По повод објавувањето на книгата „ГНЕВОТ НА ПРАВДАТА“ на Георги Христов

ЈАН ПИРИНСКИ: ЕДЕН ЖИВОТ И ДЕЛО ПОСВЕТЕН НА МАКЕДОНСТВОТО

Проф. Димитар Мирчев


Има вистина луѓе кои низ сиот свој живот и творештво олицетворуваат и инкарнираат една силна идеја, кауза и мисија, вкоренета и нескршлива во духот и срцата на својот народ. Меѓу нив е бездруго Георги Христов, со своето перо, мисла, знаење и искуство посветени на македонството. Збирката „Гневот на правдата“ е токму длабоко сведоштво на таквиот живот и дело но и на голготите и историски предопределените соочувања, драми и предизвици во опстојот на неговиот народ. Па сепак, Христов не е само човек „од перо“. Тој е педагог, публицист и новинар, поет и литерат, историчар и хроничар, организатор и активист, јавен работник познат меѓу Македонците во сите нејзини делови. Во 2003 г. Објавена му е поетската збирка „Попатен изгрев“.
Оваа пак збирка ги содржи неговите статии, воведници, колумни, критики и полемики, објавени во в. „Народна волја“ што од 1992 г. излегува во Благоевград. Таа година, весникот кој прв пат, во 1980 г. се основа и се издаваше во Австралија па потем во Лондон, прејде во Благоевград а Христов од тогаш го води како главен и одговорен уредник. Неговите текстови а овде се поместени стотина, заокружуваат една опсежна а хомогена целина, не само тематски туку и национално-духовно и национално-историски. Несомнено, збирката му припаѓа на врвот на современата македонистика и култура, која авторот ја збогатува со еден исклучителен придонес. Авторот се потпишува и како Георги Ројанов и како Јан Пирински, симболично асоцирајќи на легендарниот Пирински цар.
Со секој ред во збирката, Христов покажува истрајност во докажувањето и потврдувањето на идентитетот, самобитноста, автентичноста на македонската национална свест, опстој и самоодржливост. Наспроти сите историски па и денешни обиди, настојувања и чинидби тој народ да се оспори како народ и реалност. Каракачанов, Божидар Димитров и мнозина во Бугарија и денес тврдат дека Македонизмот е „злостор против човештвото“; Кофос, Светас, Коинтрос и мнозина во Грција сеуште тврдат дека Македонизмот е „кражба на историјата, културата, јазикот и чувствата“ на соседите, кај другите соседи пак едноставно се претендира на етничката блискост, на територијата и географијата на овој народ. Христов дава чудесно конзистентен одговор на тие оспорувања и претензии.
Посегот по тие свети вредности на еден народ и неговите малцинства, не е секојпат лесно да се препознае а уште потешко е да му се даде отпор. Тоа и во модерните држави, независни, европеизирани и демократизирани а сепак оптоварени со своето минато, со своите историски трауми и фрустрации, но и со своите закоравени сништа, митови и мегали-идеи на големо-државје, супериорност над другите, „несреќна“ историска судбина. Па нека се тоа Сан-стефански, Берлински или Букурешки или Призренски сништа и мегали-идеи. А бидејќи тоа се модерни држави, ќе го употребат и сиот арсенал за асимилација на „другите“ и соседите, на нивните малцинства и етникуми; без разлика на формализираните права на човекот и неговиот групен идентитет. Хрватскиот културолог Златко Крамариќ, ќе напише на едно место дека додека во тие држави ваквата свест не се еманципира од стегите на минатото- тешко ќе ги признаат слободата и правата на другите. А што дотогаш бидејќи за другите, потиснатите може да биде доцна? Не верувам дека времето работи за тоа. Дотогаш, како што тоа го насловува Георги Христов- гнев и отпор на вистината и правдата, но и борба и одржување на духот и свеста. И самиот тој лично е пример за тоа, но им дава пример и на сите Македонци раштркани и онеправдани во светот и на Балканот.
Односот кон македонските малцинства во нам околните земји е типичен случај на одржувањето и развојот на нивниот национален идентитет и свест, една исклучително тешка и би рекле утописка мисија; јас сепак би рекол и возможна и реална и потентна мисија. Мисија што ги става на сериозен тест демократските системи и свест кај македонските соседи. Проучувајќи ги нивните сегашни и важечки национални доктрини, доаѓаме до заклучок дека сеуште се папочно врзани за концепцискиот етно-романтизам и примордијализам на 19 век а тоа се концепти одамна напуштени во современата наука и теорија. Денес во социологијата, културологијата и политологијата превладуваат концепциите на етно-симболизмот, модернизмот и етно-идентитетската теорија; оние на Антони Смит, Бенедикт Андерсон, Ернест Гелнер, Вил Кимлика и др, кои велат дека доколку едно население или дел од население се чувствува различно од другите- има право така да се чувствува! И потем, нема обврска да докажува, зошто и од кои причини така различно се чувствува! Причините- дали се историски, религиски, територијални, крвно-сродни, дури и митски и митолошки- не играат улога.
Потем, оваа теориска концепција ја презема и школата на познатиот современ политички филозоф Џон Роулз, кој во својата светски позната студија „Правото на народите“, чувството на само-идентитет на луѓето, етникумите, националностите го врзува за суверенитетот па и во меѓународна смисла. Што значи- го оделува од суверенитетот на државите и следствено го врзува за „суверенитетот на народите па и на народните и други малцинства, се разбира доколку не е наспроти оној на мнозинствата“ ! Но македонските соседи допрва треба да дојдат до тие вистини. Засега, многуте пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, многуте извештаи на Советот за човекови права на ОН во Женева или пак на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, во случајот Македонија против Грција, не одиграа некоја позитивна и ефикасна улога.
Но, „Гневот на правдата“ на Христов е едно живо сведоштво дека полека, бавно па сепак темелно работите се движат нанапред. Збирката не е хроника или хронологија на модерната македонска политичка и културна историја, барем од 1992 г., од годината на независност и сувереност на Република Македонија, макар што има и таков карактер, барем гледано од аспект на Македонците во Пиринскиот дел. Збирката е повеќе една историска публицистика која го рефлектира реагирањето, осетот и опстојот на македонството во Пиринскиот дел, толку многу натрупан, особено до 1996 г. со притисоци, потиснување, закани и асимилациски напори но и со гнев и отпор на тоа. Но и самиот Христов вели дека, прво, тие биле неуспешни, второ дека тоа не биле чувства и настојувања на бугарскиот народ и трето- дека македонството опстојува. Книгата е еден збир на написи за тоа дека полека „историјата“ и свеста за неа- кај сите нас полека се менува, дека настаните и личностите од кои мнозина правиме митови- сепак остануваат во незаборав и влијаат на младите поколенија.
Има во збирката прекрасни бисери и мали ремек-дела на перото, стилистиката и политичката или социјална анализа. Такви се првите, „И Бог не ти помогна!“, „Црквата Света Петка Бугарска“, или подоцнешните- „Универзалниот документ во заштита на човековите права и слободи“, „Иднината нема да ги трпи демагозите и лажците“ или пак оние од последната декада: „Има ли анти-македонска пропаганда во Бугарија?“, „Како може да се развие вистинско пријателство меѓу соседите“, „Соработката на БАН и МАНУ“. И многу други. Да не зборуваме за ударните редакциски текстови што не ги потпишувал Христов. Во резиме, вистина може да се каже дека авторот ни претставува кристално јасно еден поглед и став на македонството и за македонството во специфични услови на пиринското малцинство, едно настојување но и „историја што е во тек“, да ги употребам зборовите на Антонио Грамши. Впрочем и творештвото на големиот италијански мислител и револуционер, посебно „Записите од затворот“ на крајот на неговиот живот во затвор, имаат сличен карактер на едно смислено ангажирање на идеја и кауза во „историјата што е во тек“.
Отука, читањето на збирката „Гневот на правдата“ на Јан Пирински односно Георги Христов, дава подруг впечаток, целосен и интегрален, за еден поглед и за една интервенција во историјата, одошто кога написите ги читате поединечно или во списанието. Многу се надевам дека збирката ќе допре до што повеќе читатели особено од младото поколение, не само Македонци. Заради сите нас.

Проф. Димитар Мирчев
Член на Европската академија на науки и уметности, Салцбург, Австрија