Kакви комплекси, какви будалштини

„СОРОСОИДОТ“ ПЛЕВНЕЛИЕВ НЕ НИ ОСТАВИ ПРОСТОР ЗА ДИЛЕМИ

Ристо Никовски
(Преземено од „Дневник”)


Познато е дека потурчените се поголеми Турци од вистинските. За нив се вели дека се покатолици од папата. Тука некаде е и досегашниот бугарски претседател Плевнелиев, кој потекнува од македонско семејство од егејскиот дел и затоа мора да се докажува и да биде најголем јаничар. Сепак, заслужува наша благодарност за изјавата пред да замине. Тоа е лекција за сите во земјава кои не сакаат да веруваат (ова е далеку најблаг израз) каква е вистинската, трајна и целосно координирана бугарска политика кон Македонија. За разлика, пак, кај нас нема ништо што би можело да се нарече некаква политика кон Бугарија. Сите импровизираат и се поставуваат добронамерно кон тие што н` игнорираат и затоа, на крајот, излегуваме крајно недоветни. Во целина, се однесуваме аматерски и неодговорно.
Без никакво сомнение, идеолог и креатор на оваа политика е Бугарската академија на науките (БАН). Затоа, оваа изјава на Плевнелиев мора да биде последна опомена, поука и водич за МАНУ во соработката со оваа институција, која во последно време, се чини, с` подинамично се реализира на многу некритичен начин. Kомуникациите треба да се развиваат, ама крајно внимателно, за да не се влетува, како досега, во нивните суптилни антимакедонски шеми.
Kако претседател, Плевнелиев досега ова не можеше отворено да ни го каже и добро е што сега му олесни на душата. Ни даде одличен повод за мнозина кај нас да се освестат бидејќи картите се целосно отворени и нема никаков простор за дилеми. Ако не сме подготвени да се соочиме со вистината, проблемот е наш. Всушност, исто така срамежливо, млако речено, се однесуваме и кон Вашингтон, Брисел… кои се носители на разгромот на македонизмот.
Што, всушност, ни порача Плевнелиев со „Македонија треба да влезе во ЕУ и тоа е кауза и за Бугарија, но не и македонизмот. Македонија е една идеологија, која е не само антибугарска, туку и антидемократска“!? Тој уште верглаше на оваа тема за да заклучи: „Искрено мислам моите деца и децата на нашите браќа од другата страна, во Скопје, да бидат браќа…!“
Прво, со Бугарите не сме и не можеме да бидеме браќа. Ниту ние, уште помалку нашите деца. Ние сме Македонци, а тие се Бугари. Желбата да сме „браќа“ значи дека сите сме Бугари. Ние – „неосвестени“. Реченицата е и неиздржана: неговите деца и децата на „нивните браќа“ од Македонија – генеолошки може да бидат само братучеди, а не „браќа“! А, можеме и мораме да бидеме само добри пријатели.Многу работи н` поврзуваат, ама тие имаат недостижни амбиции.
Второ, Плевнелиев јасно ни потврди дека за нив, ние сме – втора бугарска држава. Поотворено не можеше да ни каже дека Македонци како народ за нив – дефинитивно нема.
Трето, директно ни се соопштува дека нема надеж во ЕУ да влеземе како Македонци, со македонски јазик, македонска култура, традиции… Kако што веќе и се најавуваше, Бугарија тоа нема да го дозволи. Покрај Брисел и Атина, и Софија реафирмира блокада која, да бидеме начисто, може да биде најригорозна. Бугарската позиција кон Македонија е суштински полоша од грчката. Атина не негира дека сме посебен народ, јазик… ама само да не сме – Македонија и Македонци… поради брендот. Со друго име на државата, народот, јазикот… тие широкоградо ќе н` поддржат. Тоа е нереално, невозможно и неизводливо, ама Софија прифаќа само дека сме „Бугари“.
Четврто, оценката дека нашата држава е „антибугарска и антидемократска идеологија“ го покажа нискиот интелектуален капацитет на Плевнелиев, ама и апсурдноста на бугарскиот синдром кон земјава. Да ја наречеш Македонија „антидемократска идеологија“ е чиста небулоза. Бесмислица. Постоењето на еден народ и на една држава можеш да ги квалификуваш на разни начини, ама тоа во никој случај не може да биде ниту „идеологија“, а уште помалку „антидемократска“. Човекот не знае што зборува. Не му е јасно каде може да ги употребува изразите.
Ова е одличен повод во Софија да се инсистира на објаснување – дали е тоа нивниот официјален став за Македонија? Не дека тоа не го знаеме, ама ова е сврзано и со членството во ЕУ и ова е можност да се осуди нивниот нецивилизациски однос кој н` враќа во 18 век. Бугарските политичари ретко вака експлицитно ги негираат Македонците. И врз тамошната реакција, мора да се организира дипломатска офанзива во Брисел, Стразбур (Советот на Европа и ЕП), Вашингтон, Берлин… Москва, Пекинг… со меморандум со кој ќе се бара осуда на ваквата политика и поддршка за Македонија. Истото треба да го стори и Иванов со своите колеги. Немаме дилеми дека и западните центри стојат зад таквиот фашистички и шовинистички однос кон државава и народот, ама наше е тоа да го направиме видливо, да го ставиме на маса бидејќи никој од нив не се гордее со таквата политика. С` додека ние молчиме, карванот ќе си врви. Ако, пак, нашата офанзива стане жестока и секојдневна, сите ќе мора длабоко да се замислат. Само така можеме да ги промениме нештата. Аргументите се на наша страна и мораме да ги користиме. Ни се отвори пат за широка акција и голема штета ќе биде ако не ја искористиме. Сме отспале многубројни слични ситуации, а најверојатно така ќе биде и сега.
