше величествено
Променливото време, кое вчера беше присутно во Галичник, бидејќи температурата на воздухот се спушти за десетина Целзиусови степени и изнесуваше 15 додека се изведуваа свадбарските обичаи, а повремено врнеше и дожд чиј интензитет се зголеми до завршување на свадбата, сепак не ги избрка сватовите.
И 44-то издание на атрактивната туристичка манифестација „Галичка свадба – 2017“, кое се одржа изминативе два дена, уште еднаш го оправда своето постоење. За два дена беа изведени триесетина атрактивни свадбарски обичаи и ритуали. Сепак, венчавањето на младенците, 31-годишниот Бошко Лепчески и 28-годишната Тања Чаловска, двајцата по потекло од Галичник, кои живеат во Скопје, кое го изврши архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, со монашкиот хор, беше величествено. Младите си ветија заемна љубов и почитување во заедничкиот живот, а игуменот им посака повеќе дечиња.
Со големо внимание свадбарските обичаи ги следеа неколку илјади посетители од повеќе западноевропски држави, од САД, Австралија, министрите за култура и за информирање Роберт Алаѓозовски и Роберт Поповски, како и амбасадорите на САД и на Велика Британија во нашата држава, Џес Бејли и Чарлс Гарет.
Во неделата наутро свадбарските обичаи продолжија со канење на мртвите на гробиштата што се наоѓаат на спротивната страна на Галичник, со канење на кумот, бричење на зетот, на строј, одење по невестата, веселба во куќата на невестата, бодињање, венчавање, носење на невестата на вода…
На платото пред опеаната чешма Упија беа одиграни повеќе свадбарски ора и обичаи, по што, и покрај неповолните временски услови, организацијата мина беспрекорно, а гостите задоволни го напуштија Галичник.