Денот на руската дипломатија во Битола

ШЧЕРБАК: СО НАМЕТНАТА ОДЛУКА ОД НАДВОР НЕМА РЕШЕНИЕ ЗА КРИЗАТА

(Преземено од МИА)


Руската Федерација е убедена дека граѓаните во Македонија имаат долга историја и висока култура и може самите да решаваат како сакаат да живеат во својата држава, изјави рускиот амбасадор Олег Шчербак.
На одбележувањето на Денот на руската дипломатија во Битола, Шчербак порача дека само одлуката на граѓаните на Македонија може да придонесе за долгорочно разрешување на кризата и никаква наметната одлука од надвор не може да обезбеди стабилна држава и затоа треба самите да решавате за себе, одговарајќи на новинарско прашање дали западот се меша во внатрешните работи на Република Македонија.
Рускиот амбасадор изјави дека дипломатијата на неговата земја својата надворешна политика ја гради врз темелите на меѓународното право, а клучен принцип на меѓународното право е, како што рече, немешањето во внатрешните работи на други држави. ­
„Без строго почитување на тој принцип, во современиот свет не е можно да се почитуваат другите принципи, а тоа се принципот на сувереноста и независноста на други држави. Русија е една од првите што ја признаа Република Македонија под уставното име, ја смета за суверена и независна држава и е против други држави што го прекршуваат овој темелен принцип на меѓународното право“, изјави Шчербак.