Оваа изјава мора максимално да се користи за наметнатиот договор за пријателство и соработка. Ова е потврда дека толку инсистираат на истиот бидејќи целта е бришење на македонскиот народ. Така, каква било наша стратегиска отстапка, како што беше случај со срамната Декларација од 1999 година, би била рамна на (второ) самоубиство. Нашата страна треба само да прашува – дали ова ваше барање е на линија на изјавата на Плевнелиев од 22 јануари 2017 дека ние не постоиме како народ и дека сме „браќа“? С` што е нереципрочно мора да се одбива без дискусија, со забелешка – извинете, ама ова не може да се бара од „браќа“!
Впрочем, без дискусија треба да се одбие с` што е поставено на нерамноправна основа. На бугарската страна мора јасно да ~ се стави до знаење дека таков договор може да потпишат само македонскиот и бугарскиот народ преку своите држави и истиот мора да биде и на македонски јазик, според меѓународната практика, без никакви мајмунлаци со спомнување на уставите, како во 1999. Ако тоа не се прифаќа, преговорите треба да се прекинат.
Без таков цврст однос, само покажуваме дека ништо не ни е свето и дека сме подготвени на с`. Затоа и н` третираат со блокада, уцена и ултиматум – прво името, потоа членство. Досега, ние официјално не сме ја отфрлиле таквата силеџиска политика на Брисел. И, нормално, тие си ја тераат истата песна, а другите, како и Софија – ги следат.
Дека изјавата на Плевнелиев ја означува трајноста на бугарската политика кон Македонија, зборува и еден друг пример. Веќе подолго време, на националната и сателитска телевизија ФОЛK, постојано се емитуваат песни на чист македонски јазик кои се локално компонирани и ги исполнуваат бугарски пејачи! Таква е речиси секоја втора песна! Тоа се кукавичини јајца кои ние не ги забележуваме, а би морале официјално да бараме објаснение – што значи таа практика? Случајот воопшто не е наивен. Смислен е од нивните врвни стратегиски планери. Сака ли некој од странците подобар доказ дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот? Еве, нека ги слуша песните што на нивната телевизија се емитуваат со години! Во прашање е тешка донкихотовштина, ама така функционира Бугарија кога сме ние во прашање. Досега – успешно. Доколку имаме дипломатија, таа мора да реагира и во Софија и пошироко. Ако не ја раскринкаме оваа подлост на време, ќе н` удри по глава.
Плевнелиев, инаку, не се прослави како претседател. Очигледно не беа задоволни ни од ГЕРБ, партијата што го кандидира. Затоа, нема втор мандат. Весникот „Телеграф“ од 19 јануари 2017 година го испрати со подолг текст под наслов „Слугата на Сорос си заминува од дното“. Го оценија како американски послушник и фалбаџија кој се закитува и со дела реализирани од владата.
На последната прес-конференција, Плевнелиев мандатот си го оценил како успешен додека, според весникот „Сега“ од 20 јануари 2017, потпретседателката Попова „го полеала со студена вода!“ Таа в лице му рекла дека направил многубројни грешки, дека општеството го остава поделено, дека се откажал од тајните служби… Kаракачанов го смета за најслаб претседател досега, а Бојчев од БСП смета дека бил целосно зависен од ГЕРБ и од Бојко Борисов.
Во долго интервју за весникот „24 часа“ од 16 јануари 2017, Плевнелиев се пофали дека Обама бил негов близок пријател со кого имал 25 средби и 30 со Меркел. Нагласи дека тие го имале бројот на неговиот мобилен телефон без да спомене дали и тој ги имал нивните. Со големо задоволство истакна дека последниот септември (значи за време на ГС на ООН, 2016), во ист ден трипати се видел со Обама! Го слушал кога зборувал во ГС, потоа бил на ручекот на кој бил и тој и „долго си прикажувале“ иако седеле на различни маси?! Вечерта бил поканет и на приемот при што и се сликале, а Барак и Мишел толку силно го прегрнале, што му се подигнало сакото! „Горд бил“ што мандатот му завршува во исто време, само два дена по Обама! Сепак, најспецијален момент во политиката му бил кога германскиот претседател, Гаук, „со минути му ја држел раката, пред сите медиуми!“ Во транс заклучи: „Јас сум Обама, јас сум Меркел, јас сум Гаук“!
Жалосно и срамно. Kакви комплекси, какви будалштини!