По самитот во Трст

ЗЕМЈИТЕ ОД БАЛКАНОТ ЌЕ СТАНАТ ЧЛЕНКИ НА ЕУ – НЕКОГАШ

(Преземено од МКД)


Министрите одобрија акционен план за „регионална економска зона” и го поддржаа Договорот за транспортна заедница.
Европската Унија се надеваше дека ќе добие цврст список од земјите од Западен Балкан на самитот во средата, но сè што доби беше млитаво ракување, вели Политико.
„Треба да ја преосноваме Европа“, рече францускиот претседател Емануел Макрон на прес-конференцијата на Самитот за земјите од Западен Балкан, на кој присуствуваше заедно со германската канцеларка Ангела Меркел, италијанскиот премиер Паоло Џентилони и регионалните лидери.
„Погледнете што сè прави во последно време Европа за да ги дефинира недостатоците и празнините што треба да се решат. Таму ќе бидат земјите-основачи, а оние што сакаат да им се приклучат ќе можат да го сторат тоа. Ќе работиме на овој проект во текот на следните неколку месеци“, рече тој.
Меркел потврди дека кревките југоисточноевропски држави ќе станат членки на ЕУ – еден ден.
„Самитот во Западен Балкан ни покажува дека нашата заедничка должност е да се осигуриме дека овие земји се развиваат добро и дека полека но сигурно се движат кон ЕУ“, рече таа.
Средбата, последна во серијата самити покренати од Меркел откако ЕУ во 2014 година одлучи да го запре проширувањето, е осмислена да ги задржи земјите од Западен Балкан ангажирани со блокот. Расположението, сепак, беше под знакот на умерени очекувања.
Најновиот предлог на Брисел за да го приближи Балканот под своја закрила е „заеднички регионален пазар“, со цел да се усогласи законодавството и да се отстранат нетарифните пречки за водењето бизнис. Но ЕУ посвети малку енергија за справување со прашањaта што го блокираат напредокот на Балканот.
Планот им овозможува на лидерите да се фокусираат на техничките прашања како признавање на професионалните квалификации, а да ги избегнат трнливите, долгогодишни билатерални прашања во регионот – или жестоко да ги туркаат земјите кон пристапот во ЕУ.
Премиерите, министрите за надворешни работи и за економија на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија го прифатија акциониот план за т.н. „регионална економска област“.
Планот е разводнета верзија на целта поставена по помалиот самит на регионалните премиери во Сараево во март, кога лебдеше идејата за заедничка царинска унија.
Но предлогот за царинска унија се покажа непопуларен, особено кај Црна Гора и Косово – чии мали економии се потпираат на увозните тарифи и на кои не им се допаѓа идејата да се откажат од своите приходи.
Исто така постои и загриженост дека новата царинска унија ќе има несакани последици врз процесот на интеграција на регионот.
„Некои земји се загрижени дека ова ќе биде замена за ЕУ, или дека ќе биде реконструкција на Југославија“, рече српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, за Политико.
Регионалната економска област, од друга страна, е „нешто за што секој може да се согласи, и со тоа на ум, ние сме задоволни“, рече Дачиќ.
Другите регионални лидери, пак, покренаа прашања за пристапот на ЕУ кон Балканот, вели Политико.
„Ние не треба да ја земаме ЕУ здраво за готово, но тие треба да ја земат здраво за готово нашата посветеност кон ЕУ“, рече министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, на форумот на лидерите на граѓанското општество и министрите за надворешни работи, во исто време нагласувајќи ја посветеноста на земјата кон пристапувањето.
Регионалната зона најмногу ќе се фокусира на спроведувањето делови од Централноевропскиот договор за слободна трговија, или ЦЕФТА, во кој сите земји се членки од 2007 година (Косово таму сè уште е претставувано од Мисијата на ООН на Косово), вели сајтот.
Најконкретен исход од средбата во Трст беше потпишувањето на Договорот за транспортна заедница, кулминација на речиси еднодецениски преговори. На него не се потпиша само Босна и Херцеговина, бидејќи нејзиниот помал ентитет, босанската Република Српска, ја блокира земјата.
Тоа го поттикна Брисел привремено да ја суспендира финансиската помош во вредност од половина милијарда босански марки (околу 250 милиони евра) и некои веќе одобрени средства наменети за регионални проекти, инфраструктура и транспорт.
Но, и покрај овие предизвици, лидерите нагласија дека нивните аспирации сè уште се врзани за ЕУ.
„Со сите предизвици со кои се соочува Европската Унија, вклучувајќи го и брегзитот, желбата на овие земји да се приклучат во Европа е начин Европа да се почувствува атрактивна, што во моментов недостига“, рече македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров.
„Подготвеноста на Унијата да ја заврши работата и да го оствари тоа е шанса за Европа да покаже дека може да ги подобри работите и да биде самомотивирана“, додаде тој.
Некои лидери на ЕУ повикаа на поконкретни планови и цели за Западен Балкан.
Потенцијалните членки „треба да имаат јасна цел, со конкретни датуми за неа, за да можеме да кажеме ‘Вашите напори ќе имаат крајна цел и нема да бидат залудни’“, изјави италијанскиот министер за надворешни работи Анџелино Алфано.
Но и покрај разговарањето за соработка, двете страни очекуваат само скромен напредок.
„Намалувањето на нашите очекувања од ЕУ доаѓа природно како одраз на намалувањето на очекувањата на Унијата од самата себе“, рече албанскиот премиер Еди Рама за Политико, пофалувајќи ја способноста на самитот да донесе „нормалност“ во регионот.
„Но во услови на материјалните ефекти врз луѓето – она што ни беше ветено за поврзување на луѓето преку инфраструктурата – ние сме многу далеку од она што се очекуваше.“