Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов:

ТИРАНСКАТА ПЛАТФОРМА СО ЕДЕН УДАР ГО УНИШТИ ДОГОВОРОТ ОД ПРЖИНО

(Преземено од МИА)


Тиранската платформа доведе до институционална криза, блокада за Влада, неизбор на претседател на Собрание, вели македонскиот претседател Ѓорге Иванов во интервју за виенскиот дневен весник „Винер цајтунг“. Во интервјуто Иванов изразува разочараност од ЕУ, поради отсуството на осуда за тиранската платформа, со која според него, се уништил договорот од Пржино.
– ЕУ е импотентна и без моќ. Тие го водеа целиот процес и го донесоа Пржинскиот договор од 2015 година со кој требаше да излеземе од кризата. Но, Тиранската платформа доведе до институционална криза, блокада за Влада, неизбор на претседател на Собрание. Европската унија и Америка беа вклучени со цел да се реши политичката криза. Но тие не ги осудуваат оние што им го попречија решавањето на политичката криза и што создадоа институционална криза. А тоа се Еди Рама и албанските политичари, кои им го срушија целиот труд овие две години. Тиранската платформа со еден удар го уништи договорот. Сега сме во институционална криза, што нема врска со Пржинскиот договор, истакнува Иванов за „Винер цајтунг“.
Во интервјуто претседателот Иванов јасно посочува дека Македонија нема поинаква стратешка цел од членството во ЕУ и НАТО.
Прашан за евентуална можност да се бира Влада во Собранието, без определен мандат од страна на претседателот, Иванов со став дека тоа е правно неиздржано. – Тоа е само желба. Тоа е правно неиздржано. Таква влада нема да има легитимитет. Ова јасно е наведено во нашиот Устав. Согласно член 90 од Уставот, само претседателот на државата може да го определи мандатот за состав на Влада. Во таков случај би имало две влади. Актуелната, која е техничка влада, и влада која што е без легитимност од претседателот, односно без уставна основа. Значи ќе влеземе во уште поголема криза, вели Иванов.
Во интервјуто, претседателот Иванов објаснува дека од прогласувањето на независноста на Република Македонија, секогаш прво пласираната партија на изборите го добивала мандатот за составување на Влада.
-По изборите на 11 декември, јас го сторив она што и јас и моите претходници секогаш сме го правеле, на победникот на изборите му се доделува мандатот за состав на Влада, вели македонскиот претседател.
– Но, ВМРО-ДПМНЕ не успеа да коалицира со партиите на македонските Албанци, во предвидениот рок од 20 дена, согласно Уставот. Да бидам попрецизен, коалицијата всушност беше договорена. Но, во последниот час имаше телефонски повик – и коалицијата се распадна, одговара претседателот Иванов.
На прашањето „кој бил повикувачот“, Иванов одговара: „Вие сте новинар. Вие можете да го истражите тоа“.
Прашан што ќе се случи доколку некогаш се избере претседател на Собрание, а шефот на СДСМ повторно се договори со партиите на македонските Албанци и посака да состави Влада, Иванов со став дека на таква коалиција нема да го даде мандатот.
– Јас на таква коалиција нема да го дадам мандатот, и тоа од политички причини, вели Иванов во интервју за виенскиот дневен весник „Винер цајтунг“. Иванов исто така беше запрашан и за тоа како ја гледа новата администрација на САД под новиот претседател Доналд Трамп, кој одговари дека на Трамп треба да му дадеме време. Прашан за коментарите од руското МНР за случувањата во Македонија, Иванов со став дека Русија никогаш не се мешала во Македонија, дека само го искажала своето мислење и оти тоа е легитимно.
Во однос, пак, на претстојното австриско претседателство со ОБСЕ и можното засилено влијание на Австрија во регионот, претседателот Иванов вели дека Австрија е голем пријател на Македонија